Фото: Игор Бансколиев

Во рамките на програмата на Министрите за надворешни работи во склоп на Берлинскиот процес со кој годинава претседава Полска, министерот Никола Димитров учествуваше на работен ручек со останатите колеги од земјите учеснички во Берлинскиот процес, на кој се дискутираа прашањата за евроинтегративната перспектива на земјите од регионот на Западен Балкан.

Како што информираат од ресорното министерство, се разговарало и за понатамошниот развој на самиот Берлински процес во наредниот период.

-Состанокот продолжи со пленарна сесија на која беа разгледани актуелни прашања поврзани со регионалната соработка, пресек на постигнатите резултати и постојните предизвици во Регионот, соопштуваат од македонското МНР.

На крајот, била одржана и прес-конференција на која било објавено дека наредната година Македонија и Бугарија ќе бидат копретседавачи на Берлинскиот процес.

-Треба да бидеме многу задоволни од тоа што се постигнува, Берлинскиот процес почна со агендата на патно поврзување, се прошири со создавање на регионална економска зона – и двата проекти се всушност подготовка за пристапувањето. Процесот го препозна силниот потенцијал на регионалната соработка што се преточи во конкретни проекти и инцијативи за секторска соработка со цел забрзување на европската интеграција, економски раст и стабилност. Фокусирајќи се врз конкретни проекти од заемен бенефит, демонстриравме зрелост и политичка волја за меѓусебно поврзување во светло на зголемената побарувачка за Европа во регионот. Преку Берлинскиот процес, понудивме европско разбирање и соработка во насока на заемен раст, регионална стабилност и просперитет, посочил министерот Димитров на прес-конференцијата.

На маргините на Самитот, Димитров остварил билатерална средба со финскиот министер за надворешни работи, Пека Хависто, чија земја од 1 јули го започна своето претседавање со Советот на ЕУ.

На панелот посветен на интеграцијата на Ромите, биле презентирани заложбите на Владата по ова прашање, а на панелот со наслов „Подобра животна средина за подобар живот” се разговарало за важноста на животната средина и начините за решавање на горливите еколошки проблеми во Регионот.