Повеќе од јасно е дека ова е заедничка борба, а успехот нема да дојде ако некој што не бил вакциниран се ограничува во работата, туку ако сите си ја работат својата работа како што треба
Владата го ограничува опсегот на работа на невакцинираните новинари
Новинарите и другите медиумски работници, кои не се вакцинирани, во иднина нема да можат да следат настани, бидејќи тоа не им го дозволуваат неодамна изменетите протоколи, со што тие целосно се спречени во вршењето на нивната професионална работа.
Имено, Владата на седница неодамна го дополнила протоколот за организирање настани со медиумско присуство, со измени што се однесуваат за следење настани на отворено и затворено од страна на медиумите и медиумските работници. Измените се однесуваат на следењето на настани од страна на новинарите и медиумските работници, поточно одлуката се однесува само на невакцинирани новинари и оние што не прележале ковид, на кои во иднина не им се дозволува да следат настани со физичко присуство.
– Задолжително е поседување ковид-сертификат за примени две дози на вакцини или потврда за прележан ковид не постар од 45 дена од денот на прележувањето – соопшти кратко владиниот портпарол Мухамет Хоџа, без да даде детали врз какви епидемиолошки сознанија е темелена ваквата одлука. Од Владата уште додаваат дека со дополнетиот протокол за организирање настани со присуство на медиуми, само се врши усогласување со важечките владини одлуки што важат за сите граѓани и посетители на настани, а дека при подготовката се направени консултации со ЗНМ и со ССНМ.
Многу прашања што чекаат на официјални одговори
Соговорниците со кои се консултиравме, кои се засегнати од оваа одлука, како и аналитичарите се прашуваат „станува ли збор за една несообразена политика кон одредена категорија граѓани, имено кон новинарите, ако се има предвид дека Владата неодамна ретерира од одлуката за задолжително вакцинирање на државната администрација, на која ѝ овозможи и без вакцинација да продолжи да си ја врши работата, но затоа ги ограничи новинарите и медиумските работници во вршењето на нивната работа?“
Исто така се поставува прашањето „дали со ваквата одлука Владата го вклучи црвеното стоп-светло за извршување на професионалните работни задачи на своите работни места на голем број медиумски работници“, кои во неможност да ја извршат својата професионална задача ќе се најдат на милост и немилост на своите претпоставени, а и на сопствениците на медиумите, па по логиката на нештата, за неиспорачани задачи од професионалниот ангажман и договор, би можеле за својата работа да бидат многу помалку валоризирани или прераспоредени на други работни места или, пак, во најлош случај и да го загубат работното место.
Дополнително соговорниците го отвораат прашањето „дали ваквата владина одлука воопшто има некаква врска со епидемиологијата, особено ако се земе предвид фактот дека вирусот еднакво го шират и вакцинираните и невакцинираните луѓе“? Згора на тоа, се покажа дека дисциплината и почитувањето на превентивните мерки од страна на вакцинираните е многу помала за разлика од луѓето што не се вакцинирани.
И дали Владата „војната со антиваксерите и оние што шират дезинформации треба да ја води на поинаков начин, а не со спречување на пристап на невакцинираните новинари, чија основна работа е навремено и вистинито да ги информираат граѓаните за политичките и општествени случувања“?
Здравствените експерти исто така јавно прашуваат, ако веќе се повикува на принципиелност, тогаш по примерот на Австрија „дали треба да донесе одлука за задолжително вакцинирање за сите, а не само за некои категории и професии“.
Логични нелогичности?!
Од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници се согласуваат дека е потребно принципиелно да се постапува, односно ако се бара задолжителна вакцинација на новинарите, тоа да важи и за сите други, вклучувајќи и за државната администрација.
– Основната цел е да се стави крај на пандемијата, која трае предолго, да не се оптоварува болничкиот систем, но истовремено и да се заштитат новинарите. Секако, не може само од нив да се бара да бидат вакцинирани, а истовремено тоа да не важи за државните службеници – посочуваат од ССНМ.
Од Здружението на новинарите на Македонија велат дека се консултирале со неколку други здруженија на новинари од регионот во врска со нивните практики во однос на ова прашање и иако има разлики, генерално слични правила важат или се во најава дека ќе бидат имплементирани до крајот на годината.
Стручната медицинска фела смета дека ваквата одлука на Владата со која се ограничува пристапот на новинарите на настани и се бара да поседуваат сертификати за вакцинација е целосно нелогична и срамна.
– Повеќепати сум кажал и ќе повторам дека сертификатите за вакцинација се срам за цивилизацијата на 21 век. Тоа се однесува и на ова што се бара за новинарите, задолжително поседување сертификат за вакцинација. Медицинска и епидемиолошка логика во сертификатите едноставно нема – категоричен е микробиологот Никола Пановски.
Според него, кога е познато дека сите еднакво го шират вирусот, и вакцинирани и невакцинирани, нелогично е некому да му се ускратува правото да присуствува на настани и да си ја врши работата за која е платен.
– Се потврди во Велика Британија дека без оглед на степенот на вакцинација, сега повторно имаат по 120 илјади дневно заразени, без оглед што поседуваат сертификати. Која е улогата на сертификатот? Тие исто се заразуваат и го шират вирусот – појаснува Пановски.
Несомнено, борбата со ковид-19 ќе продолжи и во следниот период, но затајува вистински организиран пристап на државата во борбата со вирусот. Во време кога светот се затвора пред новиот сој омикрон, повеќето држави воведуваат задолжителни ПЦР-тестови на границите, се ограничуваат масовните настани, во Македонија борбата со вирусот се води преку спречувањето на невакцинираните новинари да присуствуваат на настани, во исто време кога преку границите без никакви тестови влегуваат илјадници гастарбајтери, кафеаните се преполни, се организираат свадби и други свечености… Повеќе од јасно е дека ова е заедничка борба, а успехот нема да дојде ако некој што не бил вакциниран се ограничува во работата, туку ако сите си ја работат својата работа како што треба.