Посетата на бугарскиот премиер ја раздвижи домашната јавност, при што различни општествени структури и слоеви на граѓани имаат серија пораки до Петков. „Нова Македонија“ ги синтетизира и издвои клучните сегменти од пораките и очекувањата на економистите, академиците, правниците, интелектуалците и на новинарите во Македонија упатени до бугарскиот премиер
Пред денешната посета на бугарскиот премиер на Македонија
Новиот бугарски премиер Кирил Петков денеска е во прва официјална посета на Македонија, што предизвикува реакција кај повеќе слоеви во македонското општество, од каде што пристигнуваат јасни и отворени пораки до бугарскиот премиер за редица суштествени прашања од различни области. „Нова Македонија“ ги синтетизира и издвои клучните сегменти од пораките и очекувањата на економистите, правниците, интелектуалците и на новинарите во Македонија упатени до бугарскиот премиер.
Порака од бизнис-заедницата
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, во отворено обраќање до Петков побара надминување на несогласувањата меѓу двете земји во интерес на подобра економска соработка и просперитет на двата народа.
– Сите ние живееме под исто небо, но немаме ист хоризонт. Широк хоризонт имаат само мал број луѓе. Вие, како 51. премиер на Р Бугарија, од 1879 година до денес, имате историска шанса да бидете првиот што гледа најдалеку на хоризонтот… Стоиме на располагање за да помогнеме во тој правец и за да учествуваме со сиот свој капацитет во процесот што ќе овозможи во наредните две години да го издигнеме нивото на економска соработка на една милијарда американски долари, а историчарите нека расправаат колку што сакаат, затоа што тие имаат време, а нашето време е скапо и се плаќа со големи камати и со разни оптоварувања, кои и натаму опстојуваат и кои би било добро да бидат тема на некоја следна средба – порачува Азески, барајќи од бугарскиот премиер симболично да се формира комисија за иднината, наместо двете земји да се расправаат за историски прашања.
Порака од истакнати јавни личности
Неодамна и група македонски интелектуалци и академици преку проглас до македонската јавност ја повикаа Бугарија, како и новиот бугарски премиер, во име на европските вредности да престане да ја блокира земјава на нејзиниот евроинтегративен пат.
Тие бараат од бугарските власти да ги применуваат позитивните и општоприфатени меѓународни конвенции и декларации на ООН за правото на самоопределување и за човековите права и слободи, да се почитува слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност, да се почитува волјата на македонските граѓани да живеат во цивилизирани добрососедски односи и да ја продолжат практиката на соработка меѓу културните, научните, образовните, религиските и економските институции, како и да не се создава конфликтен амбиент во Македонија.
– Сознанијата на општествените, на хуманистичките и на културолошките науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и за неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, се неспорни. Македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективната меморија, менталитетот, јазикот, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и од наративот за припадноста на определен географски и историски простор на којшто се легитимирала идејата за создавање македонска нација – се вели во прогласот на македонската интелектуална елита упатен до бугарските власти, а наедно и до премиерот Петков.
Порака од правните експерти
Правниците и познавачите на состојбите со меѓународното право бараат од Бугарија да почне да ги почитува пресудите на Судот за човекови права во Стразбур, да ги направи потребните уставни промени и да им овозможи права на малцинствата на нејзината територија, вклучувајќи и на македонското.
– Македонците во Бугарија ги остварија своите легитимни очекувања и права пред Европскиот суд за човекови права, Советот на Европа преку своите институции ги легитимира и афирмира правата на Македонците, остана само обврската на Бугарија да ги имплементира – порачуваат правниците.
Според нив, Бугарија треба да го почитува меѓународното право, особено во делот на јус когенс, односно загарантираното право во согласност со конвенциите на ОН секој народ да може слободно да се самоидентификува, да го именува својот јазик, да ги негува својата историја и култура.
Сигналите од седмата сила
Кај новинарската фела, во пресрет на посетата на новиот бугарски премиер, а по провокативните изјави претходно дадени за бугарските медиуми за тоа дека нема македонско малцинство во Бугарија, постои размислување преку еден вид тивок бојкот да се игнорира престојот на Петков во Скопје и на тој начин да се испрати порака до Европа и меѓународната јавност да не замижува веќе пред бугарските уцени и негација на сѐ што е македонско.
Револтот на новинарите, како седма сила, е особено изразен затоа што Петков, наместо да работи на зближување на двата народа, всушност, како да продолжува со анахроните политики на негирање на Македонците, нивната посебност и самобитност, за што потврда е неговата последна изјава за непризнавање на Македонците во Бугарија.