Гостивар
Пред девет години беа изградени, а сега се нефункционални јавните тоалети што се наоѓаат во центарот на Гостивар. Тоалетите лоцирани во близината на мостот на реката Вардар, наспроти зградата на правдата, одамна не се за користење, а кога се минува покрај нив, се шири неподнослива реа. Тие претставуваат потенцијално жариште за избувнување на некоја заразна болест. Демолирани се вратите, прозорците, чешмите и другиот инвентар. Пред очите на сите пропаѓа јавен објект од големо значење, а локалната самоуправа ништо не презема. Граѓаните реагираа кај локалната власт, која две години раководи со општината и таа не покажува интерес јавните тоалети да ги стави во функција. Не го прави тоа ниту сега кога властите апелираат на поголема хигиена. И коронавирусот пристигна во нашата држава, ги раздвижи здравствените работници, санитарните, комуналните инспекции и другите институции да ја зголемат активноста, во подобрувањето на општата комунална хигиена, да спроведуваат превентивни активности за да ги заштитат граѓаните од овој опасен вирус, а во Гостивар никаде нема јавен тоалет за основните потреби на граѓаните. Инспекторите не треба да дејствуваат на терен само кога има коронавирус, туку и превентивно секојдневно, коментираат гостиварци.
Но во Гостивар не се проблем само јавните тоалети, туку и депониите. На поширокото подрачје, покрај кејот на реката Вардар, земјоделските патишта низ плодните горнополошки ниви, покрај реката Радика, на брегот на Мавровско Езеро, насекаде има безброј купови ѓубре што се потенцијални жаришта за избувнување на зараза. Најголемото жариште сега е во центарот на градот, во и околу јавните тоалети, бидејќи физиолошките потреби се извршуваат во демолираниот објект и околу него.
Тоалетите се нефункционални и голем дел од лицата што шетаат и минуваат по кејот на реката Вардар, ученици што учат во трите средношколски училишта, граѓаните што ги посетуваат правосудните институции, администрацијата на локалната самоуправа, на подрачните единици на министерствата, немаат каде да ги извршуваат физиолошките потреби. Кога се изградија јавните тоалети, гостиварци беа задоволни што се реши овој проблеми. Нивната радост траеше кратко, бидејќи нужниците беа затворени и неупотребливи, иако им се повеќе од потребни на граѓаните. Јавните тоалети се изградени со пари од даночните обврзници на општината Гостивар и треба да им се вратат во употреба со сите хигиенски услови што треба да ги има еден јавен тоалет. Граѓаните имаат потреба од вакви објекти.