Посета на бугарскиот премиер Богдан Филов на фашистичка Италија во придружба на диктаторот Бенито Мусолини

Наспроти постигнатиот консензус на бугарските ревизионистички историчари за улогата на фашизмот во бугарската држава од дваесеттите години на 20 век до 1944 година, но и за придонесот на Бугарија во севкупната светска трагедија што ја предизвика фашизмот во Втората светска војна и нејзината деструктивна улога на окупатор на Македонија во тој период, бугарскиот писател и драматург Стефан Цанев на бугарската јавност ѝ претстави сосема поинакви докази и фактографија за придонесот на Бугарија во севкупната светска трагедија што ја предизвика фашизмот во Втората светска војна, како и за нејзината деструктивна улога на окупатор на Македонија во тој период

Во Бугарија остри јавни соочувања за историските вистини

Во настојувањата на Бугарија преку евроинтегративните механизми да ѝ ја наметне на Македонија својата верзија на историјата како „заедничка“ (како што е наведено во Договорот за добрососедство од 2017 година), оваа земја-членка на ЕУ остана „непријатно изненадена“ од македонската упорност да не отиде во заборав бугарската улога во Втората светска војна, односно историските периоди кога Бугарија ја одбира погрешната страна на историјата и нејзиниот статус на лојален сојузник на фашизмот и нацизмот. Како еден од најголемите аргументи на Бугарија пред ЕУ за ветото што ѝ го наметнуваше на Македонија за почеток на преговорите беше наводниот наш „говор на омраза“ препознаен во квалификацијата „бугарска фашистичка окупација“ на македонските споменици и историски учебници, во кои се говори за настаните и состојбите во Македонија за време на Втората светска војна. Обидувајќи се да ја забошотат, избледнеат или целосно да се амнестираат од одговорноста за улогата и злосторствата сторени во Втората светска војна, како окупациска сила, неодамна бугарските историчари одржале тркалезна маса, на која постигнале „внатрешен консензус“ дека од 1934 до 1944 година „Бугарија не била фашистичка држава“, наспроти сите факти и докази во светската историографија.

Тркалезна маса за постигнување внатрешен консензус на бугарските историски ревизионисти

Една од причините поради која бугарските историчари излегле со ваков став биле честите посочувања од колеги историчари од Македонија на историски факти и документи од овој период, неприфатливи за бугарската ревизионистичка „историографија“, но секако прифатливи за балканската, европската и светската историографија. Како бугарските историски ревизионисти го толкуваат тој дел од нивната историја.
– Бугарската историска заедница одамна, повеќе од 30 години, не го користи терминот фашизам кога зборуваше за владеењето во Бугарија во периодот 1934-1944 година – изјави проф. Даниел Вачков, директор на Институтот за историски студии при Бугарската академија на науките. Според него, во историскиот еснаф има јасен консензус дека владеењето пред 9 септември не може да се дефинира како фашистичко.
– Да, тоа е авторитарно и многу отстапува од демократијата, но не носи белези на фашистичка власт… Бидејќи многу луѓе, па дури и медиуми кај нас не беа свесни дали има причина да нѐ обвинуваат за фашизам, одржавме тркалезна маса. На него, со многу сериозни аргументи, ја изнесовме тезата дека нема шанси власта во Бугарија да се дефинира како фашистичка, бидејќи низа критериуми не го дозволуваат тоа. Имаме јасно наведени модели, како што се фашистичка Италија и нацистичка Германија. Кога ќе се споредиме со овие модели, ја гледаме огромната разлика, што не ни дава основа да зборуваме за фашизмот кај нас – објаснува бугарскиот професор Вачков. Главните аргументи за заклучокот од тркалезната маса на водечките бугарски историчари за ова прашање се: Во Бугарија не се создава водечка фашистичка партија.. Фашизмот никогаш не дошол на власт во Бугарија.. Фашистичките организации не учествувале во владеењето на земјата во текот на целиот период од 1920-тите до есента 1944 година… Власта на земјата од 1934 до 1944 година била авторитарна, но не и фашистичка. За целата деценија од своето постоење, политичкиот режим останал целосно непартиски.

Бугарски фактографисти посочуваат на фактите, историската вистина и документи, но и на етичката страна – извинување на официјална Софија

Наспроти постигнатиот консензус на бугарските ревизионистички историчари за улогата на фашизмот во бугарската држава од дваесеттите години на 20 век до 1944 година, но и за учеството на Бугарија во севкупната светска трагедија што ја предизвика фашизмот во Втората светска војна и за нејзината деструктивна улога на окупатор на Македонија во тој период, бугарскиот писател и драматург Стефан Цанев токму на бугарската јавност ѝ претстави сосема поинакви докази за тоа како и колку Бугарија партиципирала во севкупната светска трагедија што ја предизвика фашизмот во Втората светска војна, како и за нејзината деструктивна улога на окупатор на Македонија во тој период.
– Малку ми е страв да говорам за таа тема, зашто е многу болна, но постои една максима кон која ќе се придржувам: Имено, „Ако во еден скандал меѓу две страни отстапи послабиот, тоа е пораз, но ако отстапи посилниот, тоа е благородност“. Во случајов треба малку да се замислиме за тоа. Јас сум од луѓето што мислат дека таа омраза на жителите на Македонија спрема Бугарија има своја основа. Навистина, во минатото било дозволено правење големи грешки и гревови спрема Македонија. Уште од почетокот на Илинденското востание. Сите тогаш се надевале дека Бугарија ќе се определи и ќе им помогне да се ослободат. Бугарија дури ниту протестна нота не испратила до Турција за тоа што се случило. Никаква помош. И оттогаш започнува тоа оддалечување за кое зборуваме сега. И не е во ред да го премолчуваме и другото што се случува подоцна. Има и предавнички акт, ние сме направиле таен договор за поделба на Македонија меѓу Грција, Србија и Бугарија. Тоа мислам дека не е никаква тајна и сега фанатично се одвива битката за српскиот дел на Македонија. Инаку, бугарскиот дел е во Бугарија, грчкиот дел е во Грција. И најтешкото нешто што би требало да го погледнеме со отворени очи, ако можеме, е тоа што сме го правеле до 1943 година, кога сме ја претставувале фашистичката власт на Германија. Тоа дека ние не сме учествувале во Втората светска војна со армија, не е точно. Ние учествуваме во окупацијата на Балканскиот Полуостров со 200.000 војници, а тоа се 16 дивизии. Околу 50.000 војници имало во Македонија. Сега да си замислиме дека ме гледаат и што ќе зборуваат утре, но да го прочитаат дневникот на Богдан Филов и таму ќе се види точно каде биле распоредени тие дивизии и неговото сведоштво за Македонија во 1943 година, мислам дека е во месец ноември, кога основното прашање е за „избеганите во шумата“, како што пишува тој. Тој пишува со жалење дека нашата армија јавно стрелала 12 момчиња како казна за оние што избегале. Добро замислете се. Го кажувам ова со голема болка, но не е во ред да не се каже. Тоа е основната причина. И можеби е потребно извинување. Не знам како оди тоа – ги искажа писателот Стефан Цанев за бугарски медиум своите познавања за историските релации меѓу Македонија и Бугарија, во кои ја согледува причината за македонското неприфаќање на бугарската верзија за „заедничка историја“, што во Бугарија се сака да се толкува како „говор на омраза“.
Во секој случај, вистината, фактите во историјата, документите и артефактите не можат вечно да бидат заклучени во бугарските архиви, особено оние што сведочат за фашистичкото минато и злоделата на бугарската држава од периодите кога во историјата се одлучила да ја одбере погрешната страна на историјата. Со нив конечно, бугарската јавност треба да се соочи, а политиките на официјална Софија, особено кон Македонија, македонскиот народ, историја, јазик, култура, да почнат одново. Тоа значи дека за градење такви односи се неопходни здрави темели, нов договор, со уважување, почитување и признавање на македонскиот народ, јазик и белези. Тоа е цивилизациски, демократски и етички чин на чесност. Може да започне со еден длабоко морален акт на извинување… Соседни држави и народи сме, а соседот, како што вели и една стара народна поговорка, се наоѓа и во добро и во лошо, дури повеќе отколку брат. Ете, не сме браќа, но веројатно добри соседи може да бидеме.