Зголемен е интересот за вакцинирање по зголемениот број случаи со голема кашлица, а најавено е и двосменско работење и работа в сабота, информираа денеска во Вакциналниот пункт „Букурешт“ во Скопје.
Оттаму наведуваат дека по зголемениот број случаи со голема кашлица, од утрово зголемен е бројот на пациенти. Пред сѐ, пациенти – дечиња поголеми од три години, кои ги пропуштиле дозите од редовна вакцина, според календарот за вакцинација.
– Од утрово до 11 часот имавме околу 60 дечиња вакцинирано. Ако вообичаено бројките на дневно ниво ни се меѓу 20 и 30, денеска и тоа засега, бројката ни е двојно поголема. Тука е нели стравот на родителите, но и мерката за забрана во градинките за невакцинираните – изјави Сања Цилевска Младеновска, доктор педијатар.
Доктор Бети Гелејчевска Илковска појасни дека пред да ги вакцинираат децата, родителите најчесто прашуваат зошто да се примаат вакцините во толку рана возраст, кој е производителот на вакцините, кои се несаканите реакции од примената вакцина.
Силвана Миркоска, главна сестра, информираше дека штотуку ги добиле насоките од Министерството за здравство, започнување со работа во две смени и работа во сабота.