Со зачленувањето во НАТО пред три години исполнивме еден од најважните надворешно-политички приоритети на Северна Македонија и трајно го обезбедивме нејзиното место во евроатлантското семејство на држави, а сега е потребно да се фокусираме на обврските кои се пред нас на европскиот пат и членството во ЕУ, порача денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во обраќањето на традиционалниот НАТО појадок со амбасадорите на членките на Алијансата, организирам во чест на годишнината од членството на земјава во Северноатлантскиот пакт.
– Членство во НАТО е потврда и признание на нашите долгорочни државни напори и сеопфатните реформи. Ова е наш заеднички успех на кој сме горди и кој сега треба да ни биде поттик за следниот предизвик, а тоа е продолжување на процесот на преговори со ЕУ. Денес сме држава членка на НАТО и стоиме уште поодговорно пред иднината и европската перспектива на државата – рече Маричиќ.
Тој порача дека денес славиме три години безбедност, стабилност, сигурност и размислуваме за следните сериозни задачи и обврски кои се пред нас.
– Руската воена агресија врз Украина покажа дека колку и да звучеше пред пет години промената на Уставот апсурдна, денес гледаме колку е важно за нас членството во НАТО – потенцира Маричиќ.
Вицепремиерот додаде дека целото македонско општество денес е дел од НАТО, не е само Владата или која било партија и дека членството е успех на целата држава, на секој граѓанин и на сите оние кои сакаат европска, демократска и просперитетна Северна Македонија.
– Убеден сум дека со одговорниот однос кој го имаме кон реформите во пристапните преговори со ЕУ и успешните уставни измени ќе успееме во достигнување на целта, Северна Македонија до 2030 да биде успешна европска приказна – изјави Маричиќ.
Појадок со амбасадорите на земјите членки на НАТО се одржа во Клубот на пратеници во организација од Министерството за надворешни работи и на него се обратија и премиерот Димитар Ковачевски, шефот на дипломатијата Бујар Османи и украинската амбасадорка во земјава, Лариса Дир.