Фото: Игор Бансколиев

Во меѓународното право и во релевантните меѓународни институции се оперира со термините мнозинство и малцинство, односно во актите со кои се регулираат основните човекови права се зборува за малцински права, како дел од оваа правна материја. Бугарија и понатаму опстојува на негирање на постоењето на македонското малцинство во својата држава, но и воопшто на македонскиот народ во Македонија. Всушност, тоа негирање на македонскиот народ е со асимилаторски мотив, за Македонците во ЕУ да бидат препознаени како Бугари. Токму формулацијата „дел од народ“ во преамбулата на македонскиот устав е „тројанскиот коњ“ за ваквите (не)скриени бугарски намери, меѓутоа и на намерите на едно друго малцинство

Растегливите и нејасни категории, како што е „делови од народ“ во Уставот, ја разводнуваат државотворноста на македонскиот народ

Процедурите за менување на македонскиот устав, според условот од францускиот предлог за ефективно отворање на преговарачкиот процес со ЕУ, веќе се насочуваат кон Собранието, откако на седница на Владата се разгледува предлог-иницијативата на работната група. Иако и понатаму не се создадени услови за изгласување потреба за отворање на Уставот, бидејќи опозициските пратеници опстојуваат на ставот дека нема да учествуваат во постигнувањето двотретинско мнозинство во Собранието, претседателот Пендаровски порача дека е добро да започне процедурата за „јасно да се издиференцира проевропски и антиевропски блок“ (?!). Причината за барањето на овие уставни измени е внесувањето на Бугарите (иако покрај нив ќе бидат додадени и уште три-четири други народи) во преамбулата и уште некои членови од нормативниот дел на македонскиот устав, кои се наведени во предлог-иницијативата, подготвена од работната група на Министерството за правда.
Анкетите покажуваат сериозен анимозитет во македонската јавност за уставните измени, а тоа нерасположение многу често (неправилно) се толкува како отпор за уставно факторизирање на Бугарите. Причините за последново навистина има и историски корени, поткрепени со актуелни политички акти насочени кон негирање на македонското национално постоење од страна на Бугарија. Но ако се гледа пошироката слика, додавањето на Бугарите во македонскиот устав можеби и не би бил толкав проблем, доколку во него цврсто се дефинирани носителот на државноста и државотворноста на македонскиот народ!

Професорот Шкариќ: Државотворни се и сите што се наведени во преамбулата на Уставот како „дел од народ“!

Имено, според актуелниот текст на преамбулата на Уставот, еднакво државотворни се: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ…“, што, според стручните познавачи на уставната материја, не ги одразува состојбата и фактот дека Македонија е единствената матична држава на македонскиот народ и дека таа е создадена со неговиот државотворен стремеж и борба за државна самостојност. За таквата недефинираност на статусот на македонскиот народ (и преференцијалниот статус даден на другите „делови од народи“ што живеат во Македонија) во Уставот на Македонија придонесува и нестандардната формулација за малцинствата, токму напишани во преамбулата како „дел од народ“.
– Неоспорна е државотворноста на македонскиот народ за државата Македонија, поради неговата историска борба, а и затоа што е мнозински народ. Но истовремено, државотворни се и сите што се наведени во преамбулата на Уставот како „дел од народ“. Во суштина се работи за малцинства, но поради одредени ситуации во минатото, при менување на Уставот во 2001 г., за да се задоволат барањата и на мнозинството и на малцинствата (особено на едно малцинство), дојдено е до таа специфична македонска уставна формулација – „дел од народ“. Постојат „легенди“ (бидејќи нема документирани записници од процесот на договарањето на уставните измени во 2001 година) дека формулацијата „дел од народ“ ја напишал Хавиер Солана, тогашниот комесар за надворешна политика на ЕУ. Но очигледно не биле земени предвид сите аспекти на таквата формулација, зашто во меѓународното право, самоопределувањето со право на отцепување се врзува со терминот – народ – вели универзитетскиот професор по уставно право Светомир Шкариќ.
Во меѓународното право и во релевантните меѓународни институции се оперира со термините мнозинство и малцинство, односно во актите со кои се регулираат основните човекови права се зборува за малцински права, како дел од оваа правна материја. Во многу извештаи на меѓународните организации што го следат почитувањето на малцинските права се нагласува дека Македонија дури и ги надминува воспоставените меѓународни стандарди. Но, за жал, не може истото да се каже за почитувањето на правата на македонското малцинство во соседните земји, особено оние што се членки на ЕУ, како Грција и Бугарија. Дури злоупотребувајќи го членството во Унијата, Бугарија врши притисок за внесување на Бугарите во македонскиот устав, без никаква намера за реципроцитет во однос на македонското малцинство во Бугарија. Напротив, Бугарија и понатаму опстојува на негирање на постоењето на македонското малцинство во својата држава, но и воопшто на македонскиот народ во Македонија. Всушност, тоа негирање на македонскиот народ е со асимилаторски мотив, за Македонците во ЕУ да бидат препознаени како Бугари.

Тројанскиот коњ во Уставот

Токму формулацијата „дел од народ“ во преамбулата на македонскиот устав е „тројанскиот коњ“ за ваквите (не)скриени бугарски намери.
– Опасноста од ваков уставно-политички маневар преку формулацијата „дел од народ“, со внесување на Бугарите во македонскиот устав е многу реална. И претходно, оваа формулација придонесуваше за да не бидат докрај изразени во Уставот суверенитетот и државотворноста на македонскиот народ во македонската држава. Не е спорно со македонскиот народ, како мнозински, и другите малцинства да бидат носители на сувереноста, но мора да се истакне фактот дека Македонија е единствената матична држава на македонскиот народ. Се чини дека од 1991 година, од воспоставувањето на независноста, таа сувереност на македонскиот народ почна да се нагризува, а особено тоа е нагласено од 2001 година. Од меѓународната заедница, каде што се оперира со терминот „малцинства“, кога се зборува за малцински права, постојано ни се сугерираше за уставни формулации, кои ќе го задоволат и мнозинскиот народ и малцинствата. Но таквите сугестии во континуитет го нагризуваа суверенитетот на македонскиот народ. Според сегашниот устав, и изразените тенденции за негово менување, Македонија е држава на збир од народи, во која сите имаат ист суверенитет и од таму црпат сили да посегнат по интегритетот на македонската држава и да биде загрозена политичката, културна и историска содржина на македонскиот народ. Така што додавањето на Бугарите, кои не ја признаваат посебноста на македонскиот народ, во Уставот на Македонија, воопшто не е само техничко, туку суштинско прашање, кое навестува на чекор за губење на сувереноста на македонскиот народ – вели историчарката Наташа Котлар-Трајкова.