На последната седница на советот на општината Центар, советниците донесоа одлука за усвојување на новиот ценовник на услуги и надоместоци на јавните паркиралишта, со која од 8 јануари поскапува паркирањето во Центар.

– Цените за паркинг за еден час на комерцијалните паркиралишта со кои стопанисува ЈП „Паркинзи на општината Центар“ ќе се зголемат за 20 денари. Ова зголемување се однесува само за паркиралиштата со наплата, додека цените за месечниот билет, дневната паркинг-карта и преостанатите услуги на ЈП „Паркинзи на општината Центар“ остануваат исти. Жителите на општината Центар и понатаму ќе можат бесплатно да ги користат комерцијалните паркиралишта и монтажните гаражи со кои стопанисуваме – велат од „Паркинзи на општината Центар“.

Донесувањето на ваквата одлука е со цел да се намали бројот на паркирани возила во централното градско подрачје, за да им се овозможат на жителите похумани услови за живеење. Во општината Центар живеат повеќе од 45.000 жители кои секојдневно се соочуваат со сериозен проблем со паркирањето и поминуваат по неколку часа во нивните автомобили барајќи слободно паркинг-место.

Од ПОЦ апелираат до граѓаните кои не се жители на општината Центар да ги остават своите автомобили и да го користат градскиот и алтернативниот превоз со цел да се реши проблемот со паркирањето, како и проблемот со загадувањето на воздухот и животната средина.