Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според Државниот завод за статистика лани биле родени 14.622 бебиња. Во тренд се женските имиња: Софија, Ана, Марија, Сара, Јована, Бисера, Мила, Илина, Калина и Ема. Од машките имиња најмногу се вртат Петар, Дамјан, Марко, Лука, Давид, Андреј, Матеј, Стефан, Калин и Јован

Габриел и Анастасија се имињата на првородените бебиња-близначиња на минута по полноќ на Клиниката за гинекологија и акушерство при Универзитетскиот клинички центар во Скопје. Дали нивните имиња ќе бидат најзастапени во текот на годинава, рано е да се каже. Во изминатата година Ведран беше името на првороденото бебе, на истото место и исто на минута по полноќ. Но Ведран не е дел од најпопуларните машки имиња за годината што измина.

Според податоците од Државниот завод за статистика, во изминатата 2019 година во земјава имало 14.622 живородени бебиња, од кои само во Скопје 4.638. Гледано по општини, најмногу бебиња се родени во општината Чаир, 709 бебиња. Во текот на 2019 година, матичарите забележале дека имало над 50 живородени двојки, односно бебиња-близначиња и осум тројки. Во нивната евиденција не се регистрирани четворки.
Што се однесува до имињата на новородените, машкото име Михаил втора година по ред ја држи челната позиција во категоријата најпопуларни машки имиња во Македонија, додека Јана, по една година пауза, повторно е на врвот во категоријата на женски имиња. Тоа се податоци кои се добиваат со спојување на регистрираните имиња во матично и имињата дадени при крштевање во црковните храмови.

Од машките имиња во 2019 година популарни биле и Давид, Стефан и Калин. Новите и модерни времиња имаат свое влијание и на женските имиња. Како најпопуларни во штотуку изминатата година се и Дениција и Катерина, велат од Управата за водење матични книги при Министерството за правда. Освен нив, во нашава земја во тренд се женските имиња: Софија, Ана, Марија, Сара, Јована, Бисера, Мила, Илина и Ема. Од машките имиња најмногу се вртат Петар, Дамјан, Марко, Лука, Давид, Андреј, Матеј, Стефан и Јован.

Она што е воочливо од официјалната матична евиденција на имињата на новородените деца е дека Михаил и Михаела се меѓу најкористените имиња во машка и женска варијанта. Машкото име Михаил доминира и во записите за извршените крштевки во поголемите црковни храмови во Скопје. Во запишаните крстени женски деца, исто така, женското име Михаела најмногу се врти во евиденцијата на свештениците. Освен овие две имиња, според она што ни го даваат како информација од црковните храмови во метрополата, на крстените машки деца најчесто им се давале имињата Дамјан и Давид. Во документот за извршената крштевка на девојчињата најчесто биле запишувани женските имиња, освен Јана, и Марија, Михаела и Калина.

Според одредени толкувања, името го заокружува идентитетот на една личност и секое име си има свое значење. Така на пример, машкото име Петар е со грчко потекло и означува камен, карпа. Игор има руско потекло и означува војник, стрелец. Машкото име, пак, Илија е библиско, со еврејско потекло и означува господ е мој бог. И Стефан е библиско име, со грчко потекло, а означува круна, венец. Александар е име што постојано се врти помеѓу новородените машки деца и означува воин и заштитник на луѓето. Зора или изгрејсонце означува машкото име Зоран, кое има словенско потекло. Никола, како што е познато, означува победа, а Горан има значење на човек од планината. Машкото име Драган се поистоветува со скапоцен човек.

Свое значење имаат и женските имиња, а најчестото Марија, кое е еврејско, значи од бога дадена. Опеаното и во песните, женското име Елена е со грчко потекло, а македонската верзија е Хелена, сончев зрак.

Ако машкото име Александар е заштитник на луѓето, женското име Александра е бранителка и исто така заштитничка на луѓето. Весна била словенска божица на пролетта, па оттаму ова женско име означува пролет. Старословенското име Билјана е исто така име што се врти помеѓу новородените девојчиња, а означува билка, растение. Виолета, пак, е латинско име и повеќе означува цвеќе со виолетова боја, како на пример темјанушка.

Од муслиманските машки имиња најмногу се вртат Муса, Дамир, Ахмед и некои други. Од женските популарни се Далила, Азра, Лејла, Зана.
Машкото име Џевдет значи добрина, совршеност, додека името Абаз означува намрштен. Надира е женско муслиманско име кое означува ретка, необична, скапоцена, додека значењето на женското име Недима е другарка.