Илустрација: „Нова Македонија“

Реномираниот белгиски медиум „Политико“ жестоко распали во својот текст во врска со амбиентот и заклучоците на неформалниот самит на Европската политичка заедница (ЕПЗ) во Гранада, Шпанија, со описот за настанот, при што напиша дека „чувството на бесполезност на неформалниот самит кулминира кога Шпанија како домаќин во последен момент ја откажа планираната прес-конференција, која ја очекуваа дури 700 новинари“…

Зошто преовлада чувството на бесполезност на ЕУ на неформалниот самит во Гранада

Одгласите од шпанската Гранада, каде што вчера и завчера (5 и 6 октомври) се одржуваше третиот самит на Европската политичка заедница и неформален самит само за членките на ЕУ, не влеваат оптимизам за брза разврска на предизвикот за внатрешни европски реформи, кои си ги поставува самата Унија поради тешкотиите со функционалноста со сегашниот начин на одлучување со консензус, но и несоодветниот формат на ЕУ-институциите. И покрај декларативните обраќања на лидерите на самитот со позитивно расположение за проширувањето (како и на високите челници на самата ЕУ), сепак, таквата перспектива е оставена во „временскиот хоризонт“ (Борел), откако најверојатно ќе се спроведе француско-германскиот план за реформирање на ЕУ во четири брзини, зашто ЕУ во мигов нема ни институционален, ни буџетски капацитет за проширување (?!)… Според бриселскиот медиум „Политико“ – „чувството на бесполезност“ на неформалниот самит кулминира кога Шпанија како домаќин во последен момент ја откажа планираната прес-конференција, која ја очекуваа дури 700 новинари“.

Македонската извршна власт импонирана од самитот на ЕПЗ, другите балкански лидери – индиспонирани

Во Гранада беше и македонскиот премиер Димитар Ковачевски, кој задоволно констатираше дека Македонија е во „одлична позиција во однос на ЕУ“, со оглед на тоа што, според него, минатата година сме ги започнале преговорите за членство, апстрахирајќи го условот на Бугарија за измени на македонскиот устав. Дури и од Гранада, Ковачевски влезе во „дебата од далечина“ со лидерот на опозицијата во земјава, обвинувајќи го за кочење на евроинтегративните процеси, со одбивањето да се изгласаат уставните измени, за кои има голем отпор и во македонската јавност. Сепак, премиерот имаше позитивни пораки за македонските европерспективи од самитот на ЕПЗ.
– Ние се наоѓаме во одлична позиција, со оглед дека минатата година ги почнавме преговорите. Од друга страна, ЕУ има стратегиски интерес и веќе отворен процес за свое приспособување. Ќе постои динамика и на страната на земјите-кандидати за членство, меѓу кои сме и ние, но и на динамика внатре во ЕУ во однос на приспособување на функционирањето со повеќе земји-членки – рече Ковачевски.
Од друга страна, се чини дека албанскиот премиер Еди Рама слушнал повеќе предупредувачки тонови во најавите за реформирање на ЕУ со четири нивоа, па порача дека земјите од Западен Балкан не прифаќаат друга алтернатива, освен полноправно членство во ЕУ.
– Нема нешто како членство од втора класа. Како што сме во оваа ситуација, да! Има прва и втора класа Европа меѓу Европејците со „У“ и Европејците без „У“. Со тоа „У“, мислам на Унија – изјави Рама.

Никој не е подготвен за големи чекори во Унијата

Иако европските медиуми го оценуваат самитот на Европската политичка заедница повеќе како „политички саем“ за средби на европските лидери и политичари што не се сретнуваат често и нема обврзувачки карактер, одгласите што доаѓаат од таму го рефлектираат расположението на земјите-членки на ЕУ за клучните прашања и предизвици пред кои се поставени. Земјите-кандидати, пак, имаат можност да ги согледаат реалните тенденции и како тие европски процеси ќе се одразат на внатрешнополитички план. Со оглед на неконкретната перспектива на проширувањето на Унијата, изразена на самитот во Шпанија, за Македонија уште понагласено се наметнува преиспитувањето на смислата за спроведување на уставните измени, кои се бараат за започнување на преговорите за членство, за кои не е извесно за каква ЕУ ќе се водат.

– Никој во ЕУ не е подготвен да прави големи чекови во однос на проширувањето. Во таков амбиент, некоректно е од ЕУ да поставува такви големи барања за национални отстапки од земјите-кандидати, кога не е подготвена за проширување. Уставните измени што се бараат од Македонија, во овој миг нема да значат некое вистинско придвижување кон ЕУ, ниту сериозен напредок во преговорите, а само предизвикаа внатрешнополитички компликации – вели Ида Мантон, експертка за меѓународни преговори и медијација.
Според анализата на Мантон, од појавата на францускиот предлог во македонскиот политички дискурс, како шанса за напредување на земјата кон ЕУ, ништо квалитативно не е променето во насока на подготвеноста и за преговори и за реформи.

– Во суштина, од францускиот предлог ништо не е променето на подобро, во однос на нашата подготвеност за преговори со ЕУ, но и во односите со Бугарија. Немаме напредок ниту во владеењето на правото, ниту во борбата со корупцијата…, а внесувањето на Бугарите во Уставот нема да придонесе за напредок на планот на суштинските реформи за ЕУ.
Бугарија и понатаму ќе се однесува уценувачки и ќе ја легитимира таквата практика на уценување со ирационални желби во процесот на одлучување на ЕУ – вели Ида Мантон.

Фото: ЕПА