Што пишуваа странците што ја посетија Македонија

Голем број светски интелектуалци, патописци, писатели и хроничари пишуваат за Македонија и македонското прашање, со заедничка констатација дека станува збор за посебен народ, со свој јазик, идентитет, историја итн. Во продолжение издвојуваме дел од најинтересните сведоштва и впечатоци на Идит Дарам, Хари де Винд, Георги Чакалов, Чарлс Елиот и Б.Б. Водобозов

Низ страниците на историските сведоштва

Кон крајот на 19 век и првата деценија на 20 век, македонските револуционери успеваат да го одвојат т.н. македонско прашање од глобалното источно прашање. Следствено, Македонија била посетена од голем број странци што од прва рака ја осознавале реалната ситуацијата во оваа тогашна османлиска провинција. Подоцна овие впечатоци биле објавени во неколку книги, книги што од денешна перспектива се автентични сведоштва за минатото на Македонците. Споменатите дела имаат уште поголемо значење, доколку се земе предвид дека потекнуваат од личности што во голема мера имаат неутрален поглед за состојбата во Македонија и не сообразуваат со тогашните пропагандни активности на Софија, Белград и Атина.
Во почетокот на 20 век, англиската писателка Идит Дарам посетува неколку балкански земји, вклучувајќи ја и Бугарија, каде што се запознала со актуелната бугарска политика кон Македонија. Според Дарам, Царска Русија го осмислила планот за создавање руско-бугарска држава, која требало да го отвори патот кон Константинопол (денешен Истанбул). Според неа, бугарските студенти биле пречекувани во Одескиот универзитет и така започнало бугарското национално движење. Русија ја искористила Православната црква и започнала со пансловенската пропаганда за да го придобие балканското православно население. Меѓутоа по создавањето на бугарската држава, Русија наишла на неочекувани тешкотии. Бугарија откако била ослободена, признаена од Европа и обезбедена со германски принц, Софија се стремела кон независност. Во овој контекст биле активностите на Стефан Стамболов, кој се стремел кон ограничување на руското влијание и создавањето голема Бугарија, како што е скицирана со Санстефанскиот договор, за тоа тој потрошил многу време во Македонија, пишува Идит Дарам во книгата „Тежината на Балканот“.

Во однос на бугарската пропаганда, таа истакнува дека биле потрошени огромни суми финансиски средства за да се бугаризира македонското население. Меѓутоа оваа политика предизвикала незадоволство, поради што Стамболов бил збунет и „почна да не ги сака Македонците“. Според Дарам, непрестајните напори на Стамболов „да ја ослободи Бугарија од руското влијание доведоа до негово брутално убиство на улиците на Софија, а наемните атентатори беа Македонци“.
Но Дарам не само што ја разобличува великобугарската политика кон Македонија туку дава и интересни сведоштва за македонскиот народ. Таа вели: „Сум сретнала дури и луѓе што веруваат дека постои посебна раса, која ја нарекуваат Македонец, чија кауза сакаат да ја помагаат. Вистина е дека дијалектот на македонскиот Словен не е ниту српски, ниту бугарски“.
За значењето на македонското прашање во внатрешната и надворешната бугарска политика пишува и Хари де Винд, во книгата „Низ дивата Европа“. Според Де Винд, бугарскиот кнез Фердинанд не бил популарен и бил принуден да работи во Македонија за да ја придобие лојалноста на своите поданици. Во однос на македонското револуционерно движење, Де Винд пишува дека Јане Сандански се прогласил за „единствен легален претставник на Македонците. Неговата цел беше формирање независна држава што ќе биде вклучена во балканска конфедерација“.

За македонското движење пишува и Георги Чакалов во книгата „Македонското прашање и неговото правилно решение“, објавена во 1904 година во Филаделфија. „До 1901 година во македонската револуционерната дејност владееја мир и хармонија. На конгресот од 1901 година, главната команда на Врховниот македонски комитет му била доверена на бугарскиот генерал Иван Цончев, кој не бил роден во Македонија и ја трансформирал организацијата во бугарска пропаганда“, пишува авторот. Георги Чакалов исто истакнува дека оваа политика наишла на опозиција што не ја одобрувала новата тенденција и „работела под мотото: Македонија за Македонците“.
За бројноста на македонската емиграција во Бугарија, како и за македонските активности во оваа држава пишува и Чарлс Елиот во делото „Турција во Европа“, објавено во 1908 година. Според Елиот, летото 1895 година било обележено со атентатот на Стамболов и силна македонска агитација во Бугарија. Авторот исто така забележува дека секогаш имало голем „македонски елемент“ во Бугарија, како и во Србија. Македонските доселеници во Бугарија се посмели, попаметни и поамбициозни од домородците на Кнежевството и не би можеле лесно да бидат контролирани од владата, пишува Чарлс Елиот.
Со реалната состојба во Македонија, од прва рака, се запознал и Русинот Б.Б. Водобозов, чии впечатоци биле објавени во 1917 година, во делото „Балканот – статии и патни белешки“. Според Водобозов, Македонците не верувале во несебичност ниту на Бугарите, ниту на Србите, ниту на Грците и се плашеле од насилно присоединување на Македонија. Овој автор исто така истакнува дека долго пред 1908 година, македонските дејци го истакнале лозунгот „Македонија за Македонците“ и сонувале за формирање „посебна држава“ или барем автономна провинција во Турската Империја.
Д. Ст.