Во предвечерјето

Од денеска, сабота, 9 март 2024 година, во предвечерјето на претстојниот циклус на избори, академик Љупчо Коцарев на страниците на „Нова Македонија“ ќе понуди свое видување на предизвиците со кои се соочува Република Македонија. Различни се патиштата за иднината на Македонија, но сите тие имаат заеднички именител: департизација на општеството. За да се спречат понатамошното разорување, уништување и деградирање на Македонија, за да не исчезне Македонија, во оваа траурна тишина, најмалку што треба да направиме е да не молчиме. Академик Коцарев, секоја среда и сабота, пишувајќи за неукоста, за кусогледоста, за немањето визија, за властољубието, за користољубието, за неправдата, за работењето против државните интереси, за поморот на македонскиот род, македонското име и сè што е македонско, ќе понуди конкретни предлози за излез од оваа состојба

Во предвечерјето на претстојниот циклус на избори да се потсетиме дека под македонство се подразбира: прво, автохтоност на македонскиот народ и на неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, нагласувајќи дека македонскиот јазик, како, впрочем, и сите други јазици, не само словенските, има свој просторен и свој временски, да бидам прецизен – милениумски континуитет; второ, македонскиот национален супстрат го претставуваат Македонците што живеат во државата Македонија, но и оние во соседството, како и низ целиот свет.
Во предвечерјето на претстојниот циклус на избори да не заборавиме на злонамерните манипулации и на многубројните лаги искажани од членовите на Владата на Македонија и Претседателот на Македонија, да не заборавиме на неисполнетите ветувања: „Никој не може во Македонија, мислам дека се нема ни родено таков човек, што би дозволил промена на Уставот и промена на нашиот идентитет“, да не заборавиме на заканите: „Јас не се сомневам, мислам дека шанси нема за такво нешто, а и ако има, во интерес на нашата заедничка иднина, ние мора да му земеме мерка на тој човек и на тие луѓе“, да не заборавиме на: „Верувам дека не постои роден човек подготвен да излезе пред Парламентот и да бара промена на Устав заради промена на уставното име“, да не заборавиме!!
Во предвечерјето на претстојниот циклус на избори да не заборавиме дека Договорот со Грција, Договорот со Бугарија и Преговарачката рамка се официјални документи – договорите се документи помеѓу две држави, па оттука тие можат евентуално да се раскинат, додека, пак, Преговарачката рамка е официјален документ на УЕ, па затоа единствената можност за нејзина промена е сите 27 земји членки да се согласат да ја променат (читај – никогаш).

Во предвечерјето на претстојниот циклус на избори да не ги заборавиме фактите. Во ноември 2020 година, државниот советник за европски прашања Драган Тилев ќе напише: „Според груби процени, во текот на мандатот на оваа влада (2020 − 2024) би можеле да отвориме околу 80 проценти од сите поглавја, односно 3 до 4 кластери, а за време на мандатот на следната влада (2024 − 2028), со непроменет европски курс од двете страни, би било реално да очекуваме затворање на сите кластери и подготовка за потпишување на нашиот Пристапен договор за полноправно членство во ЕУ“. Меѓутоа, во септември 2022 година, одговарајќи на повеќе прашања, Тилев ќе ја предочи реалната состојба на Македонија во однос на почнувањето преговори со ЕУ. Според Тилев, „со продлабочена анализа на текстот и условите во преговарачките рамки што важат за Црна Гора, Србија и, сега, за Албанија и за Северна Македонија, може лесно да се заклучи дека за нас се наметнати вонредни и уникатни услови за полноправно членство во ЕУ, кои за другите земји, кои се во пристапниот процес ги нема, ниту ги имало при претходните процеси на проширување. Тоа, пред сè, се однесува на имплементацијата на билатералните договори со Грција и со Бугарија како дел од критериумот од Процесот за стабилизација и асоцијација за добрососедските односи, но и на голем дел од дополнителните барања од страна на Бугарија, кои сега се составен дел на Заклучоците на Советот на ЕУ, на општата позиција на Европската Унија и на Преговарачката рамка, а со тоа и на пристапните преговори“. Подвлекувајќи дека „Преговарачката рамка е финална, усвоена на Советот на ЕУ од 18 јули со едногласност и е речиси неможно да се промени“, Тилев заклучува: „Доколку се навлезе и во продлабочена анализа на текстот на преговарачките рамки за Албанија и за Северна Македонија, разликите ќе станат уште поочигледни и ќе стане јасно дека е нарушен основниот принцип на Новата методологија, а тоа е пристапните преговори да бидат фер и идентични за сите аспиранти за членство од Западниот Балкан“.

Во предвечерјето на претстојниот циклус на избори да не глумиме идиоти и јасно да ги потенцираме последиците од веќе прифатените обврски од страна на Македонија за почнување пристапни преговори. Ако се земат предвид договорите со Грција и со Бугарија, Преговарачката рамка, неправедните пристапни преговори и непроменетиот, ненаучен пристап на Бугарија за непостоењето на македонскиот јазик, што, всушност, се потврди со Унилатералната изјава на Бугарија за непризнавањето на македонскиот јазик, поднесена до Советот на ЕУ, на 18 јули 2022 година, произлегува дека Македонија, за да почне со пристапните проговори со ЕУ, веќе се согласи дека нема Македонци. Поточно, потпишувајќи ги договорите со Грција и со Бугарија, Владата на Македонија и Претседателот на Македонија веќе се согласија дека Македонците не живеат ниту во Грција ниту во Бугарија, додека, пак, прифаќајќи ја Преговарачката рамка (официјален документ на ЕУ), Владата на Македонија и Претседателот на Македонија веќе се согласија дека во Македонија не живеат Македонци.
Во предвечерјето на претстојниот циклус на избори, Македонија има само една алтернатива: да победат партиите што ќе го одбранат македонството, но не лажно и манипулативно, туку искрено и праведно: македонството не е национализам, туку борба за опстојување. Дали договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка се светла иднина или стратегиска грешка, предавство и културен геноцид? На прашањето: „Како понатаму?“, одговорот е единствен: оваа Влада и овој Претседател треба да заминат од политичката сцена на Македонија еднаш засекогаш, а новата Влада и новиот Претседател треба одлучно да кажат НЕ за промена на Уставот, па потоа да почнат, постепено, чекор по чекор, да го расчистуваат ѓубрето наталожено во последниве години.
Во предвечерјето на претстојниот циклус на избори, Македонија има само една алтернатива: граѓаните да влезат во бескомпромисна борба за надминување на проблемите со партизираната држава и заробените институции, со дивеењето, корупцијата, злоупотребите, непотизмот, со непочитувањето на државноста и суверенитетот. Тргнувајќи од двата типа интелектуалци, десничарскиот никаквец и левичарската будала, дефинирани од Лакан, во неговиот „Семинар за етиката на психоанализата“, во 1992 година, Жижек, во есејот со наслов „Џулијан Асанж не е будала“, по описот на денешните интелектуалци, при што „никаквецот е неоконзервативен застапник на слободниот пазар, кој безмилосно отфрла каква било форма на социјална солидарност…, додека будалата е постмодернистички критичар на културата, кој со своите луди процедури, предодредени да го ‘поткопаат’ постојниот поредок, всушност, служи како негов додаток“, заклучува: „Наша задача е да откриеме како да одиме напред.

Единаесеттата теза на Маркс за Фоербах прокламирала: ‘Филозофите само на различни начини го толкуваа светот, а работата е во тоа тој да се измени’. Нашата верзија треба да гласи: ‘Критичките левичари досега само ги извалкаа јајцата на властодршците; поентата е да им ги отсечеме’“. Оттука, наша задача е, во Македонија, да предложиме како да одиме напред. Не сум сигурен дека политичките елити ќе се залагаат за решавање на напластените проблеми со партизираната држава и заробените институции, со дивеењето, корупцијата, злоупотребите, непотизмот, со непочитувањето на државноста и суверенитетот, време е за акција од другите: од интелектуалците, образовните и научните работници, граѓаните, од сите – само така ќе се надеваме дека, можеби, ќе ги ставиме под контрола политичарите.
Во предвечерјето на претстојниот циклус на избори да се потсетиме на преубавите стихови на советскиот и руски поет Булат Окуџава, во „Молитва“: „Додека Земјата сè уште се врти / Додека светлината е сè уште јарка / Господе, дај им на сите / Тоа што го немаат“.
Во предвечерјето на претстојниот циклус на избори, Господе, на идната Влада и на идниот Претседател дај им трошка ум и желба и сила да се изборат за достоинствена иднина на Македонија!