Фото: Архива

Ако досега средбите меѓу бугарскиот и македонскиот дел од комисијата задолжена да расправа за историските прашања беа однапред најавувани, а потоа беше соопштувано и за што се дискутира, за последните средби никој не знае дека воопшто се случиле, уште помалку што на нив се разговарало и дали било договорено нешто. Токму тоа одново го вклучи алармот кај македонските граѓани, кои имаат право да знаат каков историски наратив им се готви зад кулисите, свесни дека секогаш кога нешто се прави зад нивниот грб, тоа е на нивна штета и, воопшто, на штета на македонските национални интереси

Мешаната историска комисија почна да го користи методот на министерот Османи во преговорите со Бугарија

Блокираниот процес на уставни измени во земјава е најдобриот показател што се случува кога процесите се водат далеку од очите на јавноста, нетранспарентно и под превезот на таинственоста, што подоцна резултира со последици што се штетни по интересите на државата и на македонскиот народ.
Таков беше случајот со тајните преговори што шефот на дипломатијата Бујар Османи ги водеше со Бугарија, кој во ниту еден момент не откриваше за што точно се разговара со бугарската страна, за резултатите подоцна да се видат во таканаречениот француски предлог и во преговарачката рамка што земјава ја доби од Европската Унија, а кои се исклучително асиметрични, скроени според желбите на официјална Софија и диктираат услови само за Македонија.
Кога веќе еднаш се покажа дека сè што се одвива далеку од очите на јавноста не наидува на одобрување кај македонските граѓани, односно создава отпор и неприфаќање, нејасно е зошто сега повторно се користи истата формула на нетранспарентност и криење кога станува збор за работата на мешаната македонско-бугарска историска комисија.

Што има Бугарите да ни кажуваат како ние ќе ги чествуваме Кирил и Методиј?

Ако досега средбите меѓу бугарскиот и македонскиот дел од комисијата задолжена да расправа за историските прашања беа однапред најавувани, а потоа беше соопштувано и за што се дискутира, за последните средби никој не знае дека воопшто се случиле, уште помалку што на нив се разговарало и дали било договорено нешто.
Токму тоа одново го вклучи алармот кај македонските граѓани, кои имаат право да знаат каков историски наратив им се готви зад кулисите, свесни дека секогаш кога нешто се прави зад нивниот грб, тоа е на нивна штета и, воопшто, на штета на македонските национални интереси.
Дури и оние што се најповикани да полемизираат на научна основа за историјата и историските факти, се затекнати од оваа нова практика во работењето на мешаната историска комисија, изразувајќи сомнеж дека далеку од очите на јавноста се подготвува нешто што повторно нема да биде одобрено од граѓаните и уште повеќе ќе ги продлабочи внатрешните поделби, но и ќе го загрози македонскиот историски наратив.
– Додека не се реализира заедничката историја, Македонија и понатаму ќе биде блокирана од Бугарија. Затоа се сега овие тајни преговори што ги води комисијата за историски прашања. Јавноста не знае во суштина што се случува, еве за Самуил имаме дека тој е дел од заедничката историја на македонскиот и бугарскиот народ. Задача на таа комисија е да изгради свест за заедничка историја на македонскиот и бугарскиот народ – вели историчарот Тодор Чепреганов.
Според него, самиот факт дека е формирана ваква комисија е поразителен бидејќи ние имаме право сами да си креираме историски наратив и нема потреба од заедничка историја.
– Што има Бугарите да ни кажуваат како ние ќе ги чествуваме Кирил и Методиј? Тоа е наше право, а тие нека им даваат бугарски наратив кога ќе си ги одбележуваат дома. Ако историската комисија продолжи вака таинствено да ги договара историските факти, тогаш ќе мора да се бараат рецензенти од Бугарија да ги рецензираат македонските учебници, бидејќи тука, во Македонија, нема историчар што ќе се согласи да ја погази повеќедецениската научна работа со која јасно е утврдено каква е македонската историја – истакнува Чепреганов.

Историската комисија станува целосно политичка и работи исклучиво во функција на политиката

Професорот Чепреганов смета дека со тоа што почна да ги крие своите средби, оваа историска комисија станува целосно политичка и работи исклучиво во функција на политиката.
– Со самиот факт што никој не знаеше за оваа средба на комисијата, станува јасно дека таа станува целосно политичка бидејќи продолжува да работи по методите на политиката. Тоа е тајна дипломатија. Наместо да излезат пред колегите и пред македонската јавност и да кажат што е договорено, за што се согласиле, а за што не, тие кријат. Сигурен сум дека е договорено нешто што не се соопштува и кога ќе излезат наскоро, сите ќе се чудиме што се случило. Колку што знам, сега се дискутира за Охридската архиепископија. Најверојатно ќе донесат одлука дека Охридската архиепископија е значајна и за македонскиот и за бугарскиот народ како културно-историска вредност и дека треба да ја чествуваат двата народа како дел од заедничката историја – појаснува Чепреганов.
Професорката Наташа Котлар-Трајкова смета дека ниту една историска комисија не може да биде над институциите на државата.
– Никој од политичката номенклатура не се обиде да ги слушне институциите. Тоа е првиот симптом дека имаме власт што има намера да ги урива државните институции. Таа комисија, дипломатската теорија го познава тоа, е инструмент, алатка, таа е комисија што треба да ја смени историјата на македонскиот народ. И ништо повеќе. Ниту е легитимна во светот на науката, ниту, пак, е легитимна во светот на поширокото општествено сфаќање и поимање. Таа комисија иако себеси се декларира дека врши државна работа, таа врши партиска приватна работа. Ќе дојде многу сериозен ден кога сите нешта ќе бидат расчистени. Не може комисија да носи акти што ќе го урнат осумдецениското истражување и научно творење во Македонија. Тие можеле да се обратат кон еснафот, кон научните институции, од Институт, факултети, академии, и да се решава тоа. Државата требало да ги вклучи тие институции за да го има предвид мислењето на македонската историографија, а не она што го кажува бугарската историографија. Секој народ во Европа и во светот има право на национална историја – потенцира професорката Котлар-Трајкова.
Таа додава дека, без оглед дали се одржуваат тајни или јавни средби, Македонија е загрозена со самото постоење на мешаната историска комисија.
– Ние сме загрозени со самото постоење на комисијата – истакнува Котлар-Трајкова.
На таквиот став се надоврзува и Чепреганов, според кого со самото тоа што има комисија што дискутира за колективната меморија на еден народ, таа настојува да ја промени токму истата таа меморија.
– Фелата не се согласува со тие промени што се случуваат во историјата и затоа не можат да се најдат рецензенти за учебниците по историја за петто и шесто одделение. Тогаш самите членови на комисијата нека бидат рецензенти оти другите историчари не се согласуваат со тоа што треба да го вметнат. Самиот факт што овие разговори за историјата не одат институционално, преку институтите, говори дека оваа комисија е параинституција. Тоа покажува дека во заднината има нешто што треба да се усвои, а што нема да го прифатат другите институти. И тука лежи целата работа. Токму затоа во овие преговори сега нема транспарентност и нема да има ни понатаму, бидејќи тие мора да испорачаат, за да тргнат преговорите, промена, ревизија на македонската историја – констатира Чепреганов.
Професорката Наташа Котлар-Трајкова се согласува дека комисијата е чисто политичка творба и затоа воопшто не сака да излегува во јавност да кажува што договорила со бугарската страна оти нема аргументи да полемизира со стручната фела во земјава.
– Нашиот историски тим е свесен дека големиот број на историчари во земјава веднаш им се спротивставува со аргументи и со ставови. Ако не беа политичка творба, тие ќе излезеа, ќе дебатираа, ќе бараа верификување на своите ставови од еснафот – истакнува Котлар-Трајкова.
Двајцата сметаат дека ако се транспарентни и не кријат ништо во заднина, тогаш членовите на таа комисија треба да свикаат собор со историчарите и таму да се разговара за сите прашања.