Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ние ќе работиме да има избори, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при посетата на општина Кисела Вода во рамките на активноста „Промените се случуваат, секогаш со народот“.

За да се спроведат тие реформи кои што ги планирa ВМРО-ДПМНЕ, за да може Македонија да оди напред, дел од тие закони зависат од условот бадинтер.

– И затоа се обидов еве на отворена сцена да правиме измени кои што се оние проценти во Уставот, да нема бадинтер, да нема балансер, луѓето да напредуваат согласно своите компетенции и знаења и вештини. И да може да ја водат државата оние кои што народот ги одбрал. Ако народот го одбрал ВМРО-ДПМНЕ со 61 пратеник, тогаш да ја води државата ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која што тој ќе ја состави. Но, поради тој услов бадинтер ќе мора ние да ја адаптираме таа коалиција. И затоа сум убеден дека опозиционите, условно кажано, албански партии на следните предвремени парламентарни избори ќе го поразат ДУИ. И мислам дека е време ДУИ да помине одреден период во опозиција – нагласи Мицкоски.

Тој најави дека в понеделник на седница на партискиот Извршен комитет ќе се отвори дискусија за следните чекори што ќе ги преземе партијата во однос на блокадата на Собранието.

Во изјава за медиумите, Мицкоски рече дека остануваат на ставот да се блокираат сите закони кои ВМРО-ДПМНЕ ги смета за штетни, но нема да бидат блокирани оние законски решенија кои се од интерес на граѓаните. Ова е стратегија што ќе трае, нема да биде инстант акција.

– Се што не е од интерес за граѓаните, ние ќе го блокираме во Парламентот, како прв чекор. В понеделник, ќе имаме седница на Извршниот комитет и ќе отвориме дискусија за вториот и за третиот чекор. Ова е стратегија што многу ќе трае. Нема да биде инстант-акција која што ќе заврши денеска или утре. Не очекувам дека луѓето туку така ќе ја напуштат фотелјата – изјави Мицкоски.


Политичарите во Брисел да си го одржат ветеното

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при денешната посета на општина Кисела Вода одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали мисли дека постојат шанси за достоинствено тргање на ветото на македонско-бугарската средбата која неверојатно ќе се случи на 22 мај во Скопје, истакна дека или Македонија ќе биде понижена од страна на хегемонистичките барања на Бугарија или ветото нема да биде тргнато.

– Не, не мислам дека постојат шанси за достоинствено тргање на ветото. Или ќе бидеме понижени и омаловажени од страна на хегемонистичките барања на нашиот источен сосед или нема да биде тргнато ветото и тоа е моја позиција, позиција на ВМРО-ДПМНЕ – истакна Мицкоски.

Тој уште еднаш упати порака до политичарите во Брисел да го исполнат тоа што го ветуваа за Македонија конечно да ги почне преговорите за влез во ЕУ без недостоинствени отстапки.

– Повторно еве ја користам оваа прилика да упатам порака до Европа, до Европската Унија, исто така како што се обединети околу руската агресија во Украина да бидат обединети околу политичката агресија на Бугарија врз Македонија и да ни дозволи конечно да ги почнеме тие преговори без било какви условувања без било какви понижувања и без било какви недостоинствени отстапки, бидејќи јас бев сведок кога истите тие политичари од Брисел ветуваа дека оној срамен Преспански договор е последната отстапка што оваа држава треба да ја направи пред да стане полноправна членка на НАТО и да ги почне преговорите за полноправно членство во рамките на ЕУ – потенцираше Мицкоски.