Значајна посета на министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан
Деновиве во посета на нашата држава беше министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан. Тој оствари средба на највисоко ниво, со претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, со претседателот на Собранието, Африм Гаши, како и со министерот за надворешни работи. Посетата и средбите беа потврда за континуитетот на долгогодишното пријателство помеѓу двете држави. Главните теми беа поврзани со актуелната политичка и економска состојба, како и со напредокот на Македонија кон Европската Унија.
На средбата со премиерот Мицкоски беше истакнато дека економската и политичката соработка помеѓу двете држави е од огромно значење и дека има потреба од нејзино понатамошно продлабочување. Во тој контекст беа дискутирани можностите за зголемено учество на турските компании во македонската економија и за нови инвестиции од Турција. Премиерот нагласи дека турското пријателство е од огромна важност за нашата земја, а турската заедница има значаен придонес во општествениот живот и економијата на Македонија. Наедно, беше истакнато дека Турција е докажан поддржувач и пријател на нашата земја и дека постои простор за продлабочување на односите во повеќе области. Како НАТО-сојузници, Мицкоски и Фидан ја нагласија важноста на мирот и стабилноста во регионот, потенцирајќи дека дипломатијата останува клучна за решавање на сите конфликти.
За време на посетата, министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан, во согласност со договорите меѓу Турција и Македонија, како и стратегискиот договор што Република Македонија го има со Турција, меѓу другото го користеше и името Македонија.
Во врска со тоа, грчката опозициска партија СИРИЗА во своја писмена реакција за јавноста наведе дека „турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан за време на неговата вчерашна посета на Македонија направил сериозни прекршувања на Договорот од Преспа, бидејќи освен името Северна Македонија, паралелно го користел и името Македонија“. Н.М.