Битола

Почетокот на второто полугодие во основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ го обележа новиот еколошки систем на греење, кој веќе е поставен во училиштето, наместо досегашното греење со парен котел на дрва. Оваа инвестиција, во вредност од пет милиони денари, беше промовирана од страна на заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули и градоначалничката Наташа Петровска, откако општината Битола го посочи училиштето како проект во кој е потребно да се воведе ваков систем на греење.

– Ова е со еколошка инвестиција за чист воздух во ОУ „Кирил и Методиј“, каде што целосно се промени начинот на греење. Наместо огромното количество дрва, односно околу 130 кубни метри во текот на една грејна сезона, која зафаќала половина школски двор, а тука е и пепелта што е штетна, но и чадот, од денес ќе имаме еколошки инвертори, кои нема да загадуваат. Ова е добро и за децата и за околината, бидејќи емисиите од чад се ширеа и кон соседните згради и објекти. Според Европската агенција за животна средина, емисиониот фактор на еден кубен метар дрва емитува еден килограм ПМ 2,5 и еден килограм ПМ 10 честички, што значи 130 килограми помалку ПМ 10 И 130 килограми ПМ 2,5 честички во воздухот во Битола – истакна заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули.