Фото: Твитер / Дерек Шоле

Партнерството во НАТО, претстојното претседавање на Македонија со ОБСЕ, напредокот во евроинтеграцијата, заземање цврст став за корупцијата и состојбата во регионот, биле теми на телефонските разговари што ги имал советникот на државниот секретар на САД, Дерек Шоле со претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Димитар Ковачевски.

– Одлична можност да разговараме со претседателот Пендаровски за нашето силно партнерство во НАТО, претстојното лидерство на Северна Македонија со ОБСЕ, напредокот во пристапот во ЕУ, заземање цврст став за корупцијата и соработка да се донесе дополнителна стабилност и можност за Западен Балкан – напиша Шоле на неговиот Твитер профил.

Со Ковачевски, пак, како што наведува, имале продуктивен разговор за енергијата, борбата против корупцијата, и други клучни прашања.

-Му се заблагодарив за важниот придонес на Северна Македонија во НАТО и за правењето тешки избори потребни да се остане на патот кон евроатлантската интеграција – пишува Шоле.

Советникот на државниот секретар на САД, Дерек Шоле, требаше вчера, како што првично беше најавено од Стејт депратментот, да дојде во Скопје, но поради позитивен ковид-тест, ја одложи посетата по Нова година.

Шоле во земјава требаше да разговара со владини претставници за низа прашања, вклучително и за енергетиката, економијата и борбата против корупцијата, соопшти Стејт департментот.

– Жалам што ќе треба да го одложам моето патување на Балканот и во Брисел поради позитивен ковид тест. Ќе останам ангажиран за сите овие прашања во балканскиот регион и со нетрпение очекувам да го направам ова патување на почетокот на следната година – објави Шоле на Твитер.

Освен Макеоднија, во програмата на Шоле беа и посетите на Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Белгија. Целта на посетите, како што информираа од Стејт департментот, е да се нагласи трајната посветеност на САД за мирот, стабилноста и просперитетот на регионот.