Фото: Игор Бансколиев

Новата даночна рамка е дел од Стратегијата за реформа на даночниот систем со важност до 2025 година и во неа се утврдени главните цели на даночните реформи, како воспоставување праведен, ефикасен и модерен даночен систем што овозможува стабилни приходи, економски раст и подобри услуги за граѓаните. Во стратегијата се наведени пет приоритети, а мерките за спроведување на даночните реформи ќе бидат спроведувани постепено и се поделени во неколку групи

Нема воведување нови даноци, ревидирање на даночните ослободувања, проширување на даночната основа и целосно сузбивање на неформалната економија се главните принципи на кои се потпира новиот концепт на даночна реформа, кој беше усвоен на последната седница на Владата. Новата даночна рамка е дел од Стратегијата за реформа на даночниот систем (2021-2025), каде што се утврдени главните цели на даночните реформи, поставени на неколку приоритети: воспоставување праведен, ефикасен и модерен даночен систем што овозможува стабилни приходи, економски раст и подобри услуги за граѓаните. Овој нов концепт, според подносителот, односно Министерството за финансии, значи дека ќе нема нови даноци и зголемување на даночните стапки, туку проширување на даночната база. Македонија има широка листа на производи, во која се вклучени над 3.000 тарифни броеви. Сега таа листа ќе се ревидира и ќе се прави во согласност со новата тарифна ознака што се користи во ЕУ. На таа листа со повластена стапка остануваат сите основни производи и домашни производи што се користат кај нас, но ќе се ревидираат луксузните производи.
Во новите даночни реформи данокот на личен доход останува со една ставка од 10 отсто. Тоа што е значајно, се укинува прогресивното оданочување, кое требаше да стапи во сила на 1 јануари 2023 година. Данокот на добивка останува 10 отсто и нема да се зголемува. Данокот на додадена вредност останува 18 отсто, додека каматите на депозитите и штедните влогови нема да се оданочуваат.
Како прв приоритет во стратегијата за даночни реформи се наведува поголемата праведност во оданочувањето, односно секој да ја исполнува својата општествена обврска и да го плаќа својот праведен удел од данокот. Вториот приоритет е поголема ефикасност и ефективност на даночниот систем за подобра наплата на приходите, третиот приоритет се однесува на зголемена даночна транспарентност, четвртиот приоритет е подобар квалитет на услугите и петтиот приоритет е еколошко (зелено) оданочување, односно стимулирање на даночните обврзници да го намалат своето однесување и активностите што придонесуваат за загадување, користење обновливи извори на енергија, заштита на природните ресурси и поттикнување одржлив економски развој, како и подобрување на квалитетот на животот.

Мерките за спроведување на даночните реформи ќе бидат спроведувани постепено и се поделени во неколку групи. Мерките од првата група се однесуваат на данокот на добивка, данокот на личен доход и данокот на додадена вредност. Со неа се опфатени законски решенија со кои се проширува даночната база и се опфатени дел од даночните ослободувања и олеснувања во постојниот систем.
Втората група мерки подразбира измени на законите со кои се опфаќаат даноците и даночните политики со кои ќе се намали административниот товар за даночните обврзници, но и за Управата за јавни приходи. Со овие решенија ќе се спречи злоупотреба на даночно ослободување и даночна евазија. На пример, со новиот концепт се утврдува механизам со кој ќе се оневозможи злоупотреба на системот за ослободување од данок на добивка при реинвестирање. Задолжувањата при злоупотреба, односно казните би биле петкратно повисоки од самото искористено ослободување од данок на добивка.
Третата група на мерки од новиот концепт се однесува на измена на неколку законски решенија што содржат даночни прашања. Тоа се Законот за вработување на инвалидни лица и Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, како и мерки за кои е потребно донесување нов закон за доброволно социјално осигурување. Со новиот концепт се предлага и соодветно решение и за хонорарците. Со ова решение, хонорарците доколку сакаат, на доброволна основа, односно по сопствена волја, ќе можат самостојно да ги регулираат придонесите за пензиско и здравствено осигурување. Се предлага е креирање дигитална платформа на која хонорарците ќе можат да се регистрираат и да изберат од неколкуте опции со кои би имале здравствено и пензиско осигурување, на доброволна основа.

Ова решение би се имплементирано преку посебен закон за социјално осигурување на доброволна основа, кој би се применувал од 1.1.2024 година, и тоа по развој и имплементација на платформата за регистрирање на т.н. фриленсери.
Во четвртата група на даночни решенија се опфатени неколку нови иницијативи во делот на данокот на додадена вредност, односно во регулатива за повластени даночни стапки. Една од новините во оваа група мерки е намалувањето на стапката на ДДВ од 18 отсто на пет отсто за производи за менструална хигиена како наш придонес во борбата со менструална сиромаштија. Во овој дел со новини, исто така се разгледува можноста да се воведе привремено оданочување на екстра профитите, односно дополнително оданочување на профитот од најголемите компании, кои имаат генерирано натпросечни профити за време на енергетската криза. Оваа новина би била уредена со посебен закон и во моментов е во фаза на разгледување, а сите детали ќе бидат споделени со јавноста во наредниот период. М.Ј.


Основи на даночните реформи

  • не се предвидуваат нови даноци
  • не се предвидува зголемување на даноците
  • данокот на личен доход останува со една стапка од 10 отсто
  • се укинува прогресивното оданочување, кое требаше да стапи во сила на 1.1.2023 година
  • данокот на добивка останува 10 отсто и не се зголемува
  • данокот на додадена вредност останува 18 отсто и не се зголемува
  • каматите на депозитите и штедните влогови нема да се оданочуваат

Приоритети на даночните реформи

  • поголемата праведност во оданочувањето
  • поголема ефикасност и подобра наплата на приходите
  • зголемена даночна транспарентност
  • подобар квалитет на услугите
  • еколошко (зелено) оданочување
  • заштита на природните ресурси
  • поттикнување одржлив економски развој