Безбедноста, трките по булeварот Партизански одреди, уништувањето на урбаната опрема, но и капацитетите на полициската станица се проблемите со кои се судира општината Карпош. Од локалната самоуправа постојано испраќаат пријави до полициската станица Карпош и бараат санкции за сторителите и почести патроли за превенирање на овие појави. Во изминатиот период, општината донира и возило за потребите на ПС Карпош, за да се зголемат мобилноста и присуството на терен на полициските службеници. Сево ова беше повод за посетата на Карпош од страна на заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, иницирана од работната средба претходно со градоначалникот Стефан Богов.
За превенција и за актуелните случувања во Карпош се зборуваше и на одржаната седница на локалниот совет, а за сите актуелни проблеми градоначалникот Богоев го информира министерот. Токму поради ова за поголема безбедност на граѓаните во општината Карпош во населбите веќе дејствуваат десет тима позорникари, кои работат во смени, во различни делови на локалната заедница.
При посетата на Карпош, Спасовски посочи дека на територијата на градот Скопје наскоро ќе започнат да работат 350 нови полициски службеници, а мобилни ќе бидат и нови 12 нови полициски возила. Дополнително, се интензивираат патролите на булеварите Партизански одреди и Митрополит Теодосиј Гологанов за да се спречат трките по булеварите.
– Новиот закон за безбедност во патниот сообраќај, кој би требало да се донесе во текот на годината, предвидува трајно да се справиме со овој горлив проблем – рече министерот Спасовски.
Меѓу другото, на средбата во Карпош се разговараше и за загадувањето на кејот на реката Вардар, јакнењето на капацитетите на МВР во човечки ресурси за да се придонесе за зголемена присутност на полицијата на овој потег и спречување на дополнително загадување на воздухот за време на есенскиот и зимскиот период, санкционирање на загадувачите, како физичките така и правните лица.