Фото: Архива

Собранието денеска со 62 гласа „за“ го донесе законот за Националната развојна стратегија, по скратена постапка.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски во своето обраќање по општиот претрес посочи дека предлог законот за Националната развојна стратегија е од особено значање за нашата држава, како и за иднината на македонските граѓани.

Тој појасни дека со изгласување на ова законско решение ќе се отвори патот за донесување на Националната развојна стратегија како хиерархиски највисок долгорочен стратегиски плански документ за национален развој на државата.

Како што посочи, стратегијата ќе претставува сеопфатен документ за економскиот, социјалниот, еколошкиот и културниот развој кој има за цел да обезбеди позитивна средина за национален консензус и долгорочни развојни приоритети за државата, кои ќе бидат клучни предизвици во наредните 20 години.

– Реализацијата на Националната развојна стратегија ќе се одвива преку шест клучни стртаешки области – првата област е одржлива, иновативна и конкурентна економија, втората област е одржлив локален и регионален развој кој ќе обезбедува кохезија, третата област е демографска ревитализација, социјален и културен развој, четвртата област е сигурно, безбедно и отпорно општество, петата е владеење на правото и добро управување, а шестата е зелена трансформација на државата – рече Мицевски.

Тој потсети дека за ова предложено законско решение се одржани неколку јавни расправи во Собранието.

По овој предлог-закон не беа поднесени амандмани. Предлагачи на Предлог законот беа Арбер Адеми, Атнан Незири, Диме Велковски, Јован Митрески, Љупчо Пренџов и Никола Мицевски.

По донесување на законот, претседателот на Собранието Јован Митрески ја прекина 135 седница и најави дека за нејзиното продолжение пратениците ќе бидат дополнително известени.


Предлог на законот за јавниот сектор го помина комисискиот филтер

Предлог на законот за вработените во јавниот сектор, по скратена постапка и со европско знаменце денеска доби поддршка од членовите на собраниската Комисија за европски прашања. За овој закон, кој е дел од пакетот закони подготвени од Министерството за информатичко општество и администрација, беа поднесени вкупно пет амандмани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои беа одбиени.

На оваа Комисија, преостанува да помине и четрвртиот последен закон од пакетот закони подготвени од МИОА – Предлог на закон за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација, по скратена постапка.

Како што стои во образложението за овој предлог-закон во собраниската веб страна, основни цели на Законот за вработените во јавниот сектор се подобрување на ефикасноста и ефективноста во управувањето со човечките ресурси, дорегулирање на постапката за вработување, ревизија на опфатот на законот, поедноставување на постапката за донесување на актите за внатрешна организација и актите за систематизација на работни места, воведување на унапреден концепт за донесување на годишниот план за вработување, дорегулирање на постапките на мобилност и разграничување на надзорот над примената на одредбите од овој закон.

Овој предлог закон се усогласува со европските принципи, стандарди и препораки. Со предложените решенија ќе се обезбеди усогласување со Законот за прекршоците и со Законот за употреба на јазиците.


Предлог-законот за помилување и измените на законот за народниот правобранител го поминаа комисискиот филтер

Комисијата за политички систем и односи помеѓу заедниците на денешната, 69. седница донесе одлука предлог на законот за помилување и предлог на закон за изменување и дополнување на законот за народниот правобранител да бидат дадени на понатамошно читање.

За измените на законот за извршување на санкциите кои беа, исто така, на дневен ред на оваа седница, ќе се дискутира на продолжението кое треба да биде дополнително закажано.

Главна цел на донесувањето на предлог на закон за помилување е да се отстранат лоцираните слабости во текот на неговата примена. Претставникот од Министерството за правда, Мухамед Точи, кој го образложи предлогот на денешната седница, истакна дека со овој предлог се уредува правото на претседателот да помилува лица од казна и кривично гонење, со тоа што со измените тој ќе може да даде помилување само за казни, но не и за кривично гонење.

Пратеникот Дајанчо Ефтимов од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека треба да бидат исклучени членовите кои работат на измените во Кривичниот законик од работната група која работи на Законот за помилување, со цел, како што рече, „да не се доведеме до ситуација на комисија на законски одредби во законски решенија“.

На ова претставникот од Министерството за правда одговори дека групата ќе го има предвид усогласувањето на Кривичниот законик со овој предлог на закон.

Според пратеничката Жаклина Лазаревска од СДСМ, овој закон е добра основа за, како што рече „да можеме да продолжиме во собраниска расправа и да донесеме најдобар можен текст“.

Додека, пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека носењето на овој закон во овој момент, во период кога имаме техничка влада, не е најсоодветно и порача дека како Собрание треба да се фокусираат на процесот на изборите.

– Мислам дека носењето на вакви закони, само да се удоволи на претседателот Пендаровски кој што е најзасегнат за овој закон кој што е негово предизборно верување е некоректно – рече тој.

Комисијата донесе одлука по првото читање на пленарна седница да организира јавна расправа за овој предлог.

Ефтимов, имаше забелешка и во врска со Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за народниот правобранител, при што посочи да се провери и да се доанализира во однос на член 2 и член 5 став 5 во однос на продолжување на мандатот на НП за 60 дена што, според него, е во спротивно со став 1 од истиот член.

Претходно, на седницата број 70 на Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, Комисијата одби три граѓански иницијативи како неуредни и тоа: граѓански иницијативи за собирање на по 150.000 потписи за распишување на референдум на кој граѓаните на Македонија ќе можат да се изјаснат со „за“ или „против“ на референдумските прашања: „Дали сте за или против донесување на Закон за државна пензија со кој сите пензионери со ист стаж ќе имаат иста пензија, а пензиите согласно стажот ќе бидат пресметани според табелата дадена во прилог“, „Дали сте за или против за донесување на Закон за обесштетување со кој се овозможува исплата на неисплатени плати за сите кои биле во работен однос во претпријатие кое пред донесување на Законот за приватизација било општествена сопственост, а исплатата ќе се изврши во рок од две години од посебен државен фонд формиран за таа намена“, и „Дали сте за или против донесување на Закон за промена на Закон за стечајци со кој се овозможува материјална помош во висина од 40 проценти од просечната плата за сите невработени на кои им престанал работниот однос врз основа на стечај, ликвидација или технолошки вишок, а имаат најмалку пет години работен однос во претпријатие кое пред донесување на Законот за приватизација било во општествена сопственост. Остварување на право го има секое лице со навршени 54 години (маж) и 52 години (жена).