Дали конечно се наѕира договор за прекин на војната во Украина
Светските медиуми вчера објавија дека американскиот претседател Доналд Трамп во изјава пред новинарите потврдил дека „Русија е подготвена да склучи договор за прекин на војната во Украина“. Медиумите исто така веднаш вчера објавија и дека Трамп се надоврзал на таа изјава со констатацијата дека „постигнувањето договор со претседателот Володимир Зеленски било потешко од очекуваното“.
– Мислам дека имаме договор со Русија. Мора да склучиме договор и со Зеленски. И се надевам дека Зеленски… Мислев дека ќе биде полесно да се преговара со него, но досега беше тешко. Но мислиме дека е во ред. Ќе го прифатиме. Трошиме многу пари, но станува збор за човечност. Трошиме стотици милијарди долари поради Бајден. Бајден никогаш не требаше да дозволи да се случи оваа војна. Трошиме стотици милијарди, можеби 350 милијарди долари, што ѝ ги дадовме на Украина,а можевме да ги искористиме тие пари токму тука -, изјавил Трамп, како што пишуваат светските медиуми.
САД подготвени да ја признаат руската контрола врз полуостровот Крим и да ги ублажат санкциите против Москва
Како што и досега е познато, американскиот претседател исто така во повеќе наврати го изрази својот став, спротивен на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој зборуваше за „непризнавање на Крим како руски“. Трамп нагласил дека ваквиот став на Зеленски „им штети на мировните преговори“.
И американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека „САД подобро ја разбираат позицијата на Русија во врска со војната против Украина“.
Според западни медиуми, администрацијата на Трамп ѝ предала на Украина документ од една страница во Париз минатата недела, презентиран како „конечен предлог“ за мировен договор. Меѓу другото, САД наводно се подготвени да ја признаат руската контрола врз Крим и да ги ублажат санкциите против Москва како дел од потенцијален мировен договор. Р.С.