Вработени во Територијалната противпожарна единица од Делчево им излегоа напомош на жителите од населбата Пролет, каде поради новите врнежи од дожд, дел од теренот е под вода.Во оваа населба на терен се и членови на Комисијата за проценка на штети од поплавите која ги регистрира оштетувањата настанати од поплавите кои претходно се пријавени од страна на граѓаните.
Поради новите врнежи кои со помал интензитет во изминатите три часа го зафатија градот, жителите од оваа делчевска населба повторно со кофи ја вадеа водата од подрумите во своите домови.
-Како што гледате сами се справуваме како знаеме и умееме, а потребни ни се пумпи за испумпување на езерото од вода која повторно надојде по денешните врнежи. Имаме и повозрасни граѓани кои не можат да се справат сами, исто и јас како родител на дете со посебни имам потреба од помош – вели Орце Крстевски, жител на населбата.
Како најголема причина за поплавата жителите ја наведуваат изградбата на потпорен ѕид под патот кој минува веднаш до оваа населба, кој според нив го блокира истекувањето на водата.
-Кога го ставаа тој ѕид велеа дека мора да се изгради иако ги предупредив дека може да дојде до ова што сега се случува. И ете како што гледате овде се е поплавено – додаваат тие.
Освен во населбата Пролет проблеми со поткопување на куќи имаат и жители во населбата Трети Реон.
-Над мене се наоѓа куќа од каде почна да паѓа земја близу до нашите прозорци. Почна брегот да се рони, страв ми ако продолжи дождот целата куќа да се сруши врз нашата – додава Ферчај жител на населбата Трети Реон.
Во моментот нема нови врнежи, но граѓаните стравуваат од влошување на состојбата доколку продолжи неповолната временска прогноза.