Средба Пендаровски – Пахор
Можностите за надминување на предизвиците за почеток на пристапните преговори со ЕУ, беа во фокусот на средбата на претседателот Стево Пендаровски со неговиот словенечки колега Борут Пахор.
На средбата која се одржа во рамки на учеството на Пендаровски на 58. Минхенска безбедносна конференција, двајцата претседатели истакнаа дека успешноста на политиката на проширување ќе зависи од македонскиот случај.
Претседателот Пендаровски се заблагодари на принципиелната и континуирана поддршка за европската иднина на Македонија, особено гласна за време на неодамнешното словенечко претседавање со Советот на Унијата.
Тој информираше за последните случувања во тој контекст и динамиката што е предвидена меѓу двете нови влади, потенцирајќи дека Македонија посветено ќе работи на изнаоѓање европско, достоинствено решение во билатералните предизвици со Бугарија.
Според претседателот Пендаровски, отворањето на пристапните преговори за членство на Македонија со Европската Унија позитивно ќе придонесе за просперитетот и стабилноста на целиот регион, а ќе даде и дополнителен импулс на севкупниот реформски процес во државата.
На средбата се разговараше и за безбедносните состојби во регионот и во евро-атлантскиот простор.
Беа реафирмирани и одличните билатерални односи, базирани на традиционално пријателство, силно стратешко партнерство и долгогодишна конструктивна соработка и поддршка.