ЕСМ Дистрибуција соопшти дека нивните екипи во раните утрински часови успешно ги завршија сите предвидени и, како што наведуваат, исклучително сложени активности за санирање и отстранување на дефектот на магистралниот вод А во општина Центар, што поминува преку булеварот Кочо Рацин, на потегот помеѓу Веро Центар и Олимписки базен.
– По завршувањето на овие интервенции, во тек се активности на полнење на топловодите со што испораката на топлинска енергија до потрошувачите кои се снабдуваат од тој магистрален вод се нормализира и се обезбедува стабилно и непрекинато снабдување за сите потрошувачи во општина Центар. За дополнителни информации, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви (02) 3076 200 и 075 400 100- стои во соопштението од ЕСМ Дистрибуција.