Тенденцијата на Ахмети е повеќе од јасна и е на иста линија со наративите што потекнуваат од Атина и Софија, дека нема македонски народ, ниту македонски јазик и историја и дека овој народ во срцето на Балканот, кој себеси се идентификува како македонски, е во некаква „национално-идентитетска заблуда“(?!)
Сега одеднаш ДУИ е единствениот фактор што може да ја спаси македонската нација од исчезнување, под услов да влезе во Владата и така да обезбеди меѓуетничка хармонија во општеството и спас за Македонците
Иста плоча, идентична „песна“ од одамна познати албански и бугарски политикантски интерпретатори
Тонот со кој претседателот на ДУИ, Али Ахмети, се обрати кон Македонците на одбележувањето на 23-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор беше со јасна намера директно да се навреди македонскиот народ, особено во фонот на случувањата со промената на името на државата и притисоците за уставни измени од Бугарија. Токму ДУИ беше директен учесник во сите овие процеси, почнувајќи од Ахмети, кој инкогнито одеше во Атина да преговара со Грците околу промената на името, до неговиот министер Османи, кој процесот на преговори со Бугарија го држеше под превезот на тајната, за на крајот во ист стил да ја потценува интелигенцијата на македонските граѓани и да им црта на табла дека идентитетот не бил загрозен со францускиот предлог.
Тенденцијата е повеќе од јасна и е на иста линија со наративите што потекнуваат од Атина и Софија, дека нема македонски народ, ниту македонски јазик и историја и дека овој народ во срцето на Балканот, кој себеси се идентификува како македонски, треба да исчезне еднаш засекогаш. Сега одеднаш ДУИ е единствениот фактор што може да ја спаси македонската нација од исчезнување, под услов да влезе во Владата и така да обезбеди меѓуетничка хармонија во општеството.
– По ваквите изјави не знам како да го ословам Ахмети, освен како јавач на апокалипсата. Што ни предвидува тој, дека ако не се Албанците Македонците ќе престанат да постојат? Македонците постоеле и пред Албанците и ќе постојат и понатаму. Навистина не ми е јасно зошто излегува со такви несмасни изјави, сака ли да предизвика страв кај народот од некакви нови инциденти, некоја нова граѓанска војна – вели Тодор Чепреганов, историчар.
Според него, ваквите повици на лошите духови од минатото и навредите кон македонскиот народ од страна на еден политичар што повеќе од 20 години беше на власт се изненадувачки.
– Директно се навредуваат чувствата на македонскиот народ. Едноставно произлегува дека нашата опстојба зависи од Албанците. Директно го понижуваат македонскиот народ со самото тоа дека тие се наднарод, дека тие во суштина раководат со постоењето на Македонија како држава и на Македонците како нација. Ваквите изјави не се во ред затоа што водат кон зла крв. Треба малку да се смират емоциите, да се сфати дека сепак живееме во демократско општество каде што одлучуваат едни демократски правила на однесување во политиката што треба да бидат прифатени. Ако е некој во опозиција, мора да го прифати тоа. Оној што избира, одбрал некој друг што е дел од Владата, која е на сите граѓани, без оглед на нивната етничка припадност. Не значи дека ако е во опозиција дека тоа е крај на ДУИ, но тие го претставуваат тоа како крај на светот – истакнува Чепреганов.
Понатаму тој нагласува дека со ваквиот говор на Ахмети се излегува од секаква политичка коректност и дека се работи за анахрони изјави.
– Говорот на Ахмети на прославата по повод годишнината од рамковниот договор е надвор од секаква политичка коректност кон мнозинскиот народ во Македонија. Таквиот начин на обраќање кон некого, ако не го направите тоа нема да постоите, Албанците се тие што одлучуваат дали Македонците ќе постојат или не, ме потсетува на еден говор на Темпо, кој своевремено изјавуваше дека без Југославија Македонија нема да постои. Еве се покажа дека и без Југославија Македонија постои. Македонците имаат здраво ткиво што сигурно ќе се спротивстави на сето ова што се случува. Македонскиот народ опстоил пет века под турско, опстоил под српска окупација, опстоил под бугарска окупација, ќе опстои и понатаму, меѓутоа вакви закани како овие на Ахмети во 21 век се надвор од контекстот на времето. Не може сега да се заплашуваме едни со други со оружје, тоа треба да биде минато. Треба да градиме патишта на кои ќе се најдеме сите заедно во изградбата на заедничка просперитетна држава, да ја зајакнуваме унитарноста, ослободени од сите тие етнички стеги и изјави кој одлучува дали Македонците ќе постоеле или не – потенцира Чепреганов.
Тој додава дека Македонците и Албанците низ историјата во повеќе наврати се бореле заедно, но има епизоди и во кои дел од Албанците се ставиле на страната на фашистите.
– Македонскиот народ заедно со Албанците водел борба против Османлиската Империја, исто така имаме и Охридско востание каде што Македонците заедно со Албанците се бореле. Во историјата постојат показатели каде што може да се види заедничката борба на Македонците и Албанците за свое национално ослободување. Од друга страна, македонскиот народ е тој што им прости на сите оние Албанци што во Втората светска војна застанаа на страната на фашистичкиот окупатор и ја формираа голема Албанија. Има еден податок што говори дека последен град што е ослободен во Втората светска војна во Македонија е Тетово, и тоа на 19 ноември, а последниот Германец ја напуштил Македонија на 13 ноември. Против кого се бореле македонските партизани шест дена – прашува Чепреганов.
Според него, интенцијата на Ахмети е да го претстави ДУИ како единствен легитимен претставник на Албанците во земјава, негирајќи го правото на сите други Албанци во државата да бидат дел од власта.
– Тој сака да ја устоличи ДУИ како вечна партија што треба постојано да биде на власт и за неа воопшто и да не се гласа, туку едноставно кога ќе дојдат избори да се каже 20 министерски места за ДУИ, а другите нека си гласаат, нека се тепаат и нека се борат за власт. ДУИ сака да се устоличи во политиката како вечна – заклучува Чепреганов.
Со таквиот навредлив речник, Ахмети го изедначи македонскиот народ со некаква аморфна маса што секој може да ја асимилира и преобликува кога и да посака ако не е тука албанскиот народ, односно ДУИ, да ги заштити. Во спротивно, тој едноставно ќе исчезне
Говорот на Ахмети на партиското одбележување на годишнината од Охридскиот рамковен договор излезе надвор од секаква политичка коректност
Судбината на Македонците зависи од ДУИ?!
Бурни реакции предизвика во јавноста последната изјава на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дадена на партиското одбележување на 23-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, во која уште еднаш ги оспори државотворниот капацитет на македонскиот народ и неговата способност да се одбрани од асимилаторските политики на соседите.
Според Ахмети, ако Македонците не соработуваат со Албанците, ќе бидат проголтани од Србите, Бугарите и од Грците и без албанска помош уште однапред се осудени на пропаст како нација.
– Македонците како нација можат да напредуваат само во добра комуникација, хармонија и однос со Албанците. Во спротивно, ќе бидат проголтани од Србите, Бугарите и од Грците. А ова не ви го кажувам само овде, им го кажав на сите политички претставници на македонската заедница. Само со нас, со соработка и заеднички живот можат да си ја зачуваат својата историја, својот национален идентитет, инаку им е судено да не постојат – порача Ахмети на одбележувањето на годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
Ваквиот настап говори до каде отиде во надмениот однос првиот човек на интегративците, кој најпрво се прогласуваше за господар на Македонија, за сега да кажува дека без негова поддршка нема да постојат ниту Македонците.
Со таквиот навредлив речник, Ахмети го изедначи македонскиот народ со некаква аморфна маса што секој може да ја асимилира и преобликува кога и да посака ако не е тука албанскиот народ, односно ДУИ, да ги заштити. Во спротивно, тој едноставно ќе исчезне.
Дополнително, освен очигледната намера да ги навреди своите сограѓани Македонци, тезата што ја турка и натаму Ахмети е дека ДУИ како партија е единствен легитимен претставник на Албанците во земјава, додека сите други претставници на Албанците се ирелевантни и тие, според поимањето на интегративците, не придонесуваат за кохезијата и хармонијата во македонското општество и немаат право да практикуваат власт, без оглед на волјата на гласачите.
– Ахмети на својот настан за обележување на 23-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор ни порача дека „Македонците како народ можат да напредуваат само ако се во добра комуникација и хармонија со Албанците. Во спротивно ќе бидат проголтани од Србите. Бугарите и од Грците“. Колку и никој да нема ништо против добрата комуникација на Македонците и Албанците и да го смета тоа за корисно, важно и неопходно, вака кажано од Ахмети може да биде и разбрано како „без соработка со нас, вие Македонците нема да постоите“. И тоа звучи како закана, па дури и како јавно понижување во смисла: вие без добри односи со нас би биле никој и ништо, односно би исчезнале како нација и народ. Убеден сум дека арогантниот и во моментов гневен Ахмети, што не е дел од власта за првпат по неговата револуција од 2001 година, тоа и го мисли и можеби не е свесен дека јавно ги омаловажува и навредува Македонците. Причината за овој негов вокабулар е што чувствувал дека, со тоа што неговата партија ДУИ не е дел од новата влада, биле понижени Албанците во Македонија – пишува во статус на социјалната мрежа Фејсбук универзитетскиот професор Ѓорѓи Спасов.
Според него, ДУИ не може да прежали што конечно замина во опозиција и затоа сега се користи со навредлив речник кон Македонците.
– А сѐ се сведува на политиката на Калимеро. Нема правда. Нѐ понижуваат. Не сме „лошите Албанци“. Сите други што не мислат како нас се „македонски националисти“ кои ќе ги лапнат Србите, Бугарите или Грците ако не соработуваат со нас само врз принципите кои ние ги признаваме за исправни – заклучува Спасов во објавата на Фејсбук.