Фото: Игор Бансколиев

Како бугарската хегемонистичка доктрина практикува цензура, недостапност до архивската граѓа, манипулации и историски фалсификати

Повеќемина универзитетски професори, историчари и истражувачи се унисоно согласни со констатацијата дека бугарската хегемонистичка и шовинистичка доктрина, со која се негираат и присвојуваат македонските јазични, културни и историски особености, се служи со инструменти за класична цензура, манипулации и историски фалсификати. Досега многупати беа посочени повеќе вакви примери и истовремено беа повикани бугарските научни и образовни институции да дозволат непречен пристап до сета архивска граѓа со која располагаат.

Зошто Бугарија не дозволува пристап до сета архивска граѓа?

Гоце Панговски, кој многу години ги истражува историските архиви, вели дека е мошне симптоматична бугарската негаторско-присвојувачка националистичка доктрина кон Македонците. Во таа насока е и евидентниот повеќедецениски пристрасен однос кон архивската граѓа со која располага Бугарија, а за која има индиции дека содржи јасни факти за националната посебност на Македонците, далеку пред 1944/45 година, нагласува Панговски.
– Така, на пример, со децении бугарската историографија и лингвистика негираа дека воопшто постои фамозниот „Доклад“ (реферат) на Никола Јонков Вапцаров, за во средината на 1990-тите години, откако некои бугарски автори си дозволија да пишуваат за него, да се обидат јасно искажаната македонска национална припадност на Вапцаров и на неговите истомисленици од Македонскиот литературен кружок да ја претстават како некаква божемна наредба на Коминтерната, а не нивно вродено чувство за припадност – вели Гоце Панговски.
Панговски исто така нагласува дека од постариот период, од времето на Разловечкото и Македонското (во бугарската историографија намерно наречено „Кресненско“) востание и непосредно по нив, сѐ уште има документи што се или недостапни, или од бугарска страна не се објавуваат во оригинал или фототипно за и македонските и сите светски истражувачи да имаат целосен и директен увид во нив. Можам да наведам уште примери од кои ќе се утврди дека на многу македонски историчари не им бил дозволен пристап до одредени архивски фондови и документи во архивите на Бугарија, со елегантни изговори дека „се оштетени“ и/или „се реставрираат“, вели Панговски.
Според него, доколку официјална Бугарија и сите нејзини научни и образовни институции се толку уверени во нивното националшовинистичко и во суштина гротескно тврдење за наводното непостоење на нас Македонците пред 1944/45 година, зошто не дозволат непречен пристап до сета архивска граѓа со која располагаат?
– Се чини дека одговорот е јасен и е во насока на старата изрека „стравот го чува лозјето“. Сепак, држава и нација како бугарските што толку многу внимание посветуваат на негирање или дрско присвојување на историјата на една соседна нација како македонската, а во исто време или не си го знаат или постојано се во потрага по својот „произход“ (потекло) и на официјално и на институционално ниво, а особено во општествениот, јавен дискурс, во најмала рака изгледаат шизофрено и немаат никакви допирни точки со толку извиканите „европски вредности“ на кои често се повикуваат – вели Гоце Панговски.

Постојат многубројни историски документи што не се објавени

До редакцијата на „Нова Македонија“ пристигна факсимил од историски документ што се наоѓа во бугарските архиви, документ што досега не е објавен. Конкретно споменатиот документ се наоѓа во бугарскиот Централен државен историски архив и е заведен во фондот под број 1949 и се однесува на документи што се поврзани со македонскиот деец Владимир Руменов.
Заглавието на архивската единица, како што може да се прочита од факсимилот, гласи: „Писмо од непознат автор до Владимир Руменов по создадената од султанот конституција за македонскиот народ“. Како место и датум на документот се посочени Софија и 16 јули 1908 година, а неговата содржина се однесува за реформите што требало да ги подобрат политичките услови во Македонија од страна на османлиската држава. Но особено е интересен насловот на документот каде што јасно се вели дека конституцијата е создадена за „македонскиот народ“.
Повеќемина научни истражувачи, професори и историчари посочуваат дека во бугарските државни архиви, како и во архивот на Македонскиот научен институт од Софија, постојат уште многу слични документи што јасно го посочуваат македонскиот карактер на историски случувања и настани. Тие ги повикуваат бугарските институции да се откажат од досегашните пречки со кои се соочувале многумина, како што е дискрециското право на архивот дали ќе дозволи пристап до побaраниот фонд или неодамнешното „мистериозно“ исчезнување на повеќе фототипни изданија што се наоѓаа во електронски формат при бугарската Национална библиотека „Св. Кирил и Методиј“ во Софија.

Бугарските историски манипулации не се нова појава

Сомневања во веродостојноста на историските извори што се објавени во Бугарија искажа и Гане Тодоровски во статијата „Можно ли е нужно ли е датирањето на македонската нација“. Во споменатата статија, македонскиот академик ги анализираше објавените спомени на Иван Хаџи Николов, еден од основачите на Македонската револуционерна организација (МРО), и притоа укажа на одредени пропусти од страна на запишувачот Христо Шалдев. Гане Тодоровски, кој го имал во увид оригиналниот запис на спомените на Хаџи Николов, укажа на интервенции во содржината на објавени спомени, промени што имале цел да го релативизираат македонскиот карактер на македонското револуционерно движење од крајот на 19 век.
Речиси идентична појава забележа и проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев од Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје. Тој посочи сличен проблем со спомените на Даме Груев, кои беа запишани од страна на бугарскиот професор Љубомир Милетич. Ѓорѓиев нагласува дека спомените на Даме Груев од страна Милетич биле објавени во две варијанти. Првата варијанта била објавена во 1907 година во весникот „Македоно-одрински преглед“, а втората варијанта во 1927 година.
Професорот Ванчо Ѓорѓиев, кој извршил компаративна анализа на двете варијанти на единствените спомени на Даме Груев, вели дека двата текста на некои места значајно ce разликуваат, a одредени делови од едната, воопшто не постојат во другата варијанта. Милетич при редактирањето на спомените вршел селекција и изоставање на одредени искажувања од страна на Даме Груев. Поради тоа, спомените треба да се користат со висока доза на резерва, вели проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев од Институтот за историја. Д.Ст.