Фото: Маја Јаневска-Илиева

Професорот Светомир Шкариќ е дециден дека според принципите на непосредната демократија, која ја застапувал Русо, законите немаат никакво значење ако не се изгласани на референдум. Тргнувајќи од принципот дека власта извира од граѓаните, нема прашање за кое граѓаните не можат да одлучуваат. За да биде вистински изразена волјата на граѓаните, клучно е како ќе биде формулирано референдумското прашање. Тоа треба да биде прецизно и директно дефинирано за конкретниот проблем за кој постои општествен дуализам во гледиштата…

Нема прашање за кое граѓаните не можат да одлучуваат

Развојот на дебатата во Собранието, од која се очекува „усвојување заклучоци со кои на Владата ѝ се дава насока и се задолжува за што може, а за што не може да се преговара во процесот на интеграција во ЕУ“, сепак, кажано со поедноставни изрази, води кон исходот – „институционално прифаќање“ на т.н. француски предлог на преговарачката рамка за Македонија со ЕУ. Меѓутоа, токму одлуката на институциите на власта (на простото мнозинство пратеници од Парламентот, а потоа и на владините претставници) може воопшто да не биде во согласност со манифестираната волја на граѓаните (искажана на масовните протести, а и во анкетите на јавното мислење), односно да постои „општествен дуализам на гледиштата!“
Таквата неусогласеност навестува состојба на системска дисфункционалност, при што би било неопходно системско усогласување, и тоа со легални демократски инструменти, заради преиспитување на одлуките на институциите, а поврзани со прифаќањето на понудената преговарачка рамка за Македонија со ЕУ.

Референдумот е нешто што е задолжително за вакви големи потези

Од нестандардниот формат на преговарачката рамка, смислен од француското претседателство со ЕУ, „специјално“ за Македонија, тешко е да се разбере кога всушност започнува преговарачкиот процес. Трите чекори пред одржувањето на вистинската меѓувладина конференција (протокол, политички состанок и уставни промени), навидум оставаат простор за спроведување референдум за отповикување на евентуалната конечна одлука за почеток на преговорите со така креираната преговарачка рамка, како легитимна форма на канализирање на граѓанската енергија изразена на протестите.
– Референдумот е нешто што е задолжително за вакви големи потези. Тоа е неопходно и мислам дека власта беше должна да го направи тоа – да распише референдум. Претпоставувам дека знаеле дека нема да помине предлогот во јавноста, па затоа и не беше организиран референдум. Организирање референдум баш и не е голем напор. Секако, не е напор поголем од избори. Ако некоја власт ја почитува волјата на граѓаните, за вакво прашање ќе направеше референдум. Референдумите се еден од темелите на демократијата. Не треба многу знаење за тоа – изјави во јавноста режисерот и поранешен директор на институтот „Отворено општество“, Владимир Милчин.

Во нашиот, македонски уставен концепт – власта извира од народот!

За легитимноста на опцијата референдум за отповикување институционални одлуки што не се во согласност со волјата на народот, универзитетскиот професор по уставно право, Светомир Шкариќ, е дециден дека – нема прашање за кое граѓаните не можат да одлучуваат.
– Народот е голема категорија како субјект на владеењето во организацијата на државата. Според одредени концепти на поставеност на државата, како прв субјект на власта се наведува – народот, па Уставот, па институциите. Сепак, во нашиот, македонски уставен концепт – власта извира од народот! Во практика ние имаме претставничка демократија, па штом народот избере свои претставници – најчесто тие му ја преземаат власта и одлучуваат за него. Но според принципите на непосредната демократија, која ја застапувал Русо, законите немаат никакво значење ако не се изгласани на референдум. Тргнувајќи од принципот дека власта извира од граѓаните, нема прашање за кое граѓаните не можат да одлучуваат. За да биде вистински изразена волјата на граѓаните, клучно е како ќе биде формулирано референдумското прашање. Тоа треба да биде прецизно и директно дефинирано за конкретниот проблем за кој постои општествен дуализам во гледиштата – вели професорот Светомир Шкариќ.