Фото: Архива на „Нова Македонија“

Расветлувањето на еден кривичноправен настан и откривањето на еден основано осомничен сторител и соизвршители за две грозоморни убиства и грабнување за материјална корист (како што е наведено во соопштенијата од истрагата) на извесен начин се метафора на вкупните системски аномалии при практикувањето на општественото живеење и стварност. Како да го видовме во амбис еден цел интегрален систем – од превенција до репресија на криминални поведенија, од истражителски до обвинителски и судски процесирања… Уште еднаш стана страшно видлива агонијата на целото правосудство, всушност исто како и на извршната и на законодавната власт. За жал, уште еднаш се докажа и ниската довербата на граѓаните во институциите, досега искажувана во истражувања на јавното мислење

Институционален систем во состојба на агонија

Убиство на дете, престрелки во трговски центри, корупција, криминал… Откривањето на основано осомничените за сторување на злосторството, т.е. на убиството на малолетната Вања Ѓорчевска, речиси една седмица по исчезнувањето од пред нејзиниот дом (како и на повозрасниот Панче Жежовски), предизвика климакс на состојбите на апатија, очај и страв, кои како темна сенка се провлекуваат низ секојдневното функционирање на македонското општество. Притиснати од неизвесноста на егзистенцијата, амбивалентноста на политичката состојба во земјата, лажните заложби за борба против криминалот и корупцијата…, македонските граѓани овој пат се соочени со искушението на доверба во системот да се погрижи и да ги заштити базичните цивилизациски, граѓански вредности и права за квалитетен „базичен живот на граѓаните“. По сите афери и потфрлања во речиси сите сфери на системската организираност на државата, здравство, образование, економија, право и правда…, ваквите грозоморни убиства го наметнуваат освестувачкото прашање: Што му се случува на македонското општество?

Бумерангот што го донесе амбиентот на противречни вредности

– Ако триесет години, со почетокот на приватизацијата, која од корен ги промени вредностите и начинот на економско-финансиско функционирање, развивавме еден систем, држава, општество, кој правно и законски не реагираше соодветно на таквите промени, се доведовме во оваа ситуација во која една општествена структура е задоволена, но последиците за поголемиот дел од општеството се непредвидливи и несогледливи. Тоа што 30 години не се внимаваше во елементарните практики за регулирање на правилно и праведно општествено однесување во услови на промена од еден во друг општествен систем, да се постават како основа на правниот систем, сега ни доаѓа на наплата. Во таков амбиент со противречни вредности, се формираа луѓето во Македонија, кои во текот на своето формирање гледаа дека работите во општеството не функционираат според воспитувањето што го добиваат или претходно го добиле. Одреден период таквите противречности им изгледаат неверојатно и неприфатливо на граѓаните, но кога таквиот противречен манир на однесување ќе влезе во институционалниот систем, тој станува системски манир. Институциите ја губат елементарната функционалност за организирање и спроведување на правилата на општеството и државата. Индивидуалците се збунети, чувствуваат како да живеат во општество во кое правилата не функционираат, како да се исфрлени од системот и дејствуваат инстинктивно (според принципот што се наметна „снајди се“). Таквата состојба им одговара на политичките фактори, зашто им помага да биде препознаена вистината. Со последната вознемиреност на граѓаните и со откривањето на сторителите на грозоморните убиства уште еднаш излегоа на површина внатрешните противречности во општеството. Но стравувам дека оваа ситуација е најава на нов бран на економско-финансиско-политичко престројување и прегрупирање на македонското општество – вели универзитетскиот професор, социологот Илија Ацески

И како што еден граѓанин резигнирано се запраша дали сето ова е реално, добивме и одговор од наш соговорник и соработник дека „животот одамна овде е надреален“! Токму надреалната природа на нашето живеење ги вклучува елементите на изненадување, на апсурдност, на неочекувани јукстапозиции…, при што реалноста станува надреалност, иако сето тоа ни се случува опипливо и пред наши очи, а за жал сите ние не правиме ништо за да запре тоа

Огледало на целото општество

Расветлувањето на еден кривичноправен настан и откривањето на еден основано осомничен сторител и соизвршители за две грозоморни убиства и грабнување за материјална корист (како што е наведено во соопштенијата од истрагата) на извесен начин се метафора на вкупните системски аномалии при практикувањето на општественото живеење и стварност. Како да го видовме во амбис еден цел интегрален систем – од превенција до репресија на криминални поведенија, од истражителски до обвинителски и судски процесирања… Уште еднаш стана страшно видлива агонијата на целото правосудство, всушност исто како и на извршната и на законодавната власт. За жал, уште еднаш се докажа и ниската довербата на граѓаните во институциите, досега искажувана во истражувања на јавното мислење
– Таа недоверба на граѓаните во институциите што создава целосна нестабилност во општеството трае со години. Сето тоа влијае на квалитетот на животот на граѓаните, почнувајќи од несигурноста за животната егзистенција, па еве и за внатрешната безбедност во државата, како и за личната безбедност. Во релативно краток историски период (иако за нас тоа е голем дел од нашите животи), македонските граѓани преживуваат огромни државно-општествени промени и големи политички превирања. Во таквите нестабилни и променливи состојби во државата, која функционира според изместени правила и вредности, граѓаните чувствуваат како да се оставени сами на себе, незаштитени од државата и институциите. Тие немаат доверба дека институциите работат во нивна корист. Дури општествената конфузија е доведена до таков степен, што ни институциите како воопшто да не се трудат да ја стекнат довербата на граѓаните. Првенствено, граѓаните не чувствуваат никаква социјална грижа од државата. Напротив, уште и цинично се обвинувани од политичката елита дека самите се виновни за таквата состојба, зашто ги избрале да бидат „елита“. Цинизмот е толкав што и овие трагедии и злосторства, кои ги вознемирија македонските граѓани, веќе на некој начин се настојува да се искористат во политички цели. Според Фројд, првиот знак за нарушена, изместена ментална состојба на една личност е отсуството на срам. Обидот да се искористи една општествена трагедија за политички цели покажува дека целиот државно-општествен систем ни е нарушен, нема контакт со реалноста и практично е во состојба на психоза. А граѓаните имаат чувство дека системот што тие самите го одржуваат не се грижи за нив и дека се злоупотребени и небезбедни – вели психологот Мирјана Стојановска-Јовановска.