Долгот кон татковината и народот, до неговото исполнување, се вика народен идеал

Измина повеќе од еден век откако беше објавен првиот број на „Лоза“, но денешната македонска генерација како да ја заборави суштинската порака на лозарите, дека човекот има потреба од татковина и народ. Македонија е татковина на македонскиот народ, но и татковина на сите оние што ги негуваат македонските особености – јазик, култура, историја итн. Денес македонската лоза е распространета низ Европа и светот, но ние како држава и нација ги сечеме корените на таа лоза. Како да забораваме на т.н. „одблесок на коренот“, односно колку е коренот поблиску, толку е поважен за одржување на лозата. Затоа македонската лоза се наоѓа пред опасност од исчезнување, а тоа се должи пред сѐ на тоа што како држава не водиме грижа за сите оние што ја напуштиле Македонија поради одредени политички или економски причини

Симболиката на виновата лоза е стара илјадници години и честопати пренесува позитивна порака за повторно раѓање, но и порака за слободата, вистината, предвидливоста, одбраната, плодноста и просперитетот. Во уметноста и поезијата, лозата честопати се користи како метафора, а совршен пример е „Песна на лозите во лозјата на Водно“ од великиот Блаже Конески, во која се вели: „Ако сме покорни под рацете на лозјарите, што ги кастрат нашите гранчиња и ги галат ластарите. Тоа не е за да родиме грозје и вино. Тоа е за да биде убаво. Чудни сме ние… Кој почнал да не разбира – Земјата му станува сѐ поблиска“.
Но лозата исто така е вечно врежана во македонската национална мисла како симбол за љубов кон Македонија и љубов кон сопствениот народ, како симбол за негување и афирмирање на македонските јазични, културни и историски особености. Не случајно во 1892 година кога беше формирана Младата македонска книжевна дружина (ММКД) од страна на повеќемина македонски интелектуалци, беше одлучено списанието на друштвото да биде именувано како „Лоза“, поради што дејците на друштвото станаа познати како лозари. Уште во првиот број на списанието „Лоза“, јануари 1892 година, лозарите испраќаат јасна порака: „Ништожник е оној што има подобар пријател од татковината“. Во „Лоза“ исто така соодветно место нашле и мислите на австрискиот барон од македонско потекло Константин Бели-Македонецот, кој велел: „Надвор од татковината, отфрлен од народот, човекот е најнесреќен, па дури и да биде облечен во злато“. Во контекст на баронот Бели, на страниците на „Лоза“ можеме да прочитаме: „Претрупан со богатство, кое му спечели почести и баронска титула во престолнината на Австрија, нашиот сотатковинец се чувствува несреќен, нешто многу му недостасува. Но над тоа незадоволство тој извика како Соломон: Суета на Суетите, а вика од далечната туѓина: татковина, народе! Тој човек има потреба од татковината и народот, но татковината има потреба од човекот, денес татковината има потреба од нас“.
Пораката што беше испратена од „Лоза“ се распространи и беше разбрана од повеќе македонски генерации, а Гане Тодоровски совршено ја сублимираше во „Нашинска“, во која вели: „Да ни е да сме доста, колку за да се разбистри небото, над Бистрине, Корабине. Да ни е да сме доволно колку за да се довардиме покрај Вардарине и Струмине. Да ни е да сме мерата колку за да се прелееме, од колено во колено докрај истрајвекот. Малцичка сме ли ете па што, малцичка божем, а веќе со векови, по стопати по севезден нѐ пребројуваат. Но ние сме како што сте како што се. И покрај сѐ и покрај сѐ, колку сме толку сме токму сме!“.

Измина повеќе од еден век откако беше објавен првиот број на „Лоза“, но денешната македонска генерација како да ја заборави суштинската порака на лозарите, дека човекот има потреба од татковина и народ. Македонија е татковина на македонскиот народ, но и татковина на сите оние што ги негуваат македонските особености – јазик, култура, историја итн. Денес македонската лоза е распространета низ Европа и светот, но ние како држава и нација ги сечеме корените на таа лоза. Како да забораваме на т.н. „одблесок на коренот“, односно колку е коренот поблиску, толку е поважен за одржување на лозата. Затоа македонската лоза се наоѓа пред опасност од исчезнување, а тоа се должи пред сѐ на тоа што како држава не водиме грижа за сите оние што ја напуштиле Македонија поради одредени политички или социјални причини.
Совршен пример за искажаното се оние луѓе што живеат во Турција а имаат македонски корени. Бројката на тие луѓе е непозната, а се верува дека се движи на повеќе од 100.000 лица. Нив ги има во сите делови од Турција, повеќемина од нив се родени во Турција, а нивните предци од Македонија се иселиле пред повеќе децении. Но тие не го заборавиле своето потекло, ги негуваат традициите и обичаите и го зборуваат македонскиот јазик, а доколку им дозволуваат можностите, со радост ги посетуваат и родните краеви во Македонија.
Очигледно е дека тие луѓе во Турција, како и многумина други низ светот, не ја заборавиле Македонија, но ние како држава и нација ги заборавивме. Затоа е потребно да ја повториме пораката што ја испрати Крсте Петков Мисирков: „Секој човек, како член од некоја општина или од некое другарство, има извесен долг и извесни права кон и од нив. Народот не е ништо друго, освен едно големо другарство, основано на крвно родство, на општ произлез, на општи интереси. Паметувањето на тоа родство, тој произлез и тие интереси го натеруваат секој член од некој народ да се одрече од некои свои права и интереси за да му посвети дел од своите сили на општото добро. Тоа е долгот кон народните интереси, за што членот од народноста добива заштита на своите лични интереси таму, каде што не се доста само неговите сили. Долгот кон народот е тесно врзан со долгот кон татковината, зашто поимот народ е тесно врзан со поимот татковина. Долгот кон народот и татковината зависи од историските прилики што ги преживува еден народ и една земја. Тој се применува според приликите. Долгот кон татковината и народот, до неговото исполнување, се вика народен идеал и кон неговото исполнување треба да се стреми секој свесен човек“.