Според податоците и истражувањата на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет на УКИМ во Скопје, периодот на повторување на силен земјотрес во скопското епицентрално подрачје е 500 години, изјави раководителката на оваа Опсерваторија, Драгана Черних.

Според неа, тоа укажува дека при градењето во Скопје треба да се имаат предвид техничките карактеристики на тлото, како и неопходноста од проекти со асеизмички дизајн за интензитет од IX степени според Европската макросеизмичка.

Земјотресот е природна појава која не може да се предвиди, ниту времето ниту локацијата, ниту неговата јачина и интензитет, што создава одредена доза на страв кај населението, а е предизвик и искушение кај сеизмолозите. Земјотресот во Скопје е еден од тие природни катастрофи, кој се случи на денешен ден во 1963 година, во 5 часот и 17 минути, со Рихтерова магнитуда 6.1 и интензитет од IX степени според Европската макросеизмичка скала, кога загинаа 1.070, а беа тешко повредени над 3.300 лица и беше почувствуван на целиот Балкански Полуостров.

Територијата на нашата држава се наоѓа во сеизмички активно, односно трусно подрачје, каде што во последното столетие веќе се случиле неколку катастрофални земјотреси, како што беа и земјотресите и во Пехчево во 1904 година и во Валандово 1931 во година.

Сеизмолошката опсерваторија во Скопје е и првата сеизмолошка инстуција во земјава, која е основана од Владата во 1957 година, како Сеизмолошка станица на Универзитетот во Скопје, која е единствената сеизмолошка станица што работела во времето на скопскиот катастрофален земјотрес.

Денес, Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, е единствена институција во Македонија која е задолжена да ја одржува сеизмолошката мрежа на Републиката, да врши постојано набљудување и научна анализа на целокупната сеизмичка активност на територијата на Републиката и пограничните подрачја.

– Таа одржува мрежа на постојани сеизмолошки станици телеметриски поврзани, во Скопје, Валандово, Охрид, Штип и Пехчево, современо опремени чии податоци пристигнуваат во Опсерваторијата во Скопје во реално време, овозможувајќи брзо одредување на параметрите на земјотресот што е многу важно во случај на почувствуван земјотрес – вели Черних.