Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со централна литургија во Соборниот храм во Скопје се одбележува Рождеството Христово – Божиќ

Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан одржа архиерејска литургија на Свети Василиј Велики во соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде што денеска се одржа централно одбележување на Рождеството Христово – Божиќ.

Г.г. Стефан упати порака дека ни е потребно духовно и национално единство за да опстоиме како црква и како народ.

-Со раѓањето на Синот Божји – Господ Исус Христос, Божјата светлина го огреа сиот свет. Бог Словото слезе на земјата и стана Човек, за да го обнови единството на Бога со човекот, зашто, според зборовите на свети Григориј Богослов, пред овој спасителен настан се беше отворила „голема и непремостлива провалија“, меѓу Создателот и првиот Адам. Но, со раѓањето на Богомладенецот се објави Божјата неизмерна добрина и Неговото човекољубие победи. Затоа и нашиот свети Климент Охридски, созерцавајќи го Рождеството Христово, воскликнува: Радувај се, првосоздаден Адаме, бидејќи ти не беше оставен во адот! Ете, твојот Спасител и Избавител доаѓа да се роди од Дева, и Бог станува Човек, за да ја обожи човечката природа – порача г.г. Стефан за време на својата литургија.

Како што додава, потребно е да се радуваме со непоминливата радост од таа Витлеемска ноќ, со радоста на ангелите, со радоста на пастирите, со радоста на мудреците, да се радуваме со сите коишто во изминативе дваесет столетија се радуваа на тој спасоносен и неповторлив настан.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој денеска присуствуваше на Архиерејска литургија, во име на Владата и МВР на сите граѓани им посака многу здравје, среќа и единство.

-На сите православни верници им посакувам честит Божик, духовен мир, многу здравје, среќа, единство што е најмногу потребно, а на сите граѓани да посакам здравје, среќа и заеднички да празнуваме, заеднички да ја градиме Македонија со просперитет и напредок за секој, изјави Спасовски, по богослужбата на Архиепископот г. г. Стефан.

На литургијата присуствуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, како и лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Во пресрет на празникот имаше и божиќни литургии во сите храмови на Македонската православна црква во земјава.