Фото: АД ЕСМ

Во пресрет на празникот на рударите, 28 август, денеска во „РЕК“ Битола првите луѓе на АД ЕСМ, Васко Стефанов и на Синдикатот на АД ЕСМ, Јове Смилевски потпишаа Спогодба за линеарно зголемување на платите на вработените од 1 септември, за 15 отсто.

Пред да се потпише Спогодбата, на ниво на АД ЕСМ, Управниот одбор на компанијата и Синдикатот на АД ЕСМ водеа неколку месеци мошне интензивни и плодни преговори и разговори за измени во Колективниот договор.
Ваквата одлука, на свеченоста по повод денот на рударите ја соопшти првиот човек на АД ЕСМ, Васко Стефанов.

– Почитувани рудари, вие со вашата посветеност и максимални напори сте првите во синџирот на производство на електричната енергија и со гордост претставувате еден од основните столбови на нашата компанија и неразделен дел од нашиот национален енергетски систем. Тоа што го правите вие е херојска работа која заслужува неизмерна почит и највисока пофалба. Затоа во мое име и во името на сите вработени во АД ЕСМ, ви благодарам од срце за вашата работа и посветеност – порача генералниот директор на АД ЕСМ Стефанов.

Фото: АД ЕСМ

На денешната свеченост за значењето на денот на рударите покрај генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Стефанов, зборуваа уште генералниот директор на „РЕК Битола“, Пеце Матевски и првиот човек на Рудниците во „РЕК Битола“, Драган Петковски.

– Рударите влегуваат на работа и не знаат дали ќе излезат. Не по своја вина, туку заради хировите на природата кои се особено изразени во рудниците – нагласи Матевски.

Тој извести дека од 1 јануари до 31 јули, „РЕК Битола“ произвела 1.436.553 мегават часови електрична енергија.

– Тоа е за 3,16 отсто повеќе од произведеното во истиот период лани, а за дури 41,28 проценти повеќе од производството во 2021 година. Во рудниците на „РЕК Битола“ заклучно со средината на август ископани се 2.262.600 тони јаглен. Во моментов, на депонијата за јаглен има 200.000 тони јаглен. Овие количини на јаглен на резерва во „РЕК Битола“ сè уште повеќе за респект ако се има предвид дека во рудници се извршуваа операции кои го запреа ископот. Затоа, вработените во „РЕК Битола“ треба да бидат горди на резултатите од работењето на комбинатот годинава – истакна Матевски.

Сите тие искажаа огромно задоволство од постигнатите резултати на АД ЕСМ во минатата година, кога Македонија беше исправена пред најголмета електро енергетска криза и кога врабтените во „РЕК Битола“ и сите други Подружници кои работаат во составот на ЕСМ со натчовечки напори и залагање се справија со кризата и не дозволија во државата да има рестрикции.

Во рамките на свеченостите на четворица пензионери, кои целиот свој работен век го поминаа во „РЕК Битола“ и „ТЕЦ Осломеј“ им беа доделени плакети.

М.М