Моментално водоснабдувањето во Прилеп е стабилно. Од ЈП Студенчица доаѓаат околу 220 литри во секунда, плус од сопствени извори има уште околу 40 литри во секунда, велат од ЈКП „Водовод и канализација“.
Директорот Игор Гулабоски е оптимист дека водоснабдувањето нема да биде нарушено, по најава за октомвриски дождови, со што би се зголемила издашноста на изворот Студенчица, која моментално е 795 литри во секунда.
– Ќе се загрижиме доколку се намали издашноста на изворот. Затоа очекувам да се пребродат овие месеци. Сепак имаме план доколку издашноста на изворот Студенчица се намали. Најпрво би се намалила распределбата на вода по реони. Се надеваме дека ќе нема рестрикција. Второ решение е користење на 27-те бунари, кои пред да се пуштат во употреба треба да бидат средени. Тоа ќе се одрази лошо врз работата на ЈП, бидејќи работат со електрична енергија, која 750 проценти е зголемена. Ако тие бунари се вклучени уште повеќе ќе ја зголемимe сметката, која е сега над седум милиони денари. Уште повисоките сметки на струја, доколку не интервенира Владата, ќе го нарушат нормалното водоснабдување, односно сета наплата ќе оди за плаќање на електрична енергија – вели Гулабоски, потенцирајќи дека ако дојде до недостиг од вода, долгорочно ниту еден реон нема да остане подолго без вода.
Според него, зголемувањето од 20, 48 проценти на водата, од овој месец, било баланс во работењето на претпријатието.
– Сите ЈП се во незавидна состојба со зголемувањето на цената на електричната енергија и овој проблем не можат сами да го решат. Потребна ни е помош – додава Гулабоски, известувајќи дека 55 проценти имале загуба на вода, што било подобро во однос на просекот во Македонија, кој изнесувал 62 проценти. Овие загуби немало да влијаат врз нормалното водоснабдување на прилепчани.
Ка.М.