Шпанскиот политиколог и истражувач Алехандро Естесо Перез, специјализиран за проширувањето на Европската Унија и за политиките на Западен Балкан, смета дека со францускиот предлог за условено деблокирање на македонската евроинтеграција од Бугарија, „кандидатурата на Скопје за членство е скршена и ќе бидат потребни години за да се поправи, ако тоа воопшто се случи“. Што мислат домашните политички аналитичари за тоа колкави се политичкиот капацитет и просторот за маневрирање во вака дефинираниот европски ќор-сокак со францускиот предлог?

СТРАНСКИ И ДОМАШНИ АНАЛИТИЧАРИ СКЕПТИЧНИ ВО ОДНОС НА ЕВРОПСКИТЕ
ПЕРСПЕКТИВИ НА МАКЕДОНИЈА

Дилемата што остана да виси во (гео)политичкиот простор, дали на Македонија навистина ѝ се отворени евроинтеграциските порти во Брисел со одржувањето на првата формална меѓувладина конференција, и покрај (неевропските) услови за уставни измени, отвори нова позиција за политички анализи, пораки и предвидувања, како од македонска така и од европска перспектива. Колку и да се спротивставени тезите и различно мотивирани пораките, главно наведуваат на констатацијата дека со прифаќање на францускиот предлог, Македонија е заглавена во европскиот ќор-сокак.
Шпанскиот политиколог и истражувач, Алехандро Естесо Перез, специјализиран за проширувањето на Европската Унија и за политиките на Западен Балкан, смета дека со францускиот предлог за условено деблокирање на македонската евроинтеграција од Бугарија, „кандидатурата на Скопје за членство е скршена и ќе бидат потребни години за да се поправи, ако тоа воопшто се случи“, а „изгледите на Македонија за пристапување во ЕУ сега се уште понејасни“.
– Одобрувањето на предлогот е далеку од добра вест. За волја на вистината, француската рамка го зацврстува национализмот во неговото јадро и ја прави земјата заложник на каприците и на импулсите на Софија. Рамката што ја постави Франција денес е ќор-сокак за Македонија. Кандидатурата на Скопје за членство е скршена и ќе бидат потребни години за да се поправи, ако тоа воопшто се случи. Преку својот предлог, Франција ефективно дозволи национализмот и домашниот фанатизам да станат дел од рамката за пристапување на Македонија во ЕУ. Ова само ќе обезбеди платформа за воинствен антидискурс и за легитимирање на секое бугарско барање. Во избрзаниот обид да се стави крај на ќор-сокакот, Париз ја избра страната на насилникот, која одлучи да ја задоволи во потрагата по брза политичка победа. Се разбира, ова е направено на сметка на жртвата, при што изгледите за пристап на Македонија сега се уште понејасни – пишува Перез во својата анализа за порталот „Њу Истерн Јуроп“, во написот насловен: „Францускиот предлог на ЕУ за Македонија нè учи дека национализмот ќе надвладее“.
Според Перез, Македонија „остана со отровно јаболко“ и „Владата, за жал, реши да го загриза“.

Симптомите од првиот „загриз на отровното јаболко“ во Македонија се манифестираа со објавата на препораките на македонскиот дел од мешаната историската комисија со Бугарија, за заедничко чествување личности од македонската и словенската средновековна историја, како и корекции на наративите за тој период во учебниците од основното образование. Во реакциите на научната јавност во Македонија, препораките од историската комисија се оценуваат како (научно) нерелевантни и необврзувачки, пред сѐ зашто во нив се препознаваат политички притисок и влијание. Но се чини дека тоа не ја обесхрабрува политичката елита да ги спроведе како обврска преземена со прифаќањето на францускиот предлог за преговарачката рамка и билатералниот протокол за спроведување на Договорот за добрососедство. Дополнително индикативно и провокативно во новосоздадена состојба во триаголникот Македонија – Бугарија – ЕУ е пораката на бугарскиот европратеник, Андреј Ковачев, до македонските политичари дека „препораките на историската комисија не се безначајни, туку претставуваат задолжителни услови поставени во преговарачката рамка, кои мора реално да се исполнат за да се продолжи процесот на приклучување кон ЕУ“.
Ваквите пораки од бугарска страна имаат очигледна цел да ја наметнат позицијата дека бугарските барања во процесот на македонските евроинтеграции и сѐ што во меѓувреме ќе им падне на памет на бугарските политичари, во Македонија треба да се третираат како „предлог и барање на ЕУ“. Во така создадениот контекст на македонските евроинтеграции како влезени во слепа улица, се наметнува прашањето каков е македонскиот политички капацитет за маневрирање во европскиот ќор-сокак? Односно, дали како земја-кандидат со започнати преговори, Македонија може да издејствува реципроцитет во исполнувањето на барањата што ѝ се поставуваат (како услови на ЕУ), за самиот процес да биде според европските критериуми и стандарди?

– Ако се прават евроинтеграциски маневри во просторот што е ограничен со Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство со Бугарија и францускиот предлог на преговарачката рамка, патот на Македонија во процесот на преговори за членство во ЕУ води прво до бугаризирање на македонската историја, а преку тоа и на македонскиот народ. Вака поставената преговарачка рамка, која условува со придржување до протоколот за спроведување на Договорот за добрососедство, за Македонија значи дека бугарските барања имаат еднаквост на европски барања и многу неверојатно е дека ќе ни биде дозволен некаков реципроцитет во исполнување на „бугарско-европските“ услови. Самата ЕУ ја верификуваше таквата состојба со францускиот предлог и со изјавите на еврофункционерите, кои доаѓаа во Македонија да издејствуваат негово изгласување во Собранието – од Шарл Мишел до Урсула фон дер Лејен. Оваа патека што ја зацртаа политичарите од Македонија вклучени во преговарачкиот процес со Бугарија и со ЕУ, несомнено води до уставни измени за внесување на Бугарите во македонскиот устав. Но тоа не треба да се случи и не треба да се дозволи да помине во Собранието. Можеби самите уставни измени нема да значат бугаризација, но секако ќе бидат отворена врата за легитимација на таквиот процес – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.