На булеварот Србија, граѓаните сега побезбедно ќе поминуваат Фото: Игор Бансколиев

Сообраќајните експерти велат дека е добро кога градот во своите политики во прв план ги става пешаците. Освен тастерите, кои веќе се користат во многу градови во светот, има и други решенија, како на пример сензори или обојување на премините во жолта или портокалова боја, системи со хидраулика и со најава на пешакот дека сака да премине улица

По барање на граѓани, на семафорите на булеварот Србија, кај полициската станица, е поставен и пуштен во употреба првиот тастер со кој пешаците ќе можат да го активираат вклучувањето на зеленото семафорско светло. Со тоа тие сега ќе можат побезбедно да го поминат пешачкиот премин на овој исклучително фреквентен булевар. Навистина е добро што нешто се прави за пешаците. За нив е проблематично преминувањето на пешачките премини на одделни фреквентни сообраќајници, особено на оние каде што мораат да преминуваат преку две коловозни ленти со пешачки премини.

Најпрвин мора да чекаат да се вклучи зеленото на првиот пешачки, а додека стигнат до вториот, зеленото светло веќе се исклучува, па пешаците мораат повторно да чекаат. Вака е на пример на семафорската раскрсница кај зградата на НЛБ банка, на вкрстувањето на булеварите Климент Охридски и Кирил и Методиј или на семафорската раскрсница кај зелениот пазар, на вкрстувањето на булеварот Кочо Рацин со 11 Октомври. Од градот Скопје најавија дека вакви современи уреди ќе се поставуваат на повеќе семафори на булеварите во Скопје.
Сообраќајните експерти велат дека ако градот има политики да стави вакви сообраќајни решенија, тогаш сообраќајот ќе го направи многу поприемлив за сите учесници, особено за пешаците. Тие се навистина загрозена категорија и имало примери кога страдале токму на пешачки премин.

– Во многу градови во светот ваквите тастери одамна се во функција. Тие се добро решение и се користат во многу градови во светот, така што кога пешакот има потреба да помине на пешачкиот премин, само ќе го притисне тастерот и ќе си овозможи безбедно минување. Има и други интересни решенија, како на пример она со вградени сензори на пешачките премини, штом пешакот стапне на нив, светлата се вклучуваат и исклучуваат, со што се предупредуваат возачите да застанат. Потоа има решение со обојување на пешачките премини во жолта или портокалова боја. Има примери каде што пешачките премини се малку подигнати, што не треба да се споредува со т.н. „легнатите полицајци“. Потоа има системи со хидраулика, кој се подига доколку возачот вози над 50 километри на час и тој има страв од удар. Има и системи преку кои пешакот може да најави за поминување на сообраќајница. Ако градот води политики да ги стави во прв план пешаците, во многу поголема мера ќе се релаксираат и сите други учесници во сообраќајот – објасни д-р Никола Крстаноски, редовен професор на Техничкиот факултет во Битола.

На вчерашното официјално пуштање на тастерот на булеварот Србија, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, истакна дека еден ваков систем со притискање копче да се отвори пешачкиот сигнал ќе ја зголеми безбедноста на пешаците при преминувањето на улицата, особено на децата од оваа околина што одат на училиште.


Зошто е потребно да им се даде предност на пешаците?

Поставувањето на новиот тастер на булеварот Србија за нас претставува новитет, но во светот ваквиот концепт опстојува одамна. Во голем број европски градови сообраќајот е насочен кон давање предност на велосипедистите и пешаците. Тоа е така затоа што урбанистичкото планирање во Европа е насочено кон енергетската ефикасност. Системот на енергетската ефикасност во сообраќајот создава помало загадување, но и поголема безбедност во сообраќајот. Целта на овој систем е да им се даде предност на пешаците и да се намали автоцентричниот модел, што значи помалку автомобили, помалку загадување и побезбеден сообраќај.
Друг пристап претставува намалувањето на просторот за движење на автомобилите со поставување контејнери на самите коловозни улици. На овој начин се обесхрабрува користењето автомобили и добар пример е градот Барселона. Друг начин претставува поставување копче на пешачките премини, на кои има семафори, за пешаците да можат да активираат зелено светло и што побрзо да ја поминат улицата. Примерите за систем што им дава предност на пешаците се многубројни низ Европа и светот. Германија, Шведска, Австрија, Холандија, Шпанија и многу други земји на своите градски улици имаат инкорпорирано вакви системи.