Фото: Фото ЈКП Комуналец

Градежен отпад, отпад од градење, мебел, домашни апарати, разноразни пластика, па дури и мешан комунален отпад, може да се забележи во купиштата отпад кои вчера ги чистеше јавното комунално претпријатие.

Иако, дивата депонија на патот за Вештачкото езеро беше исчистена на 15 ноември 2025 година, со Еко акцијата организирана од страна на Општина Прилеп и Јавното претпријатие, таа денеска изгледа разочарувачки велат од ЈКП „Комуналец”.

– Граѓаните секојднено реагираат, а не поминаа ниту пет месеци по чистењето, за несовеста во управувањето со отпад да ја гледаме на дело. Апелираме да проработи свеста и совеста кон животната средина, а парите кои беспотребно се трошат само за чистење да се пренаменат во материјални добра за сите граѓани – вели Љубиша Јованоски, директор на ЈКП „Комуналец Прилеп.

Општината годинава од буџетот има одвоено 4.200.000 денари, исклучиво за чистење на диви депонии.

Комуналците се надеваат дека граѓаните, а посебно градежните фирми ќе покажат разбирање, и секој отпад кои самоиницијативно го одложуваат, а не припаѓа во категоријата комунален отпад ќе го одложат во депонијата во Алинци, каде за граѓаните влезот е слободен, со работно време до 15 часот.

-Неразбирливо е во 21 век, кога светските организации укажуваат секојдневно на последиците од неправилното третирање на отпадот, ние како граѓани да сме имуни и сеуште да поставуваме со отпадот на своја рака – потенцира Јованоски.

Од ЈКП „Комуналец” информираат дека за било кој отпад можат да изнајмат контејнер, а за габаритниот отпад јавното претпријатие има воведено бесплатна линија секој четврток и петок со претходно пријавување на тел: 048/ 428 992. Ка.М