И покрај студеното и снежно време граѓаните на Кичево се погрижија и годинава да ја запазат традицијата и за празникот Стара нова година – Василица, да запалат оган и да го одбележат овој ден според стариот обичај. Огнови се запалени во повеќе населби во Кичево, крај кои со чашка топла ракија, пржени домашни колбаси и зимница го одбележуваат овој ден. Има населби во градот во кои секоја година се избира нов василичарски кум, кој во наредната година ќе биде домаќин на одбележувањето и ќе биде задолжен да подготви топла ракија, колбаси, пита и десерт.
– Традицијата што во нашиот град се негува со децении продолжува да живее и оваа зима. Ни студеното и снежно време не ги премисли жителите од нашата населба да го запалат василичарскиот оган, а кумот кој се избра претходната година ќе ги пречека своите соседи со неизбежната топла ракија, пржени домашни колбаси, туршија, десерт и пита со паричка. Оваа практика ќе продолжи и годинава кога ќе биде избран василичарскиот кум за наредната година. Кумството го прима оној сосед на кого ќе му се падне паричката од питето кое се дели на сите присутни на одбележувањето – потсети Марко Стрезоски, жител во една населба во која се негува оваа традиција.
Музичките оркестри се неизбежен реквизит на ова одбележување, бидејќи тие кружат крај сите огнови во градот каде што се одбележува овој празник и со песна ќе го одбележат овој ден за што ќе добијат и одреден паричен надомест.
З.А.