Кризна состојба предизвикана од десетици активни пожари: Надлежните служби и странската помош вклучени во напорите за гаснење
Повеќе пожари активно горат низ Македонија, при што најзагрижувачка е состојбата на планината Серта на територијата на општината Штип, зад селото Драгоево, во текот на повеќедневната кризна состојба во која е државата, вклучувајќи ја и воведената целосна забрана за движење во шумите од 6 до 20 часот. Воздухоплови од Србија, Хрватска, Црна Гора и од Турција се вклучени во гаснењето на огнот, додека и Европската комисија донесе одлука за мобилизирање помош за Македонија за справувањето со шумските пожари.
На Серта се гасне од земја и од воздух
Воспоставувањето контрола врз пожарот на планината Серта е исклучително тешко, изјави директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, додека во тек се обидите за гаснење од земја и од воздух, при што доаѓаше и до прекин на интервенцијата поради густиот чад.
Забележани се повеќе огнени точки на Серта, огнот гори покрај самиот пат, а дополнителен проблем претставува стрелиштето Криволак, и покрај истакнатиот добар ефект од леталата вклучени во гаснењето. Беше одржан и состанок на штабот за заштита и спасување во Неготино, по кој беше соопштено дека е предвидено гаснење на пожарот и од воздух и од земја, како и вклучување на сите воздухоплови што се на располагање, односно хеликоптери и „ер трактори“.
– Местото на планината Серта, кон самиот полигон Криволак, не е безбедно за дејство од воздух, ниту за дејство од земја. Таму се слушаат експлозии, истрели од неиспукани гранати и други неексплодирани експлозивни средства. Ќе се обидеме со формирање противпожарни пресеки, онаму каде што теренот го дозволува тоа. Да се изора со трактори и булдожери, за да не може огнот да се префрли преку нив – објасни Ангелов.
Директорот на ЦУК вчера имаше и брифинг со пилотите на хеликоптерите што учествуваат во гаснењето на пожарите, по што соопшти дека кон планината Серта треба да полетаат сите расположливи „ер трактори“ – три на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и два турски „ер трактори“, заедно со хрватски „канадер“.
– Ќе се обидеме денеска да воспоставиме контрола врз големиот пожар на планината Серта. Ќе дејствуваат воздухопловите, на земја имаме противпожарни единици на кои им се приклучуваат 100 војници од армијата, како и триесетина припадници на полицијата – посочи Ангелов.
Беше предвидено и на аеродромот Петровец да слета авионот „херкулес“ од Романија, кој носи т.н. водни бомби од над пет тона, како и уште еден авион што му служи како логистика.
Неколку опасни пожари бараат воздушна поддршка, се користат „ер трактори“ и хеликоптери
Во гаснењето на пожарите се вклучени два „ер трактора“ и еден хеликоптер од Турција, а завчера од Србија беше испратен противпожарен хеликоптер „камов ка-32“ со носивост од пет тони вода и седумчлен екипаж, додека Хрватска испрати „канадер“ со два екипажа.
Со активирање на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, во Македонија се распоредени четири хеликоптери и три противпожарни авиони од Хрватска, Словенија, Србија и од Турција.
– Подготвени сме да мобилизираме и дополнителна помош. Во пресрет на летово направивме значителни подготовки, со ангажирање на над 500 пожарникари, 28 авиони и четири хеликоптери распоредени низ цела Европа – истакна портпаролот на Европската комисија за хуманитарна помош и справување со кризи, Балаш Ујвари.
Во согласност со прогласената кризна состојба и одлуката на претседателката Гордана Силјановска-Давкова за ангажирање припадници на АРМ, стотина припадници на армијата од Вториот пешадиски баталјон и два хеликоптера и персонал од воздухопловниот ВИНГ, во координација со надлежните структури, се ангажираат во гасење на пожарите на неколку локации на планината Серта. Во логистичка поддршка на екипите при справувањето со пожарите, активен на терен е и Црвениот крст на Македонија.
Од ЦУК информираа дека имало вкупно 36 пожари на отворено, од кои до вчера активни биле 18. Ангелов нагласи дека за неколку опасни пожари, веројатно, ќе бараат воздушна поддршка. Станува збор за пожарите во општините Чашка, Долнени, Студеничани и Зелениково, додека тој во изјавата ги истакна и пожарите под врвот на Солунска Глава, како и кон Радовиш. Н.М.
Претседателката Силјановска-Давкова ги посети припадниците на АРМ
Претседателката на државата и врховна командантка на вооружените сили, Гордана Силјановска-Давкова, завчера ги посети припадниците на армијата вклучени во гаснењето на пожарите. Придружувана од заменик-началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, Силјановска-Давкова ги посети припадниците на АРМ ангажирани во гасење на пожарите во реонот на Пепелиште, Неготинско, едно од критично зафатените подрачја. Претседателката беше информирана за досегашниот ангажман на припадниците на АРМ од страна на Генералштабот.
– Армијата во досегашниот период дејствува со 100 припадници од Вториот пешадиски баталјон и со два армиски хеликоптери „МИ-8/17“, кои се ангажираат на локации по насоки на Центарот за управување со кризи. Македонските сили во овој реон дејствуваат со помош од воздухопловите на Турција, Србија и на Црна Гора – информираа од кабинетот на претседателката. Н.М.