Мора да се качиме на брзата патека за Европската унија (ЕУ), во спротивно ќе останеме во меѓународна изолација како што беше во периодот од 2006 до 2017 година, изјави вечерва министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
-Често кажувам дека ако нема европска можност оваа држава тешко дише. Европската идеја нас ни дава сила, ни дава гориво за реформи, ни е лепак за меѓуетничките односи, ни е кислород за државата. Без тој процес се плашам дека ќе почнеме да се гушиме како држава во изолација- рече Османи во интервју на ТВ Сител.
Според него, важно прашање за иднината на државата се уставните измени кои, како што рече, мора да се случат.
-Тоа е навистина премногу важно прашање за иднината на државата. Ако се стопираат преговорите во ноември, Албанија ќе ги продолжи преговорите, ние влегуваме во една сериозна фаза, а можеби и декада на изолација. Се создава нова патека во регионот пред се заради Украина. Таа доби кандидатски статус по најбрза можна патека, најверојатно ќе добие и преговори, а тоа е важно и геополитички прашање. Европската Унија не може да прескокне на Украина, без да даде шанса на Западен Балкан. Ќе се создаде една патека и заради дијалогот Србија-Косово. Ние сме тука во можност да не се качиме на таа брза патека, да влеземе во период како во 2006-2017 година во една меѓународна изолација – додаде Османи.