Македонскиот идентитет и македонскиот јазик воопшто не се тема на разговор помеѓу нас и Бугарија, реагираат од кабинетот на премиерот во оставка Зоран Заев на изнесените ставови на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.
-Северна Македонија има јасни позиции во разговорите со Бугарија, изградени со целосно владино единство и испратени како одговор од нашето МНР до бугарското МНР. Македонските позиции дадени како наш одговор по однос на темите кои се предмет на разговори со Бугарија, за кои јавноста е добро запознаена, се изградени низ сеопфатен консултативен процес и работни состаноци во кои Никола Димитров имаше активна и суштинска улога и за кои придонесе со своите ставови, а пак таквите наши позиции се целосно на линија на португалскиот предлог кој беше предлог и на словенечкото претседателство, но и целосно во согласност со Резолуцијата усвоена во Собранието на Северна Македонија – се вели во реакцијата.
Димитров нема доверба во Османи, за Ковачевски смета дека нема искуство за надворешната политика
Оттаму велат дека со македонските позиции во овие преговори се согласил и Никола Димитров.
-Впрочем тој имаше сериозен удел во создавањето на тие наши позиции, низ процесот кој го водеше министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Доколку Димитров е против било што од позициите кои сме ги изградиле заедно, чесно е заради народот да го каже тоа и да објасни зошто, бидејќи во спротивно останува само впечатокот дека неговото неучество во идната влада е причина за ваквите неточни и шпекулативни јавни манифестации со цел од напред да се става товар на недоверба во владата – стои во ракцијата.