По повеќе од една година функционирање на дистанца, со работа од дома на компаниите, институциите, образованието и на другите дејности, сега голем проблем ќе претставува повторното враќање на работните места со физичко присуство. Психолозите и социолозите предупредуваат дека по сѐ што поминале луѓето, сега може да развијат посттрауматски стрес и ако не ја решат траумата огромен број вработени ќе почнат да боледуваат, ќе отсуствуваат од работа, ќе им се намали концентрацијата итн.

ПАНДЕМИЈАТА НЀ НОСИ ОД ЕДНА ВО ДРУГА КРАЈНОСТ

Пандемијата на ковид-19 нѐ соочи со многу предизвици, доведувајќи ги граѓаните од една во друга крајност. На почетокот заради превенција од заразата многу од фирмите се префрлија на моделот на работа од дома, а долго време функционираа така и институциите, образованието и многу други дејности. Сега со намалување на бројките на заразени се наметнува прашањето за враќање на старо, односно враќањето на работа што, според упатените, ќе претставува нов стрес. Психолошка помош велат дека ќе им биде потребна на сите без разлика во која професија се, но најмногу на здравствените работници и образовниот кадар.
– Најнапред се појава пандемијата, која нѐ принуди да живееме како во логор, како во затвор и, се разбира, дека сето тоа е штетно за личноста, одеднаш престанаа дружбите со пријателите, живеевме без свечености. Пандемијата од корен го промени нашиот живот. Луѓето поради тоа мораа да ги вклучат своите копинг-механизми и да се адаптираат. Сега со повторното враќање на старо, на работното место, нивото на стрес се зголемува и тие механизми ослабуваат и од состојба на стрес влегуваме во една состојба на траума. Градиме копинг-механизми и сега наеднаш не важи ова што сега го живееме. Сега прашањето е за изминатата година какви промени се случиле кај човекот, некои за време на пандемијата научија да готват, други читаа книги, но сега е во прашање оној важниот дел од личноста, каков бил нивниот живот, што поминале тие. Како да се вратат сега луѓето назад. Иако сме нестрпливи да се вратиме на она од порано, сепак нема да биде лесно. Сведоци сме на многу нешта, ќе има дел од луѓето што ќе се стискаат на работните места, но ќе се навикнат – вели психологот Мирјана Јовановска Стојановска.

Таа додава дека луѓето се трауматизирани, особено оние што прележале ковид-19 или им починал некој близок, а ќе реагираат и оние што се малку поемоционални. Ќе треба време, ако е можно организациите на своите вработени да им овозможат психолошка помош, со тоа ќе им помогнат многу на своите вработени и тие ќе бидат поефективни.
– На ниво на држава тешко е да се организира некаква психолошка организирана помош зашто сега луѓето седат дома. Ама кога ќе се вратат назад во канцелариите на своите работни места, работните организации треба да им обезбедат на луѓето психолошка помош и со тоа ќе им помогнат да се приспособат побрзо. И за нив ќе биде подобро како работна организација, ќе имаат попродуктивни луѓе, што побрзо ќе влезат во текот на работата.
Сите ќе имаме последици од оваа криза, нема некој што нема да има. Нема професија што не е погодена, луѓето со ковид-19, освен со својот живот, морале да се справат и со промените и со катастрофите на нивните работни места, така што на сите ќе им биде добредојдено кога државата би направила програма. Еве, Комората на психолози е подготвена за соработка со секој што ќе се пријави да направиме една платформа за психолошка помош, грижа за менталното здравје на вработените. Тоа е првичното ниво на превенција. Затоа што по сѐ, луѓето сега може да развијат посттрауматски стрес, година и нешто биле во траума, цело време под стрес, стрес, стрес и ако не ја решат траумата огромен број вработени ќе почнат да боледуваат, ќе отсуствуваат од работа, ќе им се намали концентрацијата, нема да сакаат да работат, нема да бидат заинтересирани – дополнува Јовановска Стојановска.

И за социолозите враќањето на она старото ќе биде тешко и многумина сметаат дека ќе бараат и натаму да работат од дома, како што тоа веќе се прави во некои земји.
– Ритамот што го живеевме, пандемијата го наруши, ги снема дружбите со пријателите, свеченостите. Една година и повеќе од тоа е долг период, се навикнувавме на овој живот. Сега кога ќе треба да се навикнуваме на ново, секој од нас ќе избегнува гушкање, тапкање по рамо. Ги имаме сите показатели дека во свет таков како што е ќе мора многу нешта да промениме. По Втората светска војна сега со пандемијава почувствувавме дека сите сме едно глобално село. Дојде од Кина и пандемијата ни го разори нашиот живот. Во социоекономска смисла ќе се променат многу нешта. Таа дистанца ќе трае, во себе секој човек го содржи тој однос кон другиот. Човекот како посебно битие кога ќе ја почувствува таа загрозеност, други механизми на одбрана му се активираат. Многу малку луѓе ќе има што тогаш рационално размислуваат и може да има експлозивни реакции. Во литературата стои дека ние сепак сме животински вид, а знаеме што се случува кога животните се напаѓаат. Емоциите може да бидат непредвидливи, себеси се браниме, не нѐ интересира другиот. Навиката да се работи од дома ако може да се работи од дома, 30 отсто ќе бидат дезориентирани и ќе има преиспитување. Потребни се истражувања за оваа проблематика, во некои држави веќе се бара работа од дома. Ќе трае подолго навикнувањето и не знаеме колку ќе трае тоа. Но знам дека голема помош ќе им треба на средношколците, на младите до 23-годишна возраст, во спротивно ќе имаат тешки последици – вели професор д-р Илија Ацески.