Некои неодамнешни провокативни ситуации и изјави при посетата на косовските политичари во Македонија, особено по изјавата на премиерот на Косово, Албин Курти, кој препорача „Македонија да се дружи повеќе со Косово, Албанија и Бугарија, но не и со Србија“, влијаат многу сугестибилно на највисокото раководство на нашето МНР, особено на министерот Османи. Токму во таа смисла нашиот министер за надворешни работи во неколку очигледни наврати со своите потези и изјави ги става интересите на Косово пред интересите на Македонија, како всушност да е носител на висока државна функција во извршната власт на Албин Курти на Косово. Последен таков пример е епизодата со размислувањата на министерот Османи за преиспитување на учеството на Македонија во иницијативата Отворен Балкан поради инцидент на Косово!? Повеќе соговорници издвоија став дека тоа мошне симптоматично имплицира на „…македонска дипломатија што им дава приоритет на туѓите пред сопствените национални интереси…“!
Изјавата на косовскиот премиер Албин Курти „Македонија да се дружи повеќе со Косово, Албанија и Бугарија, но не и со Србија“ буквално сфатена од МНР
Кратката епизода со личниот став на актуелниот министер за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи, во врска со идејата за „преиспитување на македонското учество во регионалниот проект Отворен Балкан“, поради „солидарност со позициите и интересите на еден од соседите во конфликтна ситуација со друг сосед“…, колку и да личи на невообичаен преседан, едно кратко навраќање на неколку слични ситуации поврзани со политичари или граѓани од Косово навестува чуден синдром на македонската дипломатија со фаворизирање на интересите на северозападниот сосед, давање преференцијален статус во односите на нашата држава во односите со Косово, па дури и давање приоритет на за нас туѓите косовски интереси, пред сопствените национални интереси.
Македонија да го преиспита своето учество во регионалниот проект Отворен Балкан поради инцидентот во Косово?!
Политичко-безбедносната состојба во Македонија, како дел од регионот што се смета за „безбедносни сврзани садови“, според високи претставници на власта задолжени за тие прашања, нема некакви посериозни импликации по оружениот инцидент со жртви на северот на Косово, пред три седмици. Но министерот за надворешни работи сепак изрази личен став дека Македонија треба да го преиспита своето учество во регионалниот проект, токму поради тој инцидент во соседството.
– Ако се докаже дека Србија на каков било начин е вклучена во нападот во северно Косово, мислам дека треба да го преиспитаме нашето учество во иницијативата Отворен Балкан. По случувањата во Косово на 24 септември, мислам дека Србија треба да направи напори да докаже дека не е вмешана во тој настан. Бидејќи доколку има какво било државно вмешување, навистина го прави невозможно нашето учество и на другите земји во регионот, бидејќи идејата за Отворен Балкан, пред сѐ, беше помирување. И ова што се случи во северно Косово се надевам дека ќе се докаже дека нема државно вклучување, но ако се докаже, навистина мислам дека треба да го преиспитаме нашето учество – изјави Бујар Османи во едно свое гостување на телевизиски медиум.
Непотребно заземање страна од МНР, без водење сметка за сопствените интереси
Навидум принципиелната солидарност на министерот за надворешни работи на Македонија, во дел од експертската јавност е оценета како непотребно заземање страна на македонската дипломатија во туѓа спорна ситуација, а со тоа автентичните македонски национални интереси се ставени во втор план.
– Непристојно, несоодветно и недипломатско е изнесувањето на личниот став на Османи за преиспитување на нашето учество во Отворен Балкан, со што практично Македонија ја вмешува во туѓ конфликт. Освен што тоа личи на заземање страна и ги загрозува билатералните односи со другата, што се случи со толку фалените придобивки за Македонија од Отворен Балкан? Што се случи со нашиот национален интерес? Го жртвуваме ли за интересот на еден од соседите? Знаевме дека Отворен Балкан е некаква компензација на западната меѓународна политика затоа што постојано го одложува приемот на земјите од регионот во Западен Балкан, па поддржува такви иницијативи за регионално поврзување на капитал, стоки, луѓе и услуги, иако на тој начин практично регионално се самоизолираме. Но, сепак, Македонија во оваа иницијатива препозна свој интерес. Во регионалните иницијативи (како впрочем и во сите меѓународни иницијативи) треба пред сѐ да се водиме според своите интереси. Откажувањето од својот препознаен интерес во Отворен Балкан, поради туѓ конфликт, а кој не се знае како ќе заврши, е неразумност што говори за отсуство на автентична надворешна политика на Македонија. Колку што е далеку ЕУ од нас, од Македонија, толку е далеку и од Србија и Косово. Не треба да се откажуваме од тие малку придобивки што сме ги постигнале во настојувањата за евроинтеграции, заради „солидарност“ со нечиј туѓ интерес – вели професорката Солза Грчева.
Премиерот Димитар Ковачевски потврди: Ставот на Владата останува непроменет, Македонија останува во сите регионални иницијативи!
Иако министерот Османи, по јавното излагање на идејата за преиспитување на учеството на Македонија во Отворен Балкан, нагласи во соопштение дека тоа е „негов личен став, а не на Владата“, сепак премиерот Димитар Ковачевски потврди дека ставот на Владата останува непроменет, а Македонија останува во сите регионални иницијативи сѐ додека од нив имаат придобивки сите граѓани.
– Ако нема мир во регионот, ќе нема ниту иницијативи како Отворен Балкан, ниту Берлински процес, а некои иницијативи ќе треба да се преиспитаат. Сепак, за да има успешни иницијативи, мора да има мир и почитување меѓу сите земји што учествуваат таму. Да – за интеграција и соработка, но не и за конфликти – порача Ковачевски.
Некои неодамнешни провокативни ситуации и изјави при посетата на косовските политичари во Македонија, особено со „препораката“ на премиерот на Косово, Албин Курти, „Македонија да се дружи повеќе со Косово, Албанија и Бугарија, но не и со Србија“, на епизодата со размислувањата за преиспитување на учеството на Македонија во иницијативата Отворен Балкан, мошне симптоматично имплицираат на дипломатија што им дава приоритет на туѓите пред сопствените национални интереси.