Манастирот Света Пречиста Богородица Кичевска, денес го слави својот патрон, раѓањето на мајката божја. По тој повод во овој манастир се одржa голем црковно-народен собир на кој присуствуваат повеќе илјади верници од речиси целата наша земја. Реки од христијани од сите страни се собраа во манастирот на богомајката.

Годинешниот кум на манастирот и неговата сопруга Мери изразија големо задоволство што служеле во манатирот изминатите 12 месеци.

-Ова се доживува само еднаш во животот да се биде манастирки кум. Пресреќни сме што му служевме на манастирот што го носи името на мајката божја и што на овој ден имаме чест и привилегија во манастирот да ги пречекаме верниците од целата земја – велат годинешните кумови.

Наспроти големиот празник, во манастирот од страна на свештенството беше отслужена вечерна богослужба, а во текот на претпладнето на самиот празник, покрај утрената богослужба, е отслужена и света архиерејска литургија со која чиноначалствува митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки господин Тимотеј со повеќе архиереи. На денот Мала Богородица традиционално кумот на манастирот за верниците подготвува празничен ручек на кој задолжително е застапено манастирско гравче. Традиција за овој ден е верниците за манастирот да даруваат облека, зејтин, а не малку верници на манастирот му подаруваат и добиток.

-Пред околу еден месец во нашиот манастир пристигна и копија од чудотворната икона од Почаевскиот манастир од Украина, што беше подарок на верници од нашата земја, претежно од главниот град. Оваа икона со поголеми димензии го зголеми интересот за овој манастир ширум нашата земја –вели Славе, верник од Кичево, редовен гостин на овој манастир.

Манастирот датира од втората декада на 13 век, а до денес во повеќе наврати е опожаруван и рушен од страна на освојувачите. Голем број верници кои имаат некои здравствени проблеми или немаат пород ноќеваат во манастирските конаци. Инаку Пресвета Богородица Кичевска има најголема манастирска црква во земјава со импозантни димензии, а последните години за манастирот интерес пројавуваат и многу странци од соседството.

З.А.