Фото: Маја Јаневска-Илиева

Несомнено реакцијата на бугарското МНР јасно говори дека официјална Софија си зема за право да го насочува јавниот дискурс во земјава во врска со билатерални прашања онака како што таа зацртала, не дозволувајќи поинакви гледишта од оние што веќе се инкорпорирани во контроверзниот и надвор од перемпторното право – „француски предлог“. Со повикувањето на македонската амбасадорка се испраќа порака до сите политички чинители во земјава да ги изземат бугарската пародија на меѓународните односи, нивната хегемонија вградена во билатералните односи со Македонија и флагрантното мешање во внатрешните работи на државава од дискусиите во период на граѓанско политичко рекогносцирање за избор на идните носители на власт во нашата (суверена) држава!?

Бугарското МНР со опомена до македонската амбасадорка во Софија за говорот на политичарите во земјава

Стравувањата кај дел од македонската јавност дека со прифаќањето на францускиот предлог летото 2022 година, како и со потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство во 2017 година, Бугарија ќе стане еден вид контролор на процесите во земјава, се чини дека биле целосно оправдани.
Имено, уште тогаш голем број експерти, професори, интелектуалци (настрана политичките партии!) предупредија дека со прифаќањето на францускиот предлог на официјална Софија ѝ се дава ексклузивитет да ги мониторира сите општествени процеси во земјава и да реагира секогаш кога ќе смета дека одредени работи не се во нејзина полза.

Реакцијата на бугарското МНР е во спротивност со Повелбата на ООН ( чл 2. став 7. ) – „немешање во внатрешните работи“

Така, во фокусот на бугарската официјална политика неодамна се најдоа и дискусиите на повеќе македонски политичари водени во контекст на билатералните односи меѓу двете земји, најчесто низ призмата на францускиот предлог, односно обврската за уставни измени со кои Бугарите треба да бидат впишани во македонскиот устав. Истиот наратив беше проследен и со овдешно очекување да се промени третманот на Македонците во Бугарија во однос на нивното право на здружување, со потенцирање на многубројните пресуди од Европскиот суд за човекови права, кои официјална Софија не ги спроведува.
Во тој контекст, неодамна бугарското министерство за надворешни работи ја повика македонската амбасадорка Агнеса Руси-Поповска во Софија поради обидите за инволвирање на билатералните односи во внатрешнополитичките дебати во Македонија.
– Министерството за надворешни работи категорично се спротивставува на обидот за повторно вовлекување на Бугарија и нашите билатерални односи во внатрешнополитичка дебата во Република С. Македонија, вклучувајќи и во контекст на актуелната предизборна кампања. Бугарија постојано поддржува конструктивен тон и се воздржува од коментари на постојаните провокации во јавниот простор на С. Македонија. Тоа го прави со разбирање дека е неопходно да се обезбеди конструктивна средина за нормално одвивање на изборниот процес и средина на општествено спокојство за да може да се реализираат неопходните реформи. За жал, очигледно е дека овие напори на Бугарија не наидуваат на разбирање и не се ценат од одредени фактори во Скопје, кои продолжуваат да ја користат нашата земја како оправдување за недостигот од напредок пред своите граѓани – се вели во соопштението на бугарското МНР.
Во него, бугарското МНР уште еднаш ја поканува политичката елита во Македонија да ја покаже неопходната политичка зрелост, да даде конструктивен придонес за исполнување на преземените политички обврски во рамките на компромисот од 2022 година и Договорот за добрососедство од 2017 година. Во соопштението не е прецизирано на кои политичари и тврдења се однeсува реакцијата!
(Издвојуваме дека моментот на реакцијата на бугарското МНР се совпаѓа со реакцијата на бугарската партија ВМРО, која побара од бугарското МНР итно да го повика амбасадорот на Македонија во Софија, во врска со изјава на претседателот Стево Пендаровски (!?), дадена во гостување на ТВ Сител. Но да биде контрадикторноста уште подлабока, Пендаровски се заложи за инкорпорирање на Бугарите во македонскиот устав, а во вториот дел на изјавата дури и искажа неможност (?!) за менувањето на Договорот за добрососедство и на француско-бугарскиот предлог, каде што всушност македонскиот народ е апсолутно деноминиран. Меѓутоа, за конфликтноста на изјавата на Пендаровски, експертите ќе анализираат и ќе коментираат во наредната пригода).

Но предупредувањето се однесува и на други политичари што го користат прашањето со Бугарија во јавниот дискурс во овој предизборен период.
Несомнено реакцијата на бугарското МНР јасно говори дека официјална Софија си зема за право да го насочува јавниот дискурс во земјава во врска со билатерални прашања онака како што таа зацртала, не дозволувајќи поинакви гледишта од оние што веќе се инкорпорирани во контроверзниот и надвор од перемпторното право – „француски предлог“. Со повикувањето на македонската амбасадорка се испраќа порака до сите политички чинители во земјава да ги изземат бугарската пародија на меѓународните односи, нивната хегемонија вградена во билатералните односи со Македонија и флагрантното мешање во внатрешните работи на државава од дискусиите во период на граѓанско политичко рекогносцирање за избор на идните носители на власт во нашата (суверена) држава!?
Со други зборови, ако официјална Софија се дрзнува да ја попречува и општествената дебата во земјава и за тоа да ја повикува амбасадорката, тогаш се наметнува дилемата дали таа ќе бара од сите политички чинители да ги креираат предизборната кампања и нивниот јавен дискурс во согласност со желбите на бугарската официјална политика.
Од друга страна, доколку македонското МНР го следеше бугарскиот пример, тогаш бугарскиот амбасадор во земјава требаше да биде постојан гостин во министерството изминатите неколку години, имајќи предвид дека во последните четири изборни циклуси во Бугарија тамошните политичари си го креваа сопствениот рејтинг токму на темата „Македонија“.
Македонското МНР не го повика бугарскиот амбасадор ниту тогаш кога актуелниот бугарски претседател Румен Радев отворено порачуваше дека не треба да се дозволи „легитимација на македонизмот“, кога отворено го негираше постоењето на македонско малцинство во соседните земји говорејќи дека се работи за бугарски граѓани, што ретко која друга европска држава би го толерирала.
Несомнено реакцијата на бугарското МНР до македонската амбасадорка за дискурсот на општествената дебата во пресрет на изборите е ново мешање во внатрешните работи на една суверена земја, со јасни назнаки за што треба, а за што не смее јавно да се дискутира.

Материјализација на придобивките од „францускиот предлог“ од страна на Бугарија

Поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев, смета дека зад повикувањето на македонската амбасадорка во бугарското МНР има порака што официјална Софија сака да ја пренесе.
– Пораката е јасна, да не се употребува воопшто Бугарија во предизборието. Тие не сакаат да се дискутира ниту за францускиот предлог, ниту за Договорот за добрососедство. Тоа е нивниот начин на изразување. Тие дуваат на ладно, да не биде споменувано ништо што е во контекст на Бугарија, иако кај нив во сите изборни циклуси постојано се споменуваше Македонија – вели Ѓорчев.
Според него, Бугарија јасно кажува дека будно ги следи сите состојби во земјава и дека она што не ѝ се допаѓа, утре ќе го злоупотреби во процесот на македонските евроинтеграции.
– Тие даваат сигнал дека ќе следат будно и дека ако што било слично се случи, односно ако се даваат изјави што не им се допаѓаат, веднаш ќе протестираат, а потоа истото тоа ќе го злоупотребат во нашите евроинтеграции така што ќе се жалат во Брисел дека ние ги навредуваме Бугарите, Бугарија, дека не ги почитуваме договорите и слично. Едноставно не сакаат да бидат предмет на внатрешната дебата кај нас во предизборието – истакнува Ѓорчев.
Тој се осврна и на самата реакција од бугарското МНР, забележувајќи дека секогаш кога се реагира, треба да бидат посочени јасни факти.
– Тие во нотата на нашата амбасадорка требало да посочат дека во одредена изјава на некој политичар, што мора да го именуваат, се споменуваат неточни податоци. Мора со факти да ги поткрепат тие елементи, да посочат на тој недипломатски начин на изразување со кој, наводно, се загрозуваат достоинството, дигнитетот или националното чувство на бугарскиот народ. Секогаш било така. И мене како амбасадор ме повикувале за такви изјави, но било кажувано кој ги дал тие изјави, за што се однесувале, па потоа јас како амбасадор сум давал соодветни објаснувања со кои се бранеле македонските ставови и интереси. Тоа е дипломатијата – констатира Ѓорчев.
И други дипломати со кои разговаравме немаат никаква дилема дека ова е материјализација на придобивките од „францускиот предлог“ од страна на Бугарија.
– Тие сега ќе реагираат на изјава на секој индивидуалец, на објава на социјалните мрежи, буквално на сѐ и за тоа ќе го повикуваат нашиот амбасадор. Ова е директно мешање во внатрешните работи несомнено. Вака ќе ни кажуваат што смее, а што не смее да биде дел од општествениот наратив – заклучуваат соговорниците.