Мобилните екипи, кои се достапни и кои функционираат при екстремно високите температури, се составени од доктор и болничар, кои одблиску ќе им даваат помош и поддршка на бездомниците со дистрибуирање вода, мерење на крвниот притисок, а за потешките и интервентни случаи ќе биде обезбеден и транспорт, информираат од Црвениот крст на Град Скопје

АКТИВНОСТИ НА ЦРВЕНИОТ КРСТ НА ГРАД СКОПЈЕ ЗА ПОМОШ НА БЕЗДОМНИТЕ ЛИЦА

Македонија и целиот европски континент се зафатени од топлотен бран, во кој температурите на воздухот ќе достигнуваат и до 41 степен. Во поголемиот дел од земјава, вклучувајќи го и главниот град, ќе биде активно портокалово ниво на опасност од високи температури. Со пеколни горештини се соочуваат и голем број земји од Европа, па така, температури над 40 степени беа регистрирани во Франција, Шпанија и во Португалија.
На овие екстремни временски услови, најголем проблем имаат бездомниците, кои целиот ден го минуваат надвор, на отворено, без елементарни услови за живот.

МОБИЛНИ ЕКИПИ ЗА ПОМОШ НА БЕЗДОМНИЦИТЕ

Како една од мерките за заштита и превенција од топлотните бранови, кои секоја година го зафаќаат главниот град, тимот за одговор при катастрофи на Црвениот крст на Град Скопје, како дел од Единицата за дејствување и одговор при катастрофи, активно се вклучува во активностите за намалување на последиците од топлотните бранови на територијата на градот Скопје и околината, со цел намалување на ранливоста на населението во случај на природни катастрофи (топлотен бран), заштита на населението и подигање на свеста за навремено превенирање на последиците од истото тоа.
Во насока на подобар одговор, секоја година се обработува посебна програма за одговор и дејствување при зголемени температури и топлотни бранови во текот на летниот период.
Активностите на ова поле се поддржани од Град Скопје.
– Мобилните екипи, кои се достапни и кои функционираат при екстремно високите температури, се составени од доктор и болничар, кои одблиску ќе им даваат помош и поддршка на бездомниците со дистрибуирање вода, мерење на крвниот притисок, а за потешките и интервентни случаи ќе биде обезбеден и транспорт – информираат од Црвениот крст на Град Скопје.
Оттаму додаваат дека пунктот за бездомници, кој функционира веќе 14-та година, нуди повеќе услуги за лицата што немаат свој дом и има цел да овозможи тие да ги остварат основните човекови права и да се реинтегрираат во општеството.
– Давањето на хигиенските услуги во пунктот за бездомници е една од основните причини поради која бездомните лица го посетуваат пунктот. Бездомните лица во пунктот секој петок се капат, ги оставаат нечистите алишта да им се исперат и добиваат нови чисти алишта. Секоја среда и петок бездомниците во пунктот добиваат по еден оброк и напитоци.
Лицата во пунктот за бездомници добиваат бесплатна примарна здравствена заштита и бесплатни лекови. Доколку се потребни дополнителни лекувања за овие лица на секундарно и терцијарно ниво, тимот на Црвениот крст го дава својот максимум при изнаоѓање соодветни и алтернативни решенија за покривање на трошоците и за институционално сместување на овие лица од страна на државата како одговорен субјект во овие ситуации – информираат оттаму.
Како што велат од Црвениот крст на Град Скопје, психолошката поддршка и помош на бездомните лица што ги користат услугите во пунктот е неразделен сегмент во стручната работа, која се спроведува за побрзо и поуспешно надминување на социопсихолошките проблеми со кои се соочува оваа категорија лица.

– Преку најразлични психолошки методи и техники се работи на подобрување на интегритетот на личноста, зголемување на мотивацијата да се направи позитивен исчекор за повторно враќање во здравите општествени текови, како и воспоставување на психолошки баланс за нивно ефикасно и ефективно функционирање – потенцираат оттаму.
Тие истакнаа и дека нов сегмент во работата на овој профил е изготвување на работна биографија за секое бездомно лице поединечно, за подостапни податоци, како и за нивно понудување доколку се отвори ново работно место на пазарот на трудот. Профилот социјален работник дава поддршка во вадењето лични документи, олеснет пристап до социјални и здравствени услуги и сл. Работењето на пунктот за бездомници е финансиски поддржан од Град Скопје и повеќе компании и граѓани.
Во согласност со претстојните високи температури, како и грижата за здравствената и психофизичката состојба на бездомниците во градот Скопје, во пунктот за бездомници во Момин Поток на располагање ќе биде мобилниот телефон 071/223-972 за дојави на бездомници што се погодени од топлотниот бран.

НА ТЕРЕН И ЗА ДРУГИТЕ ГРАЃАНИ

Во 2022 година, во согласност со искуствата од претходната година и најавите за продолжена пандемија на ковид-19, сите активности се реализираа со почитување на здравствените мерки и протоколи на Владата на РСМ, Министерството за здравство, како и интерните протоколи за работа на Црвениот крст на РСМ. Сето ова е во насока на зачувување на здравјето на граѓаните, но и волонтерите на Црвен крст, кои како помагатели се изложени на директен контакт со повеќе категории лица, а поддршка им даваат и на лицата во изолација и самоизолација. Во согласност со оваа програма треба да се напомене дека членовите на тимот за одговор при катастрофи дејствуваат директно на терен преку мобилни екипи.
– Во рамките на теренските активности, 30 обучени волонтери и лекар/животоспасувач, со возила на Црвениот крст во текот на месеците јуни-јули, по претходно следење на препораките од УХМР и Министерство за здравство, излегоа на терен и патролираа на најфреквентните локации во градот (автобуски постојки, амбуланти, пазари..). На овие локации, преку директен контакт со населението, дистрибуираа информативни материјали/летоци со совети за заштита од топлотен бран, совети за консумирање и приготвување храна и препораки за консумирање вода. Исто така беа поделени 4.500 шишиња вода, а по потреба вршеа мерење на крвниот притисок – велат од Црвениот крст на Град Скопје.
Оттаму велат дека тимовите на неколку локации во градот Скопје и околината, вршеле мерење на крвниот притисок на граѓани што се пожалиле на здравствени проблеми.
– Во разговор со граѓаните беа посоветувани за начините за превенција од високите температури. Во интервентни случаи, доколку се забележеа посериозни здравствен проблем, тимовите вршеа транспорт до најблиската здравствена установа или, пак, до домот на лицето што има потреба од терапија во домашни услови – информираат тие.
Оттаму велат дека изработиле и летоци со совети и препораки за заштита од топлотен бран, како и летоци со совети за избегнување несакани пожари и превенција. Летоците биле дистрибуирани и преку припадниците на граничната полиција, кои во текот на летниот период спроведуваат превентивни активности /акција „Безбедно лето 2022“, со цел информирање на граѓаните и странците што патуваат и транзитираат низ нашата држава.