ГЕВГЕЛИЈА

Во рамките на проектот „Низ женски леќи: покревање политики и буџетски иницијативи, следење на спроведувањето на локалните акциски планови за родова еднаквост“, чиј носител е Центарот за истражување и креирање политики, беше одржана првата онлајн форумска сесија во Општина Гевгелија.
– На форумската сесија учествуваа градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, претставници на општинската администрација, локалните институции и на невладиниот сектор, како и претставници на месните заедници од општината Гевгелија. Од страна на проектниот тим, составен од претставници на Центарот за истражување и креирање политики, едукативно-хуманитарна организација – Штип, Ромската асоцијација на жени и мажи, Руралната коалиција и здружението „Новинари за човекови права“, учесниците беа запознаени со имплементацијата на проектот и главните активности поврзани со буџетскиот форум, на темата „Специфични потреби на мажите и жените остварени преку процесот на родово одговорно буџетирање“ – информираат во Општината.

Главната цел на оваа прва форумска сесија била да се дефинираат проблемите и предизвиците според главните општински активности, односно ставки од општинскиот буџет.
– Пред дефинирањето, учесниците на форумот од страна на претставник од Одделението за финансии во Општина Гевгелија имаа можност да бидат запознаени со структурата на буџетот на Општина Гевгелија по конкретни програми и потпрограми. А, потоа во креирани работни соби, предвидени за тимска работа со по 3-8 претставника, да ги претстават социоекономските интереси и гледишта на граѓаните преку дефинирање на три до пет проблеми. И тоа од следниве области: социјална заштита, образование и воспитно-образовни институции; здравствена заштита и заштита од заразни болести; животна средина и комунални дејности, локален економски развој; урбанизација – изградба на канализациски и водоводни мрежи, локални улици, патишта, инфраструктура; заштита, спасување и справување со кризи, туризам, култура и спорт; родова еднаквост и општинска администрација. На крајот, детектираните проблеми во работните соби беа презентирани и дискутирани на сесијата – велат оттаму.
На следната онлајн форумска сесија, која е закажана да се одржи на 26 мај, на интернет-платформата Зум, со почеток во 11 часот, учесниците ќе имаат можност да дефинираат предлог-решенија за наведените проблеми и предизвици.