Фото: Игор Бансколиев

Како нуклеарна бомба одекна во европската јавност веста од Брисел дека е „поднесено обвинение против четири лица, осомничени дека примале пари и подароци од една земја во Персискиот Залив, со цел да се влијае врз одлуки на Европскиот парламент“ (?!). И уште посилно одекна и делот од обвинението каде што се образложува коруптивното поведение на конкретни лица, односно дека „се вршела исплата на големи суми пари или им се давале значајни подароци на лица што имале политичка и/или стратегиска позиција што овозможува, во рамките на Европскиот парламент, да се влијае на одлуките на оваа институција!“
Акцијата на обвинителството во Брисел не беше изненадување за повнимателните проследувачи на состојбите. „Нова Македонија“ уште пред една недела објави синтетички осврт од повеќе меѓународни релевантни извори. Во текстот под наслов „Како арапскиот капитал презема влијателен удел во економијата на ЕУ“ беше презентирана синтеза од информации, сознанија и анализи „како арапскиот капитал длабоко навлегува на европскиот континент во последните децении“… Голема е веројатноста, според споменатото обвинение, дека пласманот на капиталот бил и по нелегален пат, со различни коруптивни форми и облици

Во срцето на ЕУ се отвори еден од најдраматичните случаи на корупција во последните години

Викендов европската јавност беше шокирана од сознанието дека со одредени поведенија на високи функционери од меѓународните институции во Брисел биле прекршени низа позитивноправни прописи, кои регулираат материја за борба против корупцијата. Според првичните информации, белгиски судија подигнал обвинение против четири лица осомничени дека „примале пари и подароци од една земја во Персискиот Залив, со цел да се влијае врз одлуки на Европскиот парламент“!
Имено, токму судија, поаѓајќи од одредени индиции, ја истражува „исплатата на големи суми пари или нудење значајни подароци на трети лица што имаат политичка и/или стратегиска позиција што овозможува, во рамките на Европскиот парламент, да се влијае на одлуките на оваа институција“. Оваа информација во Брисел официјално беше лиферувана во јавноста викендов од белгиското обвинителство.
Шестмина осомничени беа уапсени во петокот во Белгија, меѓу кои и грчката потпретседателка на Европскиот парламент, Ева Каили, поранешниот италијански европратеник Пјер-Антонио Панцери и генералниот секретар на Меѓународната конфедерација на синдикати (ИТУЦ), Лука Висентини, исто така Италијанец. Четворица од шестемина уапсени беа обвинети и беа затворени во неделата, меѓу кои и Ева Каили.

„Нова Македонија“ опиша начини на пенетрација на арапски капитал во ЕУ, но и можни влијанија врз политички одлуки во Европскиот парламент

Ваквата акција на обвинителството во Брисел не беше изненадување за повнимателните проследувачи на состојбите. „Нова Македонија“ уште пред една недела ја објави својата анализа во која се повикуваше на меѓународни релевантни извори, односно во текстот под наслов „Како арапскиот капитал презема влијателен удел во економијата на ЕУ“. Притоа презентиравме сознанија како арапскиот капитал длабоко навлегува на европскиот континент во последните децении. Наедно и дека новата економска криза што ја разјадува Европа им овозможи нови можности на моќните и финансиски силни арапски држави да влијаат врз политиката на најмоќните европски држави и на целата ЕУ. Арапските петромонархии од Персискиот Залив од Советот за соработка во Персискиот Залив (ГЦЦ), во кој се вклучени Саудиска Арабија, ОАЕ, Бахреин, Кувајт, Катар и Оман, успеаја да изменаџираат влијание кај водечкиот дел од европската политичка елита со својата финансиска моќ, да влијаат на европската политика и да се наметнат како европски стратегиски партнери на Блискиот Исток. Примерите зачудувачки покажуваат дека Арапите како сопственици на толкави големи удели во водечките европски корпорации и банки, поврзани со британскиот и американскиот капитал, почнаа значајно да одлучуваат за клучните прашања на европската политика.
Во анализата на „Нова Македонија“ се потенцира дека „како да станува непишано правило секогаш кога Европа има економски проблеми или кризи, вратите на европската економија и финансии се широко отворени за арапскиот капитал. Станува збор за инвестиции што се влеваат во Европа речиси исклучиво од богатите петромонархии од Арапскиот Залив собрани околу Саудиска Арабија во Советот за соработка во Заливот (ГЦЦ), кој покрај водечката Саудиска Арабија ги вклучува и Обединетите Арапски Емирати, Катар, Кувајт, Бахреин и Оман“.

Трагата од Брисел води до Катар

И во најновиот случај, со апсењата во Брисел, тамошните медиуми веднаш се посомневаа во Катар, а потврдата набргу стигна од официјален извор. За европскиот комесар за економија Паоло Џентилони, наводниот случај за корупција во корист на Катар, во кој се вклучени претставници на Европскиот парламент, претставува „сериозна повреда на угледот“ на оваа институција на ЕУ.
Но она што е посебно интересно во случајов е фактот дека со оваа земја е поврзано и името на Гркинката Ева Каили, која веднаш ги загуби своите овластувања поради поврзаност со истрагата за корупција во Брисел. Грчката европратеничка беше уапсена во петокот во Белгија, заедно со другите осомничени за подмитување.
Ева Каили беше одговорна за земјите од Персискиот Залив во рамките на нејзината функција потпретседателка на ЕП. За време на нејзината неодамнешна посета на Катар, таа ја нарече земјата „лидер во правата на работниците“. Според изјавата на белгискиот обвинител, Катар целел на функционери „со значајна политичка и/или стратегиска позиција“ во Европскиот парламент, испраќајќи им „значителни суми пари“ и „важни подароци“.
Се разбира, по откривањето на случајот од страна на медиумите, не беше јасно дали Каили е една од обвинетите. Нејзиниот кабинет не одговарал на телефонските повици од медиумите, ниту одговарал на електронските пораки со барање да го коментира случајот. Но владејачката грчка социјалистичка партија ПАСОК во меѓувреме соопшти дека ја исклучила Каили од членството, што се толкува како потврда на информациите за нејзината вмешаност. Засега не е потврден идентитетот на обвинетите лица, како и на ослободените, па не се знае точно дали Гркинката е на списокот.
Обвинителството во Брисел соопшти дека бил претресен домот на уште еден европратеник во саботата, но повторно не објави за кого станува збор. Членот на Белгиската социјалистичка партија Марк Трибења потврди дека станувало збор за неговиот дом и дека му се одземени компјутерот и мобилниот телефон.
Еврокомесарот за економија Паоло Џентилони изјави за италијанскиот телевизиски канал РАИ 3 дека станува збор за „многу сериозен случај“.
– Доколку биде потврдено дека некој земал пари за да се обиде да влијае на мислењето на Европскиот парламент, тоа ќе биде една од најдраматичните корупциски приказни изминатите години – додава Џентилони.
Потврдувајќи дека ЕП стои цврсто против корупцијата, претседателката на оваа институција, Роберта Мецола, ја потврди својата подготвеност да соработува со сите релевантни органи за спроведување на законот и правосудството.
– Тоа е многу сериозна повреда на угледот на Европскиот парламент, срамна и неподнослива афера – се жалеше Паоло Џентилони за време на програмата на РАИ.
– Европскиот парламент отсекогаш бил врв на правата, веројатно не му биле дадени доволно овластувања, но во однос на принципите секогаш бил референтна точка. Ако се потврди дека некој добил пари за да се обиде да влијае на мислењето на Европскиот парламент, мислам дека тоа навистина ќе биде еден од најдраматичните случаи на корупција во последните години – додаде италијанскиот комесар.
Аферата изби во текот на Светското првенство во 2022 година, додека земјата организатор мораше да вложи напори да ја одбрани својата репутација откако се најде на удар за (не)почитување на човековите права, особено оние на работниците. Тоа доаѓа и во пресрет на пленарната сесија на Европскиот парламент во Стразбур, каде што односот меѓу ЕУ и Катар неизбежно треба повторно да се појави во дебатите, со оглед на дебатата за визната либерализација за граѓаните на оваа земја.

Добро познат начин на купување влијание

Со вперувањето на прстот во Катар станува очигледно дека европските институции полека стануваат свесни за опасноста што доаѓа од правец на Заливот. Имено, како што веќе објави „Нова Македонија“, огромните инвестиции главно од државните инвестициски фондови од овие земји во европските банки, финансиските деловни компании и сè повеќе во енергетиката и индустријата, неминовно доведуваат до политичко влијание на арапските инвеститори врз центрите за одлучување на најмоќните европски држави.
Новата енергетска и економска криза во која полека повторно се вовлекуваат Европа и Европската Унија, како и за време на финансиските кризи од 2007/2008 година, последователно повлекуваат нови масивни инвестиции на арапскиот капитал. Бизнисот во Европа на најголемите арапски државни фондови од Катар, Обединетите Арапски Емирати и од Кувајт расте речиси пропорционално со растот на економската и финансиската криза во Европа. Најагилни се и најсилните арапски државни фондови, пред сѐ Катарскиот инвестициски фонд, а потоа средствата од Обединетите Арапски Емирати и Кувајт – АДИА и „Кувајт инвестициска управа“, како и Саудискиот државен фонд (ПИФ).
Инвестициите на арапските фондови се внимателно планирани и темпирани. Тие купуваат акции во европски компании токму во најзгодниот момент. Тие првенствено се насочени кон компаниите на најмоќните европски земји, пред сѐ германската економија. Катар во последните месеци троши милијарди за да го прошири своето влијание во германската економија. Со инвестирање пари преку своите фондови, Катар не само што купува акции туку и влијае.
Таквиот (нов и проевропски) статус на Катар во официјалната германска политика и економија е прикажан во студијата на угледниот аналитички центар „Форумот Дарендорф“, основан од берлинската школа за управување „Херти“, Лондонската школа за економија и фондацијата „Штифтунг Меркатор“ во 2017 година, која се обидува да ја промовира соработката со Катар и другите земји од споменатиот ГЦЦ (Советот за соработка во Заливот), да создаде поубава слика за Катар и да ја нагласи неговата стратегиска важност за германската и европската политика. Студијата на „Дарендорф“, чиј автор е Николас Фром од универзитетот на германските вооружени сили „Хелмут Шмит“ во Хамбург, тврди дека за време на владеењето на емирот Хамад бин Калифа Тани (1995-2013), Катар започнал „политика на отвореност кон надворешниот свет и изградба на либерална економска и социјална структура“, која наводно го доближила до европскиот социјален и економски модел.

Тим на „Нова Македонија“ во соработка со постојаната соработничка од Брисел Лорета Трајковска