Патрониот празник на црковниот храм „Свети Петар и Павле“ во Кичево, Петровден, ќе биде одбележан и со традиционалната мото-парада, што утре попладне по осми пат ќе се одржи во Кичево.
На мото-парадата ќе земат учество над двесте мотоциклисти од сите возрати и од обата пола. Стартот ќе се случи во поладнените часови од под јарболот со државното знаме поставен кај железничката станица Кичево. Со парадно возење караванот потоа ќе помине низ повеќе градски улици, а парадата ќе заврши пред црковниот храм чиј патрон се одбележува. Учесниците на мото-парадата ќе го посетат црковниот храм, каде што ќе запалат свеќи и ќе се помолат за здравје, а дружбата ќе ја заокружат со попладневно заедничко кафе во еден локал во градот.
– Секоја година на одбележувањето на верскиот празник Петровден, патрониот празник на црковниот храм„ Свети Петар и Павле“, организираме петровденска мото-парада која има се повеќе приврзеници, а годинава ќе очекуваат над 200 учесници. Не е важна возраста ниту марката на мотоциклот, важно е да се учествува и да се биде дел од овој веќе традиционален мото-караван. Расположението помеѓу мотоциклистите секогаш е на највисоко ниво и делуваме како една голема екипа што има желба да се дружи и да празнува – истакна основоположникот на оваа мото-парада, Владо Личоски.
Мото-парадата вообичаено ја следат голем број граѓани излезени на улиците. З.А.
Црковниот храм „Свети Петар и Павле“ во Кичево утре го слави својот патрон
Црковниот храм „Свети Петар и Павле“ во Кичево утре традиционално го слави својот патрон кај народот попознат како Петровден. Одбележувањето започна со вечерна богослужба што се одржа во 18 часот и која ја отслужија свештеници од Кичевското архиерејско намесништво.
– Одбележувањето на патрониот празник нашиот црковен храм „Свети Петар и Павле“ го започна со вечерна богослужба што беше отслужена во храмот во 18 часот од страна на локални свештеници. На Петровден во 7.30 часот ќе има утрена богослужба, додека во 9 часот ќе се одржи Света Божествена литургија со која ќе чиноначалствува митрополитот Дебарско-Кичевски и Плаошки Г-дин Тимотеј. По литургијата ќе се одржи и Водосвет и осветување на кумското лепче во дворот на храмот, а по завршувањето на осветувањето годинешниот кум ќе организира заедничка закуска за верниците присутни на ова одбележување. Секоја година црковниот храм во Кичево избира нов кум кој му служи на храмот наредните 12 месеци – истакна Александар Крстаноски, свештеник и професор на Богословскиот факултет во Скопје.
Пред 12 години на ден Петровден беше извршено реосветување на црковниот храм во Кичево, кој за прв пат беше осветен во 1910 година. З.А.