Втората македонска ударна бригада запретана во историјата?! Тоа не води кон добро. Македонските политички субјекти што го користат ваквиот начин за подигање на сопствениот рејтинг се екстремни националисти, кои не можат да бидат дел од изградбата на европска Македонија, децидни се нашите соговорници, професори и високи интелектуалци

Афирмирањето на екстремен национализам и Сецесионизам во македонското општество стана прифатливо секојдневие!?

Обидите за ревидирање на историјата и промовирање на великоалбанскиот национализам и шовинизам, преку нагласениот великоалбански декор, иконографија, агресивна симболика и пораки, се спротивни на македонскиот устав и закони и ги нарушуваат суверенитетот и интегритетот на македонската држава. Општествената и пошироката јавност ги препозна и ги осуди овие постапки и побара одговорност. Дали и надлежните институции ќе ги препознаат овие поведенија, кои имаат потенцијал за насилно уривање на уставниот поредок?
Последните случувања во македонското општество покажуваат дека добар дел од домашниот албански политички фактор не се ослободил од сеништата на минатото, ревизионизмот за историските вистини и од шовинизмот. Универзитетските професори и експерти посочуваат дека во услови кога некој однадвор се обидува да ја ревидира македонската историја и кога некој отворено ги негира македонските национални особености – јазик, историја, култура итн., последните чекори на албанските фактори на истиот начин однатре ја подриваат македонската држава, имаат експлозивен потенцијал да предизвикаат влошување на меѓуетничките односи и негативно да се одразат во општеството. Пошироката јавност побара одговори од надлежните институции, Владата, Министерството за внатрешни работи, Министерството за локална самоуправа, но и од локалните власти за дејствата што се спротивни од македонскиот устав и со кои се нарушува суверенитетот на македонската држава. Од друга страна, историчарите велат дека со последните случувања се промовираат вредности што се спротивност од македонската државност, која има свој историски наратив врз основа на историската вистина, факти и аргументи, има изградено своја матрица. Според аналитичарите, последните случувања се всушност афирмирање на великоалбанската идеологија, идеологија што има територијални аспирации кон Македонија, но и кон соседните држави. Сосема логично, македонските граѓани прашуваат зошто се дозволува и толерира нарушувањето на суверенитетот, владеењето на законите и правото на цела територија на унитарна Македонија? Зошто се нарушуваат територијалниот интегритетот и целовитост на Македонија како држава?

Ревизијата на историја ја нарушува македонската државност

Во однос на последните настани што се поврзани со преименувања на неколку улици во Скопје, собирите на албански граѓани во земјава на кои флагрантно се демонстрираат елементи на шовинизам и на сецесионизам, со свој став и видување излегоа и неколку еминентни универзитетски професори, експерти и историчари, кои укажаа на оваа негативна пројава. Според нив, Македонија како држава има своја историска матрица, која се темели врз антифашистичката борба и одлуките на Првото заседание на АСНОМ од 2 август 1944 година. Афирмирањето албански личности што се поврзани со борбата против стремежите за создавањето на македонската држава е штетно, бидејќи на тој начин се нарушува државниот карактер и интегритет на Македонија. Македонските историчари исто така посочуваат дека некои улици сега се именувани според соработници на италијанските и бугарските фашисти, како што беше именувањето според Суљо Отља, воен командант на „Бали комбетар“ и борец против македонското антифашистичко движење, нешто што е спротивно од темелите на македонската државност.
Од друга страна, некои од улиците во главниот град беа именувани според личности што идеолошки се поврзани со великоалбанизмот и великокосовскиот национализам. Во оваа конотација треба да се спомене и неформалната посета на косовскиот премиер Албин Курти на свеченото преименување на улицата Втора македонска ударна бригада во Адем Демачи, без видливо присуство на македонските државни симболи.
Проф. д-р Катерина Тодороска од Институтот за национална историја посочува дека Адем Демачи нема никакви суштествени врски со македонската држава. Според Катерина Тодороска, тој е важна личност за косовските граѓани, а секако и за косовскиот премиер Курти/
– Адем Демачи е албански писател и политичар, кој своето образование го стекнал во Приштина, Скопје и Белград. Во СФРЈ повеќепати бил затворан поради неговите радикални ставови во врска со албанското прашање во Косово и Метохија, поради што се стекнал со голем углед среде албанското население на Косово. Тој бил раководител на политичкото крило на ОВК, учествувал на преговори во Франција, каде што очекувал дека ќе се дадат гаранции за независноста на Косово, а откако не се случило тоа, Демачи поднел оставка од ОВК. Подоцна, политички се активирал во движењето „Самоопределување“ на Албин Курти. Починал во 2018 година во Приштина, каде што бил погребан со сите почести. Вака гледајќи, Демачи нема ништо допирно со Македонија -оценува проф. д-р Катерина Тодороска.

Великоалбанизмот на најсилно!

Неформалната посета на косовскиот премиер Албин Курти покажа дека последните случување не се поврзани само со ревидирање на историјата туку и со промовирање на великоалбанскиот национализам и шовинизам, нешто што беше очигледно од великоалбанската симболика, а притоа на настанот не беше интонирана македонската државна химна, ниту имаше македонско знаме. На овој начин се прекршува Уставот, а наедно и суверенитетот на македонската држава, нешто што не треба да биде дозволиво. И неколку еминентни универзитетски професори и експерти излегоа со свое видување за последните политички настани што предизвикаа бурни реакции кај македонските граѓани. Според проф. д-р Билјана Ванковска, промената на името на една улица е чин и назнака за тоа кој каде стои на политичката сцена во албанскиот блок.
– Преку симболичен судир на Адем Демачи (не со партизанската бригада туку со) Ибрахим Ругова, двете фракции на ДУИ и другите помали партии си ги утврдуваат политичките позиции и агенди. Колку подлабоко, толку подобро. Верувале или не, лидерот на УЧК е сега (симболички) на страната на Ругова, а опозиционерите сакаат да бидат УЧК наместо УЧК, т.е. поголеми радикали од Ахмети и ДУИ. Опонирајќи на корумпираните и улежени/нафатирани кадри на ДУИ, тие не нудат демократски и либерални принципи, туку нешто сосема друго. Албанските новинари и интелектуалци аплаудираат и фаќаат страни – вели проф. д-р Билјана Ванковска
Со свој став излезе и професорката Мирјана Најчевска, која запраша дали името на Демачи е ставено во листата на имиња што ја има одобрено Владата?
– Ако не е, тогаш преименувањето е ништовно. Однесувањето на Курти е еднакво на бугарските асимилационисти и од Македонија прави непријател на Косово. Македонските политички субјекти што го користат Курти за подигање на сопствениот рејтинг се претставуваат како екстремни националисти, кои не можат да бидат дел од изградбата на европска Македонија – нагласува Најчевска.
Последните настани поврзани со посетата на косовскиот премиер Албин Курти ги коментираше и проф. д-р Солза Грчева, која нагласи дека очекува една улица во Холандија да биде именувана според неа, бидејќи живеела и работела таму.
– Ете, толку има врска со Македонија Адем Демачи, косовски Албанец, борец за голема Албанија. Втората македонска ударна бригада летна од историјата, како што набргу ќе лета сѐ што е поврзано со антифашистичката борба. Но, доста со плачење. Никој не ни е крив. Се сети некој да именува нешто по имињата на масакрираните од Вејце, Карпалак, полицајците од Диво Насеље? Или се плашиме да не го нарушиме „братството и единството“, фалсификувајќи ја и запретувајќи ги во заборав оние што ја бранеа државата – нагласува Солза Грчева. Д.Ст.


Конечно остра и бескомпромисна реакција на претседателот Пендаровски

Промовирањето великодржавни шовинистички идеи претставува разгорување етничка омраза и нетрпеливост

Истакнувањето провокативна националистичка иконографија што промовира великодржавни шовинистички идеи претставува разгорување етничка омраза и нетрпеливост, со што недвосмислено се напаѓаат основните принципи и вредности на рамковниот договор, како и концептот на Македонија како мултиетничка држава, се наведува во реакцијата на македонскиот претседател Стево Пендаровски за посетата на косовскиот премиер Албин Курти на општините Тетово и Чаир.
– Организаторите на јавните собири во Тетово и во Чаир мора да бидат законски санкционирани за прекршувањето на законските одредби во однос на употребата на државното знаме и химна и знамињата и симболите на заедниците, со целосно игнорирање на симболите на државата. Во таа насока ги повикувам надлежните органи во најкраток можен рок да ги завршат пропишаните постапки – нагласува Пендаровски.
Тој побара надлежните институции да ја проверат и законската процедура околу преименувањето на улицата во општината Чаир.
– Начинот на реализација на идејата за преименувањето на улицата во општината Чаир е во спротивност со принципот на демократска дебата и почитување на историското наследство на сите заедници во државата. Во таа смисла, очекувам надлежните инспекциски служби да проверат дали при носењето на одлуката е почитуван принципот на двојно мнозинство, кој треба да ги вклучува и гласовите на заедниците што не се во мнозинство во таа општина – се наведува во реакцијата на Пендаровски.